Израелските воздухопловни сили утрината го бомбардираа југот на Газа. Хамас пак, во текот на ноќта соопшти дека загинале 62 лица во Појасот Газа.
Според очевидци, израелските авиони ги засилиле нападите врз Кан Јунис, градот кој беше епицентар на борбите во последните недели, пренесува AFP.
Судирите продолжуваат и во моментот на посетата на шефот на американската дипломатија Антони Блинкен на Блискиот Исток, во обид да се запре ширењето на конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Блинкен денеска во Каиро ќе се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, чија земја одигра клучна улога во воспоставувањето еднонеделно примирје кон крајот на ноември 2023.
Исто така, денеска Израел ќе се соочи со обвинувања за „геноцидни дејствија“ пред Меѓународниот суд на правдата, за што израелскиот претседател Исак Херцог рече дека „нема ништ побесмислено“.
Херцог на средбата со Блинкен ја критикуваше Јужноафриканската Република за поднесување тужба до судот.
Според Хамас, од 7 октомври во израелските воени операции се убиени 23.357 Палестинци.
Војната започна откако палестинските екстремисти го нападнаа југот на Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 240 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.
Извор: РСЕ