Ја попречи ли Апелацискиот суд правдата?

Ја попречи ли Апелацискиот суд правдата?

Ќе седнат ли на обвинителна клупа тие што ја попречуваат правдата? Ако тоа не се случи не треба никој повеќе да не` блокира однадвор. Ова ќе биде најсилната блокада на идентитетот на државата.

Пишува: Ерол Ризаов

Секогаш кога ќе потсетевме, за никогаш да не се заборави, на најголемото зло во поновата историја на независна Македонија, најжестоките критики ни беа упатени во стилот- аман бе уште ли ќе ја замајувате јавноста со таа афера за прислушкувањето. Дури и добронамерните укажувања одеа во насока – било па поминало, осудени се луѓето, гледајте сега што се случува, какви се` не криминали и злоупотреби на власта ја тресат државата. Одговорот стаса деновиве. Е, па било, ама не поминало. На добар пат сме да се докаже дека ништо не се случило.

Кога нешто застарува во судските маратонски повеќегодишни постапки е исто како и да не се случило. Или уште полошо, се случило ама поради „повреди на одредбите од законот“ судењата можат да потрајат до денот кога стануваат беспредметни. Или кажано на разбирлив јазик, прислушкување на 20.000 граѓани цели седум години и држење под надзор на илјадници луѓе неспорно имало. И виновници за тоа неспорно имало. И пресуди со повеќегодишни затворски казни имало. За на крај многу изгледно поради смртен случај на тешко болната правда, да бидат живи, здрави, слободни и богати како кнезови погрешно судените главни виновници кои ја испланирале и спровеле оваа монструозна акција на држење под надзор со години на илјадници јавни личности.

Одлуката на Апелацискиот суд во Скопје од 16.12.2022 година, обрнете внинмание на датумите, би можела да биде и празник на демократијата и на владеење на правото ако имаше навремено, јасно и валидно во детали јавно објавено образложение, а не конфузен декрет напишан како телеграма до јавноста дека се укинува пресудата за случајот со најмасовно и најдолготрајно мирновременско откриено и докажано прислушкување во светот.

Предметот се враќа назад кај скопскиот Кривичен суд затоа што се „направени суштествени повреди од одредбите на Законот за кривична постапка, кои се од апсолутен карактер, на кои овој суд внимава по службена должност, со што е доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на кривичниот законик.“ И толку, ни збор повеќе. За по два дена под силен притисок на јавноста да уследи уште поконфузно и сосема нерационално објаснување дека пресудата на Кривичниот суд е неразбирлива, клучен аргумент за укинување на пресудата и враќање назад во дообјаснувањето на Советот на Апелацискиот суд дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите.

Датумите на одлуки фрлаат големи сомнежи

Подетално образложение кои суштински повреди се направени ќе биде испратено најверојатно до Кривичниот суд и до јавноста ако за тоа Апелацискиот суд има обврска, што исто така во дополнителното дообјаснување се толкува дека Апелацискиот суд немал законска можност неправосилната одлука јавно да ја објавува. Ете со ова дополнително вадење пред јавноста, целиот случај добива димензија на некаква спорна пресуда од кафеанска тепачка, а не најтешкиот удар врз демократијата и стравотно повеќегодишно следење на комуникациите на илјадници граѓани и јавни личности. Случај кој предизвика тешки негативни последици не само по угледот на државата, туку врз целиот општествено политички систем.

Целата јавност, вклучувајќи ја и стручната, правните експерти и политичките партии и владата и премиерот и претседателот на државата ќе ја искажуваат својата загриженост, разочарување и шокираност од донесената одлука на судиите од Апелацискиот суд, што во некои нормални околности би се сметало за притисок врз судиите од повисокиот надлежен суд. Но, двете  образложенија на Советот на Апелацискиот суд објавени во јавноста уште повеќе ја зголемуваат недовербата во правосудниот систем, затоа што се поконфузни и понеразбирливи од образложенијата на пресудите.

Датумите на судските одлуки кажуваат многу нешта кои фрлаат големи сомнежи за исправноста на одлуката на Апелацискиот суд. Судењето на  обвинетите за предметот „Таргет – Тврдина“  за незаконското прислушкување започна на 22.12.2017 година. По цели три години судски постапки, почитувајќи ги сите судски протоколи на кои има право одбраната и под надзор на експерти, на 26 февруари 2021 година Кривичниот суд за масовното повеќегодишно прислушкување и за уништување на опремата од УБК изрече затворски казни од 55 години и 10 години условни казни за 11 лица вклучувајќи го и  поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков,  на кого му беше изречена казна затвор од 12 години за „злосторничко здружување“, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконско влијание.

Во образложението на правосилната пресуда беше истакнато дека кривичните дела биле извршени од структуирана група без чие заедничко дејствување не би можело да се изведе кривичното дело.

Погледнете ја временската драма од првиот чин на злосторничкото здружение. Значи сложениот судски процес трае повеќе од три години, од декември 2017 до февруари 2021 година. А, на Апелацискиот суд му требаа речиси две години да открие дека се направени суштествени повреди од одредбите за кривична постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност да открива дека е доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на кривичниот законик. И сега се разбира, повторното судење може да потрае уште две години и во почетокот на 2025 година да застари.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Предлог-буџетот за 2025 пред пратениците на 10 декември

Предлог-буџетот за 2025 пред пратениците на 10 декември

Расправата за Предлог-буџетот за 2025 година ќе почне на седницата која е закажана за 10 …