ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп во изминатиот период реализираше неколку крупни проекти, меѓу кои и преземањето на пречистителната станица и нејзино успешно ставање во функција. Паралелно со тоа, се реализираше проект од програмата Balkan mediterranean water enegry circle, а во овој момент во јавното претпријатие функционира и географски информациски систем. Изработен е и подземен катастар, со чија што помош јавното комунално претпријатие има целосен увид во инсталациите на водоводната и канализационата мрежа, сите шахти,  вентили и куќни приклучоци, а се следи и состојбата на водомерите и се’ она што е поврзано со дејноста и работењето на ЈКП „Водовод и канализација“.

„Во овој момент ја имаме најдобрата техничка опрема поврзана со дејноста на јавното претпријатие. Имаме гео скенер со моќност да ги лоцира нашите линии 8 метри под земја, во радиус од 15 метри, имаме камера за детекција на девијациите на канализационата мрежа, без оглед за каков дефект станува збор. Имаме секаков вид на локатори, можеме да лоцираме ПТТ, електроинсталации, феромагнетни материјали, имаме GPS, имаме одомер, гео фон и корелатор за детекција на губитоците на вода. За целото ова време додека претпријатието во изминатите две години успешно чекореше напред , усовршувајќи ги и подобрувајќи ги своите услуги кон граѓаните, во ниту еден момент не ја загрозивме финансиската ликвидност на претпријатието“, истакна директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Јанески додаде дека јавното претпријатие минатата година реконструирало  повеќе од 8 километри водоводна линија и над 2 километра канализациона мрежа. Првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“ истакна дека е воведен нов начин на одведување на отпадната вода со препумпни станици, кои ја качуваат отпадната вода на повисоко ниво со цел да може да биде внесена во колекторскиот систем.

„Кога дојдов на функцијата директор, претпријатието имаше долг единствено кон секторот за води, а и во овој момент единствениот  долг  е тој кон секторот за води во рамките на Министерството за животна средина, и кон никој друг. Кон ниту еден економски оператор, ниту пак кон државата по основ на даноци и придонеси, здравствено и пензиско осигурување. Ако го слушавте вчерашниот прес на Ирена Стерјовска-Локвенец, можевте да стекните впечаток дека е загрозена финансиската ликвидност на претпријатието, што апсолутно не е точно. ЈКП ‘Водовод и канализација’ финансиски е добростоечко претпријатие, кое редовно ги намирува своите обврски кон сите доверители. Исто така, неточно е дека енормно се зголемил бројот на вработени во јавното претпријатие. Во оној момент кога дојдов за директор, претпријатието имаше повеќе од 160 вработени, а во овој момент нивниот број изнесува 146, бидејќи дел од вработените заминаа во пензија“, нагласи Јанески.

На средбата со новинарите, директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ потенцираше дека заедно со вработените на определено , вкупниот број на вработени во јавното претпријатиие изнесува 210. Тоа, како што рече Јанески, е за 20 повеќе од бројот на вработени кои што ги затекнал во моментот на неговото назначување на директорската функција, но притоа треба да се има во предвид дека во споредба со тогаш, денеска претпријатието има две нови одделенија, од кои едното е пречистителната станица. Од тие причини, Јанески најенергично ги отфрли шпекулациите изнесени од страна на советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Стерјовска-Локвенец дека во ЈКП „Водовод и канализација“ нерационално се вработуваат партиски луѓе.