Јанкулоска и Мијалков денеска сведочеа во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушкување

Јанкулоска и Мијалков денеска сведочеа во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушкување

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков денеска сведочеа на судското рочиште во случајот „Таргет-Тврдина“.

Јанкулоска денеска во Кривичниот суд-Скопје изјави дека не знаела оти ќе се уништува опремата со која е извршено масовното прислушкување, иако таа ја потпишала одлуката за формирање на комисијата во УБК.

Таа тврди дека од документацијата кога ја потпишала не можело да се утврди дека ќе се уништува опремата за следење на комуникациите. Јанкулоска во исказот што го даде пред судот истакна дека никој не ѝ посочил дека со барањето за УБК за ваква комисија има проблеми и таа го потпишала истото.

Инаку, Сашо Мијалков на денешното сведочење пред судот изјави не постои ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од УБК и дека тие го вршеле прислушкувањето. Тој пред судот изјави дека прислушкување лесно можело да се врши и надвор од системот на УБК и го отфрли како неточно обвинението дека формирал злосторничко здружение за да ја злоупотреби службената положба и овластувања.

Мијалков на судското рочиште ги отфрли обвинувањата дека самиот влегувал во системот и прислушкувал, а исто така тој изјави дека немало прислушкување без судска наредба во УБК.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, Мијалков негираше дека во 2015 година побарал од Горан Грујевски да покрене постапка за уништување на овие системи.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и 10 вработени во УБК. Станува збор за обвиненија за незаконско прислушкување и за уништување на опремата за прислушкување во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес започна на почетокот од 2018 година.

Инаку, „Радио Слободна Европа“ на македонски јазик денеска објави дека вкупно 177 луѓе поднеле писмено барање за отштета поради незаконското прислушкување, а досегашните побарувања на оштетените изнесуваат најмалку 25 милиони евра.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во …