На барање на граѓаните, на еден крак од улицата „Јоска Јорданоски“, ЈКП „Водовод и канализација“ спроведува активности за изградба на фекална канализациона мрежа со дијаметар Ф 200, со кој ќе биде покриена територијата на целиот град.

„Должината на канализационата мрежа која треба да ја спроведеме во овој период, изнесува околу 250 метри, а истовремено преземаме активности за чистење и поставување цевки на каналот на улица ‘Благоја Темелкоски’ кај ‘егејските згради’, дел кој се граничи со улицата ‘Александар Македонски’. Понатаму, ЈКП ‘Комуналец’ ќе преземе сопствени активности за урбанизирање на тој дел од градот“, изјави директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Жителите од овој дел на градот се задоволни што конечно и нивната улица ќе биде вклучена во канализационата мрежа.

„Не верувавме дека после 30 години ќе добиеме канализација. Благодарение на Општина Прилеп и ‘Водовод и канализација’, конечно дојде до реализација и на овој проект. Тешко беше во 21 век да се живее без канализација. Многу пати досега реагиравме, ама еве дури сега добивме канализација“, вели Миле Ангелески, жител на улицата Јоска Јорданоски.