Градоначалникот Илија Јованоски денеска посети три фирми, добитници на грант за самовработување во висина од 5.000 евра, како дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, донесен од страна на Владата.

„Ова е еден од начините младите луѓе во што помал број да одат надвор од нашата држава, со сопствени средства и средства кои што ги доделува Владата, да формираат сопствени бизниси тука, во нашиот град. Јас како градоначалник сум задоволен што на овој начин се отвораат нови работни места, што ќе се намалува невработеноста. Општина Прилеп ќе ги поддржува ваквите проекти преку подобрување на условите за функционирање на фирмите, пред се’ со изградба на инфраструктурата, односно патишта, водоводни и канализациони мрежи“, изјави градоначалникот Јованоски.

„Во 2018 година беа доделени 85 грантови, а во 2019 склучивме 103 договори. Најголем интерес постои за отворање салони за фитнес, автолимарски работилници, трговија на мало, угостителска дејност и слично“, истакна раководителот на прилепскиот Центар за вработување, Гордана Младеноска.

„Работев во Холандија 5 години и се вратив во Прилеп да отворам сопствен бизнис. Ова ни е фамилијарен бизнис, работиме заедно со браќата и гледаме да го прошириме бизнисот. Работата добро ни оди и планираме да се прошириме. Задоволни сме од проектот на Владата, соработката со градоначалникот и директорката на Центарот за вработување е беспрекорна, така што немаме никакви проблеми“, вели Ферид Јашароски, сопственик на „ФЈ Сервис“ ДООЕЛ Прилеп.

„Работиме од декември минатата година, како содружници зедовме неповратни 10.000 евра и го отворивме овој бизнис. Со добиените средства набавивме дел од справите. Вкупно сме тројца вработени, работата одлично ни оди и сметаме дека и во иднина ќе бидеме уште поуспешни“, смета сопственикот на „Пауер Џим Фитнес“ ДОО Прилеп, Миле Сливоски.

Благоја Стојаноски е управител на „Алтан ИБ“ ДООЕЛ Прилеп, фирма која постои 15 месеци и која се занимава со угостителска дејност.

„Со грантот добив средства за уште едно дополнително вработување, како и за набавка на инвентар, за средување на кујната и за набавка на репроматеријали. Како поминува времето се’ оди во најдобар ред, така што во моментов фирмата брои 8 вработени“, потенцира Стојаноски.

Со програмата на Владата за самовработување, се подржуваат невработените лица кои добиваат неповратни средства за започнување на сопствен бизнис во висина од 5.000 евра, додека на двајца содружници им се доделуваат 10.000 евра.