Јованоски: Влошена состојбата со коронавирусот, во болницата се зајакнува медицинскиот персонал и двојно се зголемува бројот на кревети

Јованоски: Влошена состојбата со коронавирусот, во болницата се зајакнува медицинскиот персонал и двојно се зголемува бројот на кревети

Состојбата со коронавирусот во општина Прилеп достигна загрижувачки размери. Бројот на заразени постојано расте, се зголемува притисокот врз здравствените работници, а граѓаните, посебно младите, и натаму во најголем дел не ги почитуваат препораките за носење заштитна опрема и не се откажуваат од дружбите по забави и викендици.

Сето ова беше причина денеска да се одржи седница на Општинскиот кризен штаб, на која се донесоа повеќе заклучоци и предлози, кои се во функција на подобро справување со актуелната состојба со коронакризата.

„За сериозноста на состојбата зборуваат бројките, кои велат дека само во месец октомври бројот на новозаболени е половина од  вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата, односно од досега 1380 позитивни, 722 се заразени во месец октомври. Од досега починатите 62 лица, 20 се починати во месец октомври, од кои 10 само во последната недела. Заради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување и хоспитализација, донесовме одлука двојно да се зголеми капацитетот на болнички кревети, односно од досегашните 50 на околу 100. Ќе се зголеми медицинскиот персонал во Инфективното одделение, преку ангажирање на дополнителен број на здравствени работници од другите одделенија и со вклучување на волонтери. Исто така, констатиравме дека борбата со коронавирусот, налага поголема вклученост и на матичните лекари во целокупниот процес на справување со коронавирусот. Можам слободно да кажам дека на вчерашниот состанок на Здружението на матични лекари, оваа иницијатива беше безрезервно прифатена од нивна страна“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.

Градоначалникот Јованоски посочи дека вториот и уште поопасен бран на пандемијата, од сите нас бара доследно и строго почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19, дека најдобриот начин да се заштитиме себеси и своите најблиски, е носењето заштитна маска, одржувањето неопходна физичка дистанца и редовното вршење дезинфекција на рацете, во домовите и на работните површини.

„Упатувам апел до сите стопански субјекти во општината, особено до стопанските субјекти со помал број на вработени, да ја организираат својата работа согласно пропишаните протоколи за заштита од коронавирусот и без исклучок да ги имплементираат сите заштитни мерки, препорачани од Комисијата за заразни болести. Упатувам апел и до младата популација и до нивните родители, младите да не се групираат, да прекинат со организирање на забави по викендици и во целост да ги почитуваат мерките и протоколите. Да покажеме одговорност, да си помогнеме заеднички, бидејќи само така ќе ја намалиме трансмисијата на вирусот Ковид-19“, рече градоначалникот Јованоски.

Директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески, напомена дека согласно новонастаната ситуација на зголемен број на пациенти со Ковид-19, еден дел од Интерното одделение, заедно со Ушно и Очно одделение, да се пренаменат во Ковид центар.

„Дел од Интерното одделение каде нема пациенти, ќе се пренамени во Ковид центар. Исто така, ќе бидат пренаменети и Очно одделение кое е на ист спрат со Ушно одделение. На тој начин добиваме дополнителни 50 легла за сместување на пациенти, со што добиваме бројка од околу 100 кревети за сместување на пациенти со Ковид-19. Имаме проблем со медицински персонал, како впрочем и сите болници во државата. Правиме напори да биде зголемен бројот на медицински сестри во Инфективното одделение, како и во новите Ковид центри кои ги отвораме. Разговаравме со министерот да ги повлечиме во нашата болница специјализантите, дваесетина на број, со што би обезбедиле доктори кои ќе бидат вклучени во работата на сите одделенија“, истакна Богојески.

Мирјана Крстеска, раководител на Инфективното одделение во прилепската болница, рече дека се зголемува бројот на лекари и медицински персонал кој ќе работи во две смени, со што значително ќе се намалат гужвите.

„Претпладне, се’ до 14 часот, ќе работат тројца доктори а поладне двајца доктори, со работно време до 21 часот. Во ноќните часови ќе има дежурен доктор, инфектолог или друг доктор со уште еден лекар, а на располагање ќе бидат сите останати лекари, доколку има потреба од козилијарен преглед. Сметам дека на овој начин ќе можеме успешно да одговориме на потребите во сегашната ситуација. Апелирам до граѓаните на поголема совесност, доколку се добри а иако се позитивни, не значи дека треба да појдат кај инфектолог. Тоа е секаде така во светот, истото треба да биде и кај нас. Затоа се организиравме со матичните лекари прво тие да ги прегледаат пациентите. По нивна процена, доколку параметрите и индикациите покажат дека треба да биде упатен кај нас, тогаш да биде упатен“, напомена Крстеска.

„Секој кој се одлучил да биде доктор, знае каков ризик има, така што ние не се откажуваме од нашите пациенти и ќе ги прегледуваме и понатаму. Бидејќи нашиот град во моментов е во голема корона криза, ние како матични лекари се понудивме, надвор од работењето во нашите амбуланти, како волонтери ја нудиме нашата помош, во болницата и на секое друго место каде за тоа има потреба“, потенцираше Нора Димшоска-Тасеска, претседател на Здружението на приватни лекари од Прилеп.

Што се однесува до санкционирањето на граѓаните заради неносење заштитни маски, од ОВР Прилеп информираат дека од почетокот на пандемијата до денес, поднесени се 3.140 прекршочни пријави, а само во последните 50 дена нивниот број изнесува 2.240.

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …