Со доаѓање на новата локална власт се ослободи негативната енергија акумулирана долг период меѓу граѓаните. Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ на општинско ниво, како партија која ја сочинува опозицијата во општинскиот Совет е разбирливо. Она што е најбитно, е дека Советот работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти … Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност, вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy)
Интервјуто го правеше: Зоран Милошески
Излеговте со информација во јавноста, дека долгот на Општина Прилеп изнесува 3,5 милиони евра. Пред да дојдете на функција, очекувавте подобра или полоша состојба, не само од финансиски аспект?
Да! Вкупниот долг на Општината изнесуваше околу 3,5 милиони евра. Тоа е утврдено и со Записникот за примопредавање, кој е изработен од страна на стручните служби, каде што раководителите се сè уште лицата поставени од ексградоначалникот Марјан Ристески.
А, овој Записник само да кажам дека до денеска не е потпишан од страна на Ристески, иако му беше доставен на увид. Овде се и обврските кон добавувачите, обврските по кредити, ризиците врз буџетот на Општината. Бидејќи јасно е колкав е основниот ризик, но не се знае колку ќе изнесуваат крајните ризици!
Реално не очекував дека ситуацијата ќе биде толку лоша, да не речам катастрофална. Но, не само од финансиски, туку од секој аспект. Во Општината нема проекти, не се работени ДУП-ови. Не сфаќам што се правело 12 години. Цел тој период се немало визија, ни дефинирани цели каде треба да се движи општината, условно кажано.
Ги поседува ли Општината потребните финансиски и човечки ресурси за реализација на сите проекти, што се дел од Вашата визија за Прилеп?
Парите се проблем. Огромен. Многу неодговорно се работело на приходите на Општината. Набрзо според насоките од Државниот завод за ревизија, Општина Прилеп ќе треба да отпише околу 100 милиони денари побарувања, по разни основи за комунални такси и надоместоци, закупнини и сл. парични средства, што се едни од сопствените приходи на финансирање на Општината. Дел од побарувањата можеби оправдано се отпишани. Но, најголем дел се последица на неодговорно и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт.
Ме прашувате за кадарот. Сè уште недостигаат соодветни кадри, но сепак работата се одвива непречено, а во функција се сите човечки ресурси на Општината за потребите на граѓаните.
Едно од вашите изборни ветувања беше отворањето дневен Центар за деца со церебрална парализа. До каде е реализацијата на овој проект?
Министерството за труд и социјална политика го одобри проектот. Центарот ќе биде лоциран во општински објект до матичната служба. Следната недела, ако нема жалби, ќе бидат случени договорите со фирмите изведувачи за адаптација на објектот и опремување на центарот. Во него ќе работат родители на деца со церебрална парализа.
Паралелно, во старата општинска зграда е доделен простор и на здружението „Порака“, со што ќе се подобрат условите за лица со Даунов синдром, односно со интелектуална попреченост.
Граѓаните реагираат на состојбата со улиците и сообраќајниците во поширокото градско подрачје. Оваа слика беше лоша и пред да ја преземете функцијата? На кој начин ќе го решавате овој проблемот: со целосна санација на улиците, или само со „крпење“ на ударните дупки?
На три начини:
- Со санација на дупки, онаму каде што останатиот дел од улиците е во добра состојба, за што се издвоени 10 милиони денари.
- Со реконструкција и рехабилитација на делови или цели улици од помал обем, онаму каде што улиците се во лоша состојба, а за таа намена обезбедени се 10 милиони денари.
- Со целосна изведба на нови улици, за што се предвидени 40 милиони денари.
Бесплатен градски превоз за пензионерите секој работен ден во траење од 2 часа, како и решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните од ромската етничка заедница во населбата „Тризла“, беа дел од вашата изборна програма. Што е направено на овој план?
Како што ветив, така и остваруваме.
Што се однесува до инфраструктурното уредување на „Тризла“, односно населбата „Три багреми“, состојбата е следна: ЕВН изгради трафостаница, тампониран е патот, отстранети се дефектите на водоводната мрежа, обезбеден е бесплатен превоз за учениците, се бараат решенија за да се обезбеди доволно вода, се ставаат контејнери за собирање отпад, во тек се мапирањето на граѓани без документи за лична идентификација како и активности за легализација на дивоградбите, што е основа да се изработи ДУП за населбата.
Бесплатниот превоз за пензионерите е реалност, тој функционира секој работен ден од 8-12 часот. Моето изборно ветување е остварено. Зборот е збор!
Еден од хроничните проблеми на градот, е недоволниот капацитет на детските градинки во однос на реалните потреби. Од тие причини, најавивте изградба на две нови градинки во населбите „Точила“ и „Корзо“. Кога можат граѓаните на Прилеп да се надеваат на исполнување на даденото ветување?
Општината ја подготви неопходната документација и ги отстрани недостатоците, што беа воочени од Министерството за труд, за да може да се стави во употреба градинката во ОУ „Рампо Левката“. Добиена е согласност од Министерството, завршени се огласите за вработување на потребниот кадар и за десетина денови градинката ќе почне со работа.
Се работи и на техничката документација за адаптација на простор во сопственост на Тутунски комбинат Прилеп, каде е планирано да се прошири капацитетот за згрижување на деца од претшколска возраст.
Интевјуто во целост можете да го прочитате на веб сајтот на Вистиномер.