Каде е солидарноста од Југославија?

Каде е солидарноста од Југославија?

Пишува: Сотир Габелоски

Каде е солидарноста од Југославија? Каде е оваа најдоблесна вредност за која тврдите дека ја имало во претходниот систем, а сакате да ја пренесете на нас? Каде е сега тоа разбирање и сочуство меѓу луѓето, нешто за што многу се критикуваат младите, а било сеприсутно во живеењето во претходната држава?

Глобалната криза со коронавирусот, па енергетската криза и инвазијата на Русија врз Украина го изваде најлошото од капитализмот и од луѓето. Во овие тешки периоди за целото човештво, многу луѓе, заедници и компании профитираа како никогаш досега. Во време кога сиромаштијата и кризата се зголемуваат, пропорционално се зголемува и профитот на одредени компании.

Не мора да одиме подалеку. Да се погледнеме себеси, да си ја видиме државата.

За време на пандемијата, се продаваше приказната дека лицата починати од корона вирусот мора да бидат погребани во метални ковчези, нешто кое подоцна се испостави како невистина за која никој не одговараше. Подоцна започнаа поскапувањата кои на почетокот беа очекувани, но и покрај одредената стабилизација на пазарот, цените останаа непроменети. На крајот, дојдовме и до цената на лебот која не се намали и покрај субвенционираната електрична енергија за производителите на основните прехранбени производи.

Производителите заборавија на солидарноста, бизнисмените заборавија дека Исус Христос ги учел Христијаните дека лебот е телото господово, а разбирањето и помагањето помеѓу луѓето умре заедно со Југославија.

Се разбира, другата страна ќе има свои аргументи и поскапувањата ќе ги правда со зголемените производствени трошоци. Но, не само перцепцијата туку и фактите кажуваат дека фирмите си го задржаа профитот и се прилагодија на новите околности, а на сметка на граѓаните. Му се бендисувало некому овде изнесеното или не, вистината е таа.

И повторно доаѓаме до човечката вредност, до (не)разбирањето дека живееме во колектив, а не само како индивидуалци. На вредностите од Југославија не можете да ги научите младите само со муабет. Тоа треба да го покажете со дела – да го намалите профитот и да помогнете. За да не се чудите на континуираното зголемување на бројот на македонски граѓани, работоспособна сила, како го резервира својот билет за Хрватска, Словенија, Германија, Швајцарија…

Во изминатите неколку години ретко кој покажа хуманост и одговорност пред своите сограѓани. Како народ, покажавме дека не ги поседуваме вредностите кои владееле во претходниот систем. И додека пред очи гледаме како општеството ни’ се распаѓа, одредени бизнис-структури се одлучуваат да го максимизираат профитот. Оние кои ниту некогаш биле Југословени, ниту солидарни. Господа, начекавте – се нафатиравте.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …