Кај и да си, за Бадник во Мериот да си

Кај и да си, за Бадник во Мериот да си

По драмата што траеше повеќе од една недела, со укинување на притворот, па определување нов, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков синоќа излезе од притвор. Негова домашна адреса е хотелот Мериот во центарот на Скопје. Ослободувањето предизвика бурни реакции во јавноста.

Старите велат кај и да си, за Бадник дома си. Во нашиот случај во Мериот да си, кој се води како домашна адреса на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на Мијалков, кој е сопственик на хотелот Мериот во центарот на Скопје, и го пушти да се брани од слобода во случајот „Плацеви на Водно“ со гаранција од 11 милиони евра дека нема да избега.

Драмата со излегувањето на Мијалков траеше цела недела. Прво, скопска Апелација ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и му го укина притворот во случајот Трезор, каде што е осуден првостепено на 8 години затвор, за да може да се брани од слобода додека ја чека правосилната пресуда на Апелациониот суд. На одлуката за укинување од притвор реагираше и министерот за правда Бојан Маричиќ, што според многумина се толкуваше како мешање во независноста на судството. Уште неизлезен од Шутка, обвинителката Лиле Стефанова веднаш побарала притвор за Мијалков, поради опасност од бегство во случајот „Плацеви на Водно“, каде што тој е еден од обвинетите, а Основниот суд Скопје го прифати барањето и определи 30 дена притвор. Сега, Апелациониот суд му го укина и тој притвор.

При излегувањето од притвор, обезбедувањето на Мијалков го паркираше автомобилот пред главната капија во истражниот затвор во Скопје, а затворската полиција им се придружи на бодигардите во заштита на Мијалков во заштита од клетите новинари кои спремаа рафали прашања.

Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во случајот „Плацеви на Водно“, а првостепено е осуден и за незаконското масовно прислушување во случајот „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.

На 22 февруари му беше определен притвор на Мијалков, но тој „исчезна“ и 24 часа беше недостапен за полицијата у судот. Потоа сам се појави со образложение дека не избегал, туку имал симптоми на коронавирус и затоа се самоизолирал.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си …