Како се финансираат Путиновите пропагандисти?

Како се финансираат Путиновите пропагандисти?

Алина Лип се занимава со дистрибуција на руска пропаганда преку своите канали. Поради санкциите на ЕУ, финансирањето ѝ е отежнато, но таа успева да ги заобиколи. И тоа благодарејќи на дубиозни модели на работење.

„Моите банкарски сметки во Германија се блокирани, парите се повлечени, а сметката затворена. Исплати на моите руски банкарски сметки се оневозможени поради санкциите на ЕУ, кои ги спроведуваат и банките“, пишува Русинката Алина Лип на својот канал на Телеграм „Новости од Русија“. Тој е еден од каналите на руската пропаганда во Германија со најголем досег.

Лип во меѓувреме има преку 180.000 претплатници, од почетокот на руската инвазија врз Украина пред една година, бројот на пријатели нагло ѝ порасна. На својот канал таа дистрибуира без исклучок само руски наративи, на пример постојано зборува за „специјална воена операција“ наместо за војна, исто и како што зборува за наводен „геноцид“ над руското население во источна Украина.

Донации преку Телеграм

За да дојде до пари, без оглед на санкциите и блокираните сметки, Лип на својата веб-страница има интегрирано линк и еден Телеграм-бот преку кој може да се донираат пари. Станува збор практично за посебен канал на Телеграм, а предност е што корисниците со еден клик можат да донираат пари. Трансакциите се одвиваат со помош на системот за онлајн плаќање Smart Glocal, чие седиште се наоѓа во Хонгконг. Од таму парите двапати месечно се трансферираат на нејзината сметка во Русија. Сите тие информации можат да се прочитаат на нејзината веб-страница, односно на каналот Телеграм-бот.

На прашање на новинари од редакцијата АРД-истражувачки тим, Лип тврди дека нема поим за тој систем на онлајн трансакции, односно додава дека користи „сервис кој Телеграм го нуди во Русија“. Во Русија имено тој сервис е доста познат и популарен.

Притоа Лип со своите содржини веројатно ги крши правилата за користење на Смарт Глокал. На интернет страницата на таа компанија меѓу останатото може да се прочита дека меѓу оние кои објавуваат донаторски ботови не смеат да бидат и содржини со политичка пропаганда.

Смарт Глокал писмено соопшти дека Лип и нејзиниот канал „никогаш“ не биле регистрирани на тој сервис, како и дека „никогаш“ не би била можна регистрација на каналот зашто ги крши правилата за користење. Нејзиниот донаторски бот е регистриран преку „некое друго лице“, се тврди. Смарт Глокал таа пракса ја смета за кршење на важечките правила на платформата, па фирмата го блокирала линкот кој води до донаторскиот бот.

Реакција на Телеграм

Според мислењето на Јозеф Холнбургер, директор на ЦеМАС (Центар за мониторинг, анализа и стратегија), Телеграм ги интензивира напорите за на корисниците да им овозможи реализирање на финансиски трансакции директно преку тој месинџер: „Не гледам никакви мерки за сузбивање и затоа актери како Алина Лип можат едноставно да ги заобиколат важечките санкции на ЕУ.“ Правецот во кој се развива Телеграм, според негово мислење, упатува на заклучок дека компанијата експандира во поглед на прашањето за понуда на алатки со чија помош може да се заобиколат санкциите.

Телеграм притоа напоменува дека со донаторските ботови управуваат трети фирми, кои пак имаат сопствени насоки за работа, во кои Телеграм „нема полн увид“, како што тврди. „Кога некоја надлежна институција ќе донесе одлука во врска со некој бот, ние можеме да реагираме на соодветен начин“, соопштуваат од Телеграм.

Сомнително финансирање преку линк на Телеграм
Сомнително финансирање преку линк на Телеграм

Техничка поддршка од еден Австриец

Според пораките и сопствени наводи, може да се заклучи дека новите можности за донации за Алина Лип ги „проектирале“ фирмите Фанси Нердс и ВПН Тестер. Во еден пост на Телеграм, таа за ВПН Тестер зборува како за свој „веб-тим“, а имињата на тие фирми редовно се појавуваат во контекст на можноста за донирање пари. Врз основа на истражувањата на редакцијата на АРД-истражувачки тим, двете компании упатуваат на Мартин Хелд. Станува збор за еден Австриец кој живее во Русија, а освен тоа има и канал на Телеграм „Глас на Русија“, преку кој дистрибуира руска пропаганда на германски јазик.

Во едно видео тој се презентира како претприемач кој од идеалистички побуди се бори против цензура. Тој меѓу другото потврди дека ѝ пружа техничка помош на Алина Лип за таа да ги заобиколува блокадите, но додава дека таа не е и негова единствена клиентка од тој вид. На прашање како Хелд може од Русија да работи на подрачјето на ЕУ, тој самиот вели: „Имаме фирми- ќерки во западна Европа, а освен тоа муштериите можеме да ги сервисираме и им нудиме услуги, а можеме и да наплатуваме.“ Мрежата на неговите фири и начинот на работење и натаму се нетранспарентни.

Висина на донациите

Не е познато колку пари добива Лип од своите донатори. Линкот им е достапен само на нејзините пријатели и „ако само мал дел од тие луѓе месечно префрлат одредена сума, тогаш од тоа секако таа може да се финансира“, напоменува Холнбургер. Лип на својата веб-страница на каналот на Телеграм наведува и други можности преку кои нејзините следбеници можат да ја поддржат, на пример преку крипто валути. Лип често гостува наруската државна телевизијакадешири искривена слика за Германија, како што наведува Јулија Смирнова од ИСД (Институт за стратешки дијалог од Германија): „Зборува многу за наводна цензура која владее на Запад, за наводни проблеми со енергетската криза, за протести против санкциитекои се воведени против Русија“. Не е познато дали Лип добива пари за своите телевизиски настапи, таа тврди дека не е платена за тоа.

Проруското здружение Вадар, блиско до партијата Алтернатива за Германија, според сопствени наводи ја поддржува Лип, меѓу останатото на располагање ѝ става адвокат и ги презема неговите трошоци. Смирнова додава дека јавна поддршка на Лип веќе ѝ ветила и фондација (Foundation To Battle Injustice) на Путиновиот близок соработник, Евгениј Пригожин.

Истрага во Германија

Поради содржините кои ги дистрибуира, Лип се најде на мета на германските власти. Инаку родена во Хамбург, моментално живее во Русија и украинскиот Доњецк, како што тврди таа, но очигледно уште е пријавена во Германија. Државното обвинителство во Линебург во мај ланската година покрена истражна постапка против неа поради сомневање за „одобрување на казнени дела“ во контекст на руската агресија во Украина. Но, државното обвинителство во Гетинген, кое во меѓувреме го презело случајот, на прашање на редакцијата на АРД-истражувачки тим, потврди дека истрагата против Лип засега е стопирана „зашто е откриено дека моментално таа не се наоѓа во Германија.“

Лип нема проблеми само со германското правосудство, туку и со санкциите на ЕУ. Нејзината сметка во Германија, тврди таа, е затворена, а Пеј Пал ја блокирал нејзината сметка. Блокирана ѝ е и можноста за донации преку сметка на нејзиниот татко. Уплати на нејзината руска сметка и натаму не се можни од подрачјето на ЕУ, поради санкциите против руските банки, кои се исфрлени од системот СВИФТ.

Прочитајте повеќе

Богородица пожар

Затворен граничниот премин Богородица поради пожар, се преземаат мерки за гасење на пожарот

Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот. Апел до сите граѓани да не се …