Каменот одблиску доаѓа – од исток и од „Белата палата“

Каменот одблиску доаѓа – од исток и од „Белата палата“

Пишува: Зоран Милошески

Сагата околу добивањето датум за почеток на преговорите за влез на нашата земја во ЕУ, барем привремено, заврши. Уште еднаш на дело се покажа дека каменот секогаш одблиску доаѓа. Така и овој пат. Доскорешниот, декларативно, најголем поддржувач на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, Бугарија, ја спушти рампата за нашето толку посакувано и извесно приклучување кон големото семејство на европските народи.

Освен што го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство, за целата демократска јавност, за владите на сите европски држави и за нашиот најголем стратешки партнер, САД, блокадата на Бугарија е деструктивен, неевропски и некоректен обид за прекројување на историјата и насилно наметнување идентитет на друг народ.

Ама, како што рекле, секое зло за добро. Фала им на нашите источни „браќа“ што не’ потсетија дека полошо од тоа да немате пријатели, е да имате – лажни пријатели.

Она, пак, што му претходеше на бугарското вето, беше експлозија на штотуку освестени и просветлени стручњаци за меѓународни односи и надворешна политика, кои себеси си го доделија правото да коментираат, обвинуваат, судат и пресудуваат. И сето тоа, се разбира, на сметка на „предавникот и трговец со македонскиот идентитет“, Заев.

Така, откако од почетокот на пандемијата со Ковид-19 добивме 300.000 фејсбук-инфектолози и уште толку епидемиолози, сега преку ноќ се стекнавме со илјадници историчари чија потесна специјалност е Бугарија пред, за време и после Втората светска војна.

Генерално, тоа се истите оние кои 8 месеци бараат оставка од Филипче, тие за кои коронавирусот беше светски заговор и кои промената во Белата куќа ја доживуваат потешко од Трамп.

Начинот на кој Мицко се обидува да профитира од македонско-бугарските историски искричења, дури и кога станува збор за политичката култура на пошироките балкански простори, е далеку под нивото на елементарното етичко однесување. Јавните и стопати повторени изјави од типот „викендов во Софија се распарчува Македонија“ и „Заев го продава нашиот идентитет“, се популизам од најпримитивен тип и играње со оган со едно исклучително сензитивно прашање.

Според ДПМНЕ, со склучувањето на Преспанскиот договор, нашиот, македонскиот идентитет, Заев им го продал на Грците. Изминатиов период опозицијата ја користеше истата реторика, само што овој пат идентитетот им беше „шитнат“ на Бугарите. Ако е така, тогаш прашањето на кое опозицијата треба да одговори, е колку идентитети имаме ние, ако Заев веќе „отуѓил“ два?

Фактот дека во една студија на Европската унија, Мицкоски и ДПМНЕ се потенцирани како главен извор на лажни вести, кажува со какви очи Брисел гледа на нашата опозиција. Оттаму, ако во седиштето на ЕУ ја разобличиле нивната двојна игра, нам, кои сме „современици“ и живи сведоци на лицемерието од највулгарен вид, не би требало да ни претставува проблем точно да го лоцираме и дефинираме лажниот патриотизам на марионетите на унгарскиот бегалец. А кога работата дошла дотаму, докажаниот бугарофил Милошоски да биде главниот меѓник во одбраната на македонскиот идентитет, тогаш е јасно колкав е очајот кај мицковци..

Заради кревање на маглата, власта е должна да ги објави имињата на експонираните членови на ВМРО-ДПМНЕ – поранешни министри, пратеници, градоначалници и други државни и партиски функционери, кои поседуваат бугарски пасоши. Ако причините поради кои „обичните“ граѓани зеле пасош од источниот сосед, во најчест случај, се од егзистенцијален карактер, ќе биде мошне интересно да се дознаат мотивите поради кои „патриотите“ од најбогатата партија во Европа го направиле истото!?

Притоа, во потрагата по вистината и разобличувањето на квазипатриотите, драгоцен ќе биде придонесот на Љубчо Георгиевски. Како еден од основачите и долгогодишен лидер на ДПМНЕ, тој во свои раце ги има аргументите и вистинските информации за националните чувства на дел од неговите поранешни сопартијци, денешни истурени играчи на идеолошки дезориентираната партија.

Сосема е извесно дека после исходот на вчерашните избори во Штип, фотелјата на Мицкоски е сериозно разнишана. И тоа нему му е совршено јасно. Затоа, за очекување е дека од „Белата палата“ ќе падне директива за радикализирање на состојбата во државата, преку нивно уште подиректно инфилтрирање во сите сфери од општественото живеење кои можат да предизвикаат „потрес“ на „Илинденска“. Тоа значи дека мета на ДПМНЕ ќе бидат тутунопроизводителите, матурантите, угостителите, како и стандардните прашања поврзани со темата  „патриоти и предавници“.

Сепак, за нешто се прашува и Заев. Поточно, за многу што. Сите карти се во неговите раце. Сега, откако е јасно дека се’ до завршувањето на изборите во Бугарија, надворешната политика ќе биде ставена на стенд бај, неговиот фокус ќе мора да биде насочен и кон СДСМ. Поточно, кон расчистување со аздисаните, корумпирани и неспособни функционери произлезени од неговата партија, кои во изминатите 3-4 години го разградуваа сето она кое тој го градеше.

Бидејќи, да не заборавиме дека освен локалните избори, следната 2021 година Заев и СДСМ ги чекаат и внатрепартиски избори, и тоа на сите нивоа.

Но повеќе за овие прашања, во следната колумна.

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат (ВИДЕО)

„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети …