Стетоскоп

Кашлица што трае со недели, температура и чувство на „прегазеност“, ординациите полни со болни пациенти

Понекогаш креваме раце, оставаме да трае кашлицата додека не им пројде, бидејќи ништо не делува. Искуства на пациенти кажуваат дека кога одат на планина, кашлањето им престанува, што е показател дека воздухот игра голема улога, вели д-р Трајковски

Кашлица која знае да трае со недели и за која ништо не помага, висока температура, чувство на малаксаност и прегазеност. Ова се најчестите симптоми кои ги имаат пациенти, кои изминатиов период ги полнат ординациите. Д-р Бојан Трајковски, лекар во приватната здравствена установа „Медика Вера“, вели дека покрај сите вируси и бактерии кои се актуелни периодов, аерозагадувањето дополнително ја влошува ситуацијата.

Како што тој објаснува, многу е тешко да се препознае дали се работи за грип, ковид или, пак, за нешто трето. Вели дека може да претпостави, но не и да препознае, бидејќи се случува крвната слика да е мирна, но симптоматологијата кај пациентот да е интензивна.

„Не е вообичаено да е толку полна нашата ординација во овој период од годината. Минатата година не беше вака. Дишеме многу загаден воздух, не знаеме што содржат ПМ10 честичките. Доволно е само да ги погледнеме автомобилите после дожд, тие се црни. Моите пациенти кои доаѓаат на преглед имаат кашлица, која е најосновна состојба во моментов, покрај другите симптоми. И таа не доаѓа од гради, туку од горните дишни патишта, односно зафатени се грлото и синусите“, вели Трајковски.

Се работи за кашлица, додава тој, која трае со недели и на која не делуваат дури ниту антибиотици. Она што е карактеристично е тоа што пациентите немаат долнореспиратони симптоми, туку најчесто имаат болки во грло и во нос (акутен синусит), како и температура која трае и неколку дена.

„Најактивен симптом е ‘прегазеност’ која ја опишуваат пациентите, велат дека никогаш претходно така не се чувствувале. Во однос на кашлањето, пак, понекогаш креваме раце, оставаме да трае додека не им пројде бидејќи ништо не им делува. Искуства на пациенти кажуваат дека кога одат на планина, кашлањето им престанува, што е показател дека воздухот игра голема улога“, додава д-р Трајковски.

За тоа како да се заштитиме, тој препорачува прочистувачи на воздух, и во домашни услови и на работното место, но и престој во чиста средина каде што воздухот не е загаден.

„Друга заштита се маските со филтри. Нема да е стопроцентна заштитата, но сепак е нешто. Што почесто патување надвор, на планина“, препорачува докторот.

Мета.мк се обрати и до Институт за белодробни заболувања во Козле, од каде што информираат дека има хоспитализирани деца.

„Најзастапени во моментов се бронхиолити, предизвикани од вирусни инфекции. Тригер фактор секако е и аерозагадувањето. Сепак, ситуацијата не е драматична како што беше во периодот околу Нова година и за празниците. Децата во изминатиот период беа на распуст, затоа и беше помирна ситуацијата. Сега појдоа на училиште, па ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во следните денови“, вели Мими Поповска, педијатар во Институтот.

Во однос, пак, на извештаите за сезонски грип и заболувањата слични на грип, се забележува зголемување на бројот на случаи. Во октомври лани биле регистрирани 196 случаи, во ноември – 268 случаи, во декември – 829, а во јануари бројката е 2,207 случаи.

„Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 5 починати лица асоцирани со грип, две од Скопје и по едно лице од Куманово, Гостивар и Штип, три од возрасната група над 65 години и две од возрасната група на лица 15-64, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип“, наведено е во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на ризични групи – постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

„За сезоната 2023/2024, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 60.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 15.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction)“, наведено е во соопштението на ИЈЗ.

Заклучно со втората недела од 2024 година, во државата вакцинирани се вкупно 60.903 лица со бесплатна или со комерцијална вакцина.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

обвинителство

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка, која на граѓаните …