Исходот од војната што Москва ја започна против Украина, ќе ја одреди иднината на Русија, а доколку Украина „падне“, Балтичките држави ќе бидат следните, вели рускиот опозициски политичар Михаил Касјанов, кој беше премиер на Русија од 2000 до 2004. Тој беше прв премиер на претседателот Владимир Путин.
Касјанов, кој сега е отворен критичар на претседателот, вели дека на почетокот не верувал дека Путин навистина ќе почне војна во целосен обем против Украина. Тој за француската новинска агенција АФП, во видео-интервју објавено на 13 јуни, вели дека сфатил дека ќе има војна кога го видел состанокот на Советот за безбедност свикан само три дена пред да започне инвазијата на 24 февруари.
Шеесет и четири годишниот Касјанов рече дека е уверен оти Путин на крајот ќе биде заменет со „квази-наследник“ контролиран од моќните руски безбедносни служби, но дека враќањето на Русија на демократија ќе биде со потешкотии.
„Сигурен сум дека Русија ќе се врати на патот на градење на демократска држава“, изјави за АФП Касјанов.
Тој процени дека ќе треба околу една деценија да се спроведе „декомунизација“ и „депутинизација“ на земјата.
„Ова ќе биде тешко, особено по оваа криминална војна“, вели поранешниот руски премиер.
Касјанов, кој како премиер се залагаше за блиски врски со Западот, ѝ се придружи на опозицијата и стана еден од најгласните критичари на Кремљ откако Путин го смени.
Тој сега е лидер на опозициската Народна партија за слобода или ПАРНАС, но ја напушти Русија загрижен за својата безбедност и сега не се знае каде се наоѓа.
Извор: Радио Слободна Европа