Дури 97 проценти од климатските научници ширум светот се согласуваат дека климатските промени се реални и водени од човековата активност. Во научниот свет тоа е консензус.
Климатските промени и глобалното затоплување се многу реални и докажани од научници, а прскањето со авиони и обвинувањето на ХАРП за елементарните непогоди коишто се случуваат низ светот, се едни од најраспространетите теории на заговор, пишува Вистиномер.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Објава на социјалните мрежи шири дезинформации дека глобалното затоплување не постои и дека климатските промени, всушност се резултат на ХАРП и прскање со авиони. Во оваа објава забележуваме неколку дезинформации коишто се научно побиени.
ВАКА МЕДИУМИТЕ ПРАВАТ МАЈМУНИ ОД ЛУЃЕТО !!!
КОИ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ БЕ ИДИОТИ ??? ОНИЕ КОИ ГИ ПРЕДИЗВИКУВААТ СО ПРСКАЊЕ ОД АВИОНИ, СО ХАРПОТ, СО ГЕОИНЖИНЕРИНГОТ ЛИ…НА ТИЕ ЛИ МИСЛИТЕ, АКО ВООПШТО МИСЛИТЕ ???
САМО СМЕНЕТЕ ЈА ФРАЗАТА “КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ” СО ФРАЗАТА “ПРСКАЊЕ ОД АВИОНИ” И ЈА ИМАТЕ ПРАВАТА СЛИКА ЗА ОНА ШТО СЕ СЛУЧУВА:
“ЌЕ СНЕМА ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК ЗАРАДИ ПРСКАЊЕТО ОД АВИОНИ” !!!
Медиумски напис со наслов: Земјоделски прогнози: Ќе нема овошје и зеленчук заради климатските промени и обилните дождови, е објавен и споделен заедно со горниот коментар, во кој се тврди дека климатските промени не се реални и дека станува збор за „прскање со авиони“ и „ХАРП“.
Ова не е вистина. Климатските промени и глобалното затоплување се многу реални и докажани од научници, а прскањето со авиони и обвинувањето на ХАРП за елементарните непогоди коишто се случуваат низ светот, се едни од најраспространетите теории на заговор.
Глобалното затоплување е глобална реалност
Научните докази продолжуваат да покажуваат дека човечките активности (првенствено човечкото согорување на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што пак, продолжува да влијае врз климата на Земјата.
Со тоа, повеќекратните студии објавени во рецензирани научни списанија покажуваат дека трендовите на затоплување на климата во изминатиот век се исклучително веројатни поради човечките активности. Покрај тоа, повеќето од водечките научни организации ширум светот објавија јавни изјави со кои ја поддржуваат оваа позиција. Тука може да најдете листа на овие организации, заедно со линкови до нивните објавени изјави и избор на поврзани ресурси.
Глобалното затоплување предизвикува зголемување на просечната температура на површината на Земјата. Ова не само што ги зголемува веројатните топлотни бранови и суши, туку, исто така, предизвикува промени во нашите природни климатски системи. Овие промени ги прават екстремните временски настани поверојатни и посериозни. На пример, ураганите и бурите стануваат поинтензивни, се движат побавно и им треба подолго време за да стивнат.
Дури 97 проценти од климатските научници ширум светот се согласуваат дека климатските промени се реални и водени од човековата активност. Во научниот свет тоа е консензус.
Доказите за порастот на температурите се распространети и впечатливи: записите водени во изминатиот век и половина покажуваат дека просечната температура на Земјата се зголемила за повеќе од 0,9 степени Целзиусови и околу двапати повеќе од тоа во делови од Арктикот.
Тоа не значи дека температурите не флуктуирале меѓу регионите на земјината топка или помеѓу годишните времиња и периодите од денот. Но, со анализа на просечните температури низ целиот свет, научниците покажаа непогрешлив нагорен тренд.
Овој тренд е дел од климатските промени, кои многу луѓе го сметаат за синоним за глобалното затоплување. Научниците претпочитаат да користат „климатски промени“ кога ги опишуваат сложените промени кои сега влијаат на временските и климатските системи на нашата планета. Климатските промени опфаќаат не само зголемување на просечните температури, туку и екстремни временски настани, поместување на популациите и живеалиштата на дивиот свет, пораст на морињата и низа други влијанија.
Што е ХААРП?
ХААРП, е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радио – бранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.
Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на Соединетите Држави на Универзитетот во Алјаска Фербенкс на 11 август 2015 година, дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.
Поради нејзините вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат на промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси или промени во расположението кај луѓето.
На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“. Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, веднаш на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.
Теоретичарите на заговор велат дека ХААРП е дизајниран да произведува земјотреси и други природни катастрофи, како и промена на временските услови. Сепак, научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето, а камоли да предизвика земјотреси.
Џесика Метјуз, програмскиот менаџер на ХААРП на Универзитетот во Алјаска Фербенкс, за USA TODAY изјави дека опсегот на фреквенција што го пренесува ХААРП „не се апсорбира ниту во тропосферата ниту во стратосферата – двете нивоа на атмосферата што го создаваат времето на Земјата.
Радио преносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Нема докази дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи или да влијае на човековите движења и мисли.
Тимот на „Вистина или лага“ разговараше со Мик Вест, кој е специјализиран за овој тип на теорија на заговор.
ХААРП Е САМО РАДИОПРЕДАВАТЕЛ ШТО СЕ НАОЃА НА ЕДНА ЛОКАЦИЈА ВО АЛЈАСКА И МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ САМО НА МАЛА КОЛИЧИНА НА ВОЗДУХОТ НАД НЕГО. ВИСТИНСКАТА МОЌНОСТ ШТО ЈА КОРИСТИ ОВОЈ РАДИОПРЕДАВАТЕЛ Е МНОГУ МАЛА ВО СПОРЕДБА СО ОНА ШТО, ВСУШНОСТ БИ ВИ БИЛО ПОТРЕБНО ДОКОЛКУ НАВИСТИНА САКАТЕ ДА НАПРАВИТЕ НЕКОИ ОД РАБОТИТЕ ШТО СЕ СПОМНУВААТ ВО ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР, ВЕЛИ ВЕСТ.
Нè прскаат ли од авиони?
Како што многупати досега пишуваше „Вистиномер“, овие траги од авиони коишто сите ги гледаме на небото, не се резултат на некоја скриена агенда за запрашување на населението и природата со отрови и тие не предизвикуваат климатски промени.
За оваа широко распространета теорија на заговор се користи терминот „кемтрејл“. Според теоријата на заговор за „кемтрејл“ патеките, односно белите траги, кои ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, наводно се составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.
Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од вода кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.
Уште во 2016 година група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.
Од сите погоре наведени факти заклучуваме дека овој пост е невистина, шири повеќе дезинформации дека климатските промени не се реални туку резултат на теориите на заговор за ХАРП и „прскање од авиони“.