Борел бара од Вучиќ да ги ослободи тројцата косовски полицајци безусловно

Борел бара од Вучиќ да ги ослободи тројцата косовски полицајци безусловно

Борел додаде дека ќе биде во близок контакт со двете страни во наредните денови и дека во понеделник ќе поднесе извештај пред министрите за надворешни работи на ЕУ за актуелната ситуација и што треба да се направи понатаму

Шефот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, по одвоените средби што ги имаше со премиерот на Косово, Албин Курти и со српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференција кажа дека побарал од Вучиќ да ги ослободи тројцата косовски полицајци кои се држат во Србија од 14 јуни.

„Идентификувавме можен начин напред на кој двете страни мора да ги исполнат своите обврски. Курти и Вучиќ ја разбираат сериозноста на ситуацијата, но имаат различни решенија“, изјави високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Тој кажа и дека на „кризните средби“ биле презентирани конкретни предлози – повлекување на полицајците од општинските згради на север, со истовремено повлекување на граѓаните, одржување нови избори со учество на Србите, а потоа враќање на дијалогот.

„Тоа подразбира и дискусии, без одлагање, за статутот на ЗСО „на северот на Косово“. На претседателот Вучиќ му нагласив дека тројцата полицајци кои се држат во Србија треба веднаш и безусловно да бидат ослободени. Произволното апсење или малтретирање на затворениците е целосно неприфатливо“, прецизира Борел.

Тој исто така нагласи дека е постигнат договор за потребата од нови избори.

„Се разбира, очекуваме Косово веднаш да ги прекине овие операции во близина на општинските објекти на север и четворицата градоначалници привремено да се повлечат од општинските објекти, додека Србија мора да обезбеди демонстрантите да бидат повлечени од општинските објекти, истовремено со полициските сили и потоа да се распишат вонредните избори во четирите општини, со услов, учество на косовските Срби“, рече Борел.

Тој нагласи и дека побарал од премиерот Курти, по нормализирањето на ситуацијата на терен, без одлагање да започне со изработка на статутот на Заедницата на српски општини.

„Потоа, откако ќе се нормализира ситуацијата на терен, ќе продолжиме со работата во дијалог. Дури и пред неколку месеци постигнавме основен договор за патот кон нормализацијата и се чинеше дека сме во добра насока да напредуваме во она што се нарекува нормализација на односите и мора да се вратиме на имплементацијата на овој договор и тоа вклучува почеток и без одлагање, изготвување на статутот на Заедницата“, изјави Борел.

Борел додаде дека ќе биде во близок контакт со двете страни во наредните денови и дека во понеделник ќе поднесе извештај пред министрите за надворешни работи на ЕУ за актуелната ситуација и што треба да се направи понатаму.

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …