Вилма Русковска

Комисијата за дисциплинска одговорност бара разрешување на Вилма Русковска

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот донесе решение, во кое меѓу другото се предлага разрешување на обвинителката Вилма Русковска.

Во соопштението на Јавното обвинителство се вели дека „за поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“.

Понатаму, за една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци. Ова се однесува на обвинителката  Ивана Трајчева, која ја заменувала Русковска.

Една јавна обвинителка, пак, Комисијата одлучила да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажало дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Станува збор за обвинителката Елизабета Јосифовска.

Против ова решение на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност, обвинителките имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители.​

Инаку, станува збор за случајот во кој беше инволвиран ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери во чии канцеларии минатата година беше извршен претрес. Русковска тогаш тврдеше дека постапувала по анонимна пријава, а до судот навела дека директорот на Управата за финансиска полиција сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и дека располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело.

Дисциплинската постапка против трите обвинителки дојде на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, бидејќи наводно имало низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше суспендирана од работа, а Муареми најави кривични пријави тврдејќи дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот.

Муареми лани во август соопшти дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …