Фахрудин Хамади М-НАВ

Контраспин: Првиот човек на М-НАВ спинува околу изборот на нови контролори на летање

Фахрудин Хамиди вели дека е заинтересиран за легалитетот на процесот, па затоа бара од данскиот оператор детално образложение како се одвивал процесот на селекција на 270 кандидати за идни контролори и како биле рангирани 8 најдобри, колку што бара и М-НАВ во конкурсот од јули. Сепак, тоа нема логика, зашто во целиот процес на сeлекцијата и на тестирањето учествувале и десетина искусни лиценцирани контролори кои работат на други високи позиции во М-НАВ и кои тврдат дека вистинската причина е што меѓу селектираните од Данците не поминале кандидати – деца на членови на УО на М-НАВ, како и деца на функционери од ДУИ, пишува Вистиномер.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Претседателот на УО и прв човек на М-НАВ, Фахрудин Хамиди даде изјава за медиумите по повод тековниот избор за идни кандидати за контролори на летање, при што може да се детектира спин:

Спин: Ние мора да внимаваме на сите детали. Само бараме целосна информација за целиот процес на селекција која до денеска не ја добивме од данската компанија. Штом ја добиеме целосната документација, школувањето на избраните 8 кандидати се разбира дека ќе се спроведе во данскиот центар. Не се сомневаме во текот на спроведувањето на сите процедури, само бараме детали за селекцијата

[Извор: МКД.мк – Некој сака и контролори на летање…; Датум – 09.11.2022]

Спин: …Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие 8 и може да тужи! Не е точно дека ние ќе плаќаме пенали кон операторот, туку тој кон МНАВ. Бараме црно на бело, документ, дека навистина овие момци поминале на тестирањето“

[СДК.мк – Ќе го поништат конкурсот…; Датум- 09.11.2022]

Контраспин: Фахрудин Хамиди, претседател на УО на М-НАВ АД, компанија која управува и го контролира цивилниот воздушен сообраќај во С. Македонија, со две изјави за македонските медиуми се обидува да ја увери јавноста дека нема ништо спорно во тоа што се одлага потврдувањето за избор на нови кандидати за контролори на воздушниот сообраќај, со барање за детални одговори како 8 кандидати се нашле на ранг листата за најпогодни да го продолжат школувањето и обуката. Но, всушност, неговите зборови во горенаведените изјави покажуваат извртување на вистината, т.е. спин.

Целиот процес на избор на нови идни контролори на летање може да пропадне бидејќи огласот за избор на нови идни контролори завршува 90 дена од распишувањето, а тоа според достапните информации завршува на крајот на ноември – тврдат за медиуми извори од компанијата.

Според изјави на членови на раководни тела во М-НАВ (Заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори…), кои биле дел од надзорот на целиот процес на селекција и кои деновиве (09.11.2022) поднеле оставки на своите надзорни функции, процесот на селекција и рангирање е регуларно завршен:

Селекцијата е регуларно завршена и не постои реална причина или оправдување поради што процесот на обука сѐ уште не е почнат. Бараме управата на М-НАВ итно да донесе одлука за почнување на школувањето на селектираните кандидати за контролори на летање согласно рангирањето кое официјално ви е доставено како предлог од страна на комисијата за спроведување на селекцијата… Процесот се одвиваше транспарентно и професионално, навеле во писмото образложение на своите оставки, кои се условени со исполнување на нивното барање.

Вработени во М-НАВ, за дел од медиумите тврдат дека всушност станува збор за обид да пропадне овој конкурс, затоа што во процесот на селекција листата на двапати била дополнувана од она што првично го извршил како селекција данскиот оператор, кој патем бил избран на тендер вреден 300 илјади евра. Од првично пријавените 270 кандидати, селекцијата се свела на 140, а таа листа била надополнета со инсистирање на М-НАВ на 166, за на крај да се сведе на 12, од кои 8 се рангирани како најдобри, токму како што се барало и во распишаниот оглас на М-НАВ на крајот на јули.

Причините за овие надополнувања во текот на селекцијата и за создавање на можноста целиот оглас да пропадне, според тврдењата на вработените во М-НАВ, е тоа што дел од кандидатите биле деца протежирани од двајца од тројцата членови на УО на М-НАВ, но имало и други кандидати поддржани од високи функционери на политички партии. Значи во ранг листата на 8-те најдобри што ја испратил центарот, според информациите што ги даваат вработените од М-НАВ отпаднале и тројцата синови на двајцата членови на УО  и синот на заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши, предложен од ДУИ на таа позиција.

Иако меѓу осумтемина најдобри има тројца Албанци, интелигентни деца кои покажале меѓу најдобрите резултати, сепак менаџментот во состав на директорите: Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски, не биле задоволни што не влегле тие на списокот од партијата, како ни синот на Селмани и двајцата синови на Крстевски – пишува СДК.мк.

Тестирањето кое е единствено и составено од Еуроконтрол наречено Фис (FEAST), е наведено и во самиот конкурс како еден од главните услови за селекција. Самата компанија од Данска е референтен центар за обука на контролори и друг персонал во цивилното воздухопловство, како и центар кој овозможува и претселекција на кандидати како што е тоа во случајот со конкурсот од М-НАВ.

Дел од контролорите на летање на работно место. Фото: Принтскрин видео ФБ М-НАВ(2021)

Директорот на М-НАВ и претседател на УО, Фахрудин Хамиди во изјавата што ја дава за порталот МКД.мк, тврди дека само ја бараат целосната документација“ кој како бил бодуван. И продолжува „штом ја добиеме целосната документација, школувањето на избраните 8 кандидати се разбира дека ќе се спроведе во данскиот центар“, за да заврши со „не се сомневаме во процедурите“.

Овој негов исказ е противречен, бидејќи со вториот дел од изјавата, всушност потврдува дека раководството на М-НАВ, формално барем, има сомневање во процедурите, па затоа бара детална документација за сите 270 кандидати. Можеби имаат право на тоа, но сепак, сликата да стане појасна, нема логика, зашто и самата постапка на селекцијата и тестирањето во Данска било надгледувано од искусни вработени во М-НАВ, кои вчера поднеле оставка на овие функции.

Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а можно е да треба да плаќаме пенали – изјави Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање, како што пренесува 360 Степени.

Овој факт, како и соопштението од Владата, барањето за одговори од УО и Надзорниот одбор на М-НАВ што ги побара вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, како и синоќа пренесеното соопштение од М-НАВ дека работата ќе заврши на време и дека му верувале на данскиот оператор – сето тоа покажува дека изјавите на првиот човек на М-НАВ се спин. Зашто, прво и самиот признава дека имало постапки со кои укажува на можно сомневање на рангирањето извршено од данскиот оператор и контролирано од вработени стручни лица во М-НАВ, притоа не негирајќи ги конкретно причините што ги наведуваат вработени во М-НАВ, за непотизам и партиски влијанија, за на крај да заврши (ретерира) дека сè е во ред и ќе се спроведе конкурсот и обуката во регуларни термини.

Пишува: Теофил Блажевски

Прочитајте повеќе

Совет на општина Прилеп

АНАЛИЗА НА РАБОТАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ПРИЛЕП

Совет на општината  Советот е претставнички орган на граѓаните на општината. Советот на општина Прилеп …