Контраспин

Контраспин: Спин и контраспин во ист јавен настап на ВМРО-ДПМНЕ за јавниот долг

Спинот изразен во оценките на ВМРО-ДПМНЕ за „неодговорни и неуспешни економски политики на оваа влада“ и „расипништвото“, е искажан само за да се поткрепи главниот спин повторуван со години, но особено по локалните избори од 2021 година, дека „единствен реален излез се брзи предвремени избори“пишува „Вистиномер“.

Новиот Контраспин го пренесуваме во целост:

Зборувајќи за јавниот долг и задолжување со еврообврзница од страна на актуелната Влада, ВМРО-ДПМНЕ искажа ставови во кои може да се препознае спин:

Спин: Во претходните две години кумулираа 1,6 милијарди евра нов јавен долг кој ќе се зголеми со ново задолжување од 600 милиони евра за оваа година.

Покрај големата оптовареност за отплаќање на јавниот долг секојдневно, товарот создаден од неодговорните и неуспешни политики на оваа Влада ќе го носат и идните генерации. Ваквото расипништво ќе не чини многу скапо уште многу години пред нас…Единствен реален излез се брзи предвремени избори…

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ – Прес/Илиеска – датум: 18.03.2022]

Контраспин: Ретко кога може да се види на едно место, при еден јавен настап, самиот субјект (во случајов ВМРО-ДПМНЕ), да понуди спин и контраспин на својот спин, како што тоа може да се види од настапот на 18.03.20022 година.

Имено, партијата во обид повторно да ја „бустира“ идејата дека предвремени парламентарни избори се нужност без која не се може, се осврна на економските политики во земјата околу 15-тина година наназад, правејќи споредба колку биле задолжувањата преку еврообврзниците што ги земале владите на Никола Груевски, а колку владите на СДСМ (на Зоран Заев и сега на Димитар Ковачевски) и каква била состојбата на јавниот долг тогаш, а каква е сега.

Суштината на спинот е во истакнување само на бројките и именување на кризите, без да се прави квалитативна анализа и на едното и на другото. Покрај другото, не се зема предвид дека со новите задолжувања секогаш се прават и раздолжувања од поранешни задолжувања, кои понекогаш, како што беше случајот со еврообврзниците во владите на Груевски, беа земани со многу повисоки камати.

Така, на пример, во комуникацијата со јавноста преку Анастасија Илиеска, поранешна директорка на УЈП од ВМРО-ДПМНЕ, партијата вели релативно точно дека Владата на СДСМ (и коалицијата – н.з.) во 2020-21 година кумулирале 1,6 милијарди евра нов јавен долг и дека со планираното задолжување од околу 600 милиони евра тој ќе стане 2,2 милијарди евра, а за 10 години владеење ВМРО-ДПМНЕ (и коалицијата-н.з.), создале јавен долг од 2,9 милијарди евра.

Првата недоследност и спин во споредбата се годините на владеење (СДСМ е на власт од јуни 2017 г, а не од 2020 година, што значи влегува во шеста година владеење) – од што може да се разјасни дека до 2020 г. владата на СДСМ го намалувала јавниот долг, а почнала да се задолжува точно со првата пандемиска година.

Но, веќе на крајот од втората пандемиска година, 2021 г., наместо голем дефицит и пад на БДП од 6 отсто, како што се кажува и во самата споредба што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бележи раст на БДП од 4 отсто и намалување на дефицитот во буџетот од 53 на 39 милијарди денари:

Во 2020-та година со дефицит од 53,4 милијарди денари и пад на БДП од 6,1%, влеговме во рецесија најдлабока од осамостојувањето и најголема во споредба со повеќето земји од регионот.

Во 2021 година со дефицит на буџетот од 38,8 милијарди денари и 4% раст на БДП, го доживеавме најлошото остварување во споредба со земјите во регионот.

Од овој дел од соопштението/пресот, може да се види уште едно полуспинување. Споредбата се прави со земјите од регионот, а сите други земји од регионот, освен Србија, имаа приближни или исти остварувања како и во РСМ, а ако се гледа GDP per capita – без оглед на огромната разлика во БДП меѓу Белград и Скопје во корист на Србија – се речиси еднакви.

Меѓу другото  и воопшто не се наведува податокот изречен од многу познати економисти во последно време, ќе ги споменеме само дел од професорскиот кадар на нашите универзитети, плус Владимир Глигоров и Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, кои, сите заедно повторија дека не е важно колкаво е задолжувањето споредено со БДП и дека сè уште има простор за задолжувања поради надворешните побарувања што се во структурата на долгот, туку како ќе се враќа тој долг. Плус податокот (на ниво на факт речиси), дека ако планирала земјава годинава да се задолжи на меѓународните пазари, подобро е тоа да го направи што поскоро додека парите имаат помала каматна стапка, а во контекст на војната во Украина поради што се очекува парите да поскапуваат.

Конечно, споредувајќи ги кризите што се набројуваат од ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не се прави разлика за големината на тие кризи во светски размери. На пример „светска финансиска криза, должничка криза во еврозоната и политичка криза“ во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ, сосема различно се афектираа врз земјите од светот и врз земјава, во однос на целосно глобалниот ефект од пандемиската криза, енергетска криза и кризата на берзите и пазарите (и со храна дури), поради руската агресија и инвазија врз Украина, од што е изреметен буквално цел свет.

И кога станува збор за инфлацијата, која е глобална и за стагфлацијата, која со мали исклучоци, исто така, е глобална, што може јасно да се види од предвидувањата и на ММФ уште во јануари 2022 или на Светска банка, каде што може да се прочитаат проценки дека украинската криза особено негативно ќе ги погоди земјите со среден и низок приход, каде што спаѓа и РСМ. За тоа, конечно, можеби најречито говори и фактот што НР Кина годинава проектираше раст од само 5 отсто, најнизок во последните 20 години, а проекциите на ММФ од јануари се дека тој ќе достигне максимум 4,8 отсто!

Оттука, спинот изразен во оценките на ВМРО-ДПМНЕ за „неодговорни и неуспешни економски политики на оваа влада“ и „расипништвото“, е искажан само за да се поткрепи главниот спин повторуван од 2019 г., но особено по локалните избори од 2021 година, дека „единствен реален излез се брзи предвремени избори“, пишува „Вистиномер“ во новиот „Контраспин“.

Прочитајте повеќе

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Премиерот Мицкоски најави 250 милиони евра од кредит од Унгарија за бизнисот, македонските стопанственици го …