Коридор 8: Нема идеални решенија

Во областа на градежништвото Македонија е пререгулирана држава, а колку повеќе скалила по патот, толку повеќе можности за препнување и корупција, вели деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски.

Предлогот на пратеници од владејачкото мнозинство за промена на девет закони по скратена постапка, поради изградбата на автопати од коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, предизвика реакции на Македонското арехеолошко друштво (МАД) и Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Од МАД денеска ќе го искажат незадоволство пред зградата на парламентот, а од Платформата бараат претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги повлече предложените измени од дневниот ред на денешната 112-та седницата.

„Ниту на пратениците, ниту на граѓаните, ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат. Граѓаните заслужуваат анализа и отчет во законодавната пракса, а со цел зачувување на владеењето на правото“, укажаа од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

На дневен ред се измени на Законот за заштита на културното наследство, Законот за градба, Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за минерални суровини, Законот за шуми, Законот за работни односи и за Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д.

Што мисли стручната јавност? ДВ побара мислење од проф. д-р Марковски Горан, декан на Градежниот факултет при УКИМ, кој  вели дека е неблагодарно е да се изнесуваат конкретни ставови врз основа на оскудни информации, особено кога се работи за толку актуелна и чувствителна тема каква што е изградбата на дел од патните коридори 8 и 10. Оттука, тој генерално се осврнува кон проблемите и можните решенија со кои во континуитет се соочуваме при реализација на капитални инфраструктурни проекти.

Потпишување на договорот меѓу македонската влада и компанијата „Бехтел и Енка“ на 8 март 2023 година
Потпишување на договорот меѓу македонската влада и компанијата „Бехтел и Енка“ на 8 март 2023 година

„И во овој случај идеални решенија не постојат. Треба само мудро да се дефинираат главните приоритети, да се направи проценка за тоа кој пристап во моментов ни носи помал ризик и секако да се учи на грешките од минатото. Во тој контекст, имајќи ги предвид досегашните ‘докажани’ проблеми, меѓу кои јавното маргинализирање на времето потребно за истражни и проектни активности, опсесивната политичка четиригодишна отчетност за остварените резултати во градежништвото и слично, можеби е крајно време да се преиспита упорното одбегнување на пристапот ,„проектирај и гради“. Особено, сега кога на eвропскиот интелектуален пазар егзистираат сѐ повеќе менаџерски, а сѐ помалку вистински проектански фирми. Впрочем актуелните инфраструктурни искуства од блиското опкружување на кои често знаеме да им се восхитуваме и да ги глорифицираме само го потврдуваат ова размислување“, укажува професорот.

Нужност од стручно лице

Според предложените измени во Законот за заштита на културното наследство, „доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење, е пронајдено археолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите веднаш, а најдоцна во рок од три дена писмено ќе го извести надзорниот инженер за случајното откритие; ќе ги запре работите и ќе го обезбеди случајното откритие од евентуално оштетување и уништување, како и од неовластен пристапи; ќе ги зачува откриените предмети на местото и состојбата во која се најдени”.

Од МАД рагираат дека со вака предложените измени, за евентуално најдено археолошко откритие нема никаква обврска тоа да биде пријавено кај надлежните, и не е пропишано како тоа ќе се чува.

„Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен интерес “, реагираа од МАД, и потсетија дека и  заштитата на културното наследство како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата.

Има ли опасност културното наследство кое е утврдено како темелна вредност на државата да биде загрозено заради заради изградба на инфраструктурен проект?

„Претпоставувам дека наговестените законски измени се носат со цел да се елиминираат или барем ублажат воочените потенцијални пречки за навремена реализација на споменатите патни делници и со тоа да се намали ризикот од трошење на дополнителни буџетски средства“, вели професор Марковски.

Проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ
Проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ

„Не сакам ни да помислам дека некој, кој било вклучен во процесот, би се осмелил да сквернави археолошко или природно богатство кое потенцијално би се нашло на некоја од трасите. Со оглед на тоа што се работи за активности во кои се вклучени голем број учесници, такво нешто со сигурност не би можело да помине незабележано и несанкционирано. Олеснителна околност во конкретниов случај е тоа што изведувачот сам го изработува проектот, па евентуалните поместувања на трасата или премостувања на ваквите локалитети се многу полесно изводливи. Дополнително, можеби е упатно надзорниот орган да назначи стручно лице кое би било задолжено само за оваа проблематика“, укажува професорот.

Експропријацијата – најбавна постапка

За прометот на добра и услуги извршен кон државата, се предлага стратешкиот партнер да биде ослободен од данок на додадена вредност со право на добивка на претходен данок, и да му се враќа акцизата на енергенти. Исто така, се предлагаат поволности во однос на пренамената на шума и шумското земјиште, како и воспоставување право на службеност на земјоделско земјиште во државна сопственост за градбите од стратешки интерес. Но најголемо внимание предизвика предложената измена во Законот за ескпропријација, која предвидува на стратешкиот партнер да му се даде во владение експроприраниот имот „веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.“

Досега таквите одлуки не се спроведуваа сѐ до нивната правосилност, а постапките траат и со години ако сопствениците на имотот се жалат. Таквиот проблем беше и една од главните причини за доцнење на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, кој почна да се гради во 2014 година, требаше да заврши во 2018 година, беше поместен за средината на 2021 година, а сега финишот е пролонгиран за до крајот на 2023 година. Почетната сума за изградба – 378 милиони евра, во меѓувреме порасна до 598 милиони евра.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид доцни со години
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид доцни со години

Колку понудените предлози реално и без последици ја поедноставуваат постапката?

„Можам да кажам дека во областа на градежништвото Македонија е пререгулирана држава, а колку повеќе скалила по патот, толку повеќе можности за препнување, меѓу другото и за корупција, вели професор Марковски.

„Бројни законски и подзаконски акти, пропишани процедури, постапки,   ја обременуваат и онака компликуваната реализација на ‘капиталците’. Дали тоа се должи на недоверба во системот, односно во самите себе, во учесниците на процесите, во сѐ уште несозреаната демократија и граѓанска свест или на нешто сосема друго – не знам. Но, евидентно е дека таквите сложени процедури, покрај другото, изискуваат и исклучително стручни, професионални и ефикасни  институции. А сведоци сме дека тоа недостасува. Се постапува најчесто премногу бавно и некоординирано, а решенијата се одолговлекуваат со цел создавање алиби за минимизирање на ризикот од евентуална грешка и подоцнежни непријатности од секаков вид. Затоа  експропирацијата и сличните пропратни, но битни елементи во процесот на градење, (о)станаа една од главните причини за забавена реализација на проектите. Тоа вештите изведувачи, особено оние од странство, умеат умешно да го (зло)употребат и безмилосно да го казнат. Се разбира на наша сметка“, ги посочува Марковски досегашните искуства.

Оттука, брзината на процесите се смета за важна со цел државата да не плаќа пенали, но важно е при таа постапка соодветно да бидат заштитени и интересите на засегнатите, како и културните и јавни добра на државата. Пратениците треба да решат дали скратените постапки за законски измени се најдобар сојузник во вакви случаи.

Прочитајте повеќе

Влада

Уставните измени ќе ја кројат владината коалиција

Според Таравари, тенденција на Курти и Рама била заедничка листа на сите партии на Албанците, …