Владата во Приштина доцна во саботата ги повика властите на соседна Србија да ги повлечат своите воени трупи од граничната линија со Косово.
„Владата на Република Косово внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на Вооружените сили на Србија во правец на граничната линија со Косово и е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија“, соопшти Владата на Косово.
Движењето на српските војници долж границата со Косово доаѓа околу една недела по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во општина Звечан, кога беше убиен полицаецот Африм Буњаку.
Во соопштението од косовската влада се наведува дека: „движењата на Армијата на Србија е од три правци: единици на Втората бригада на Армијата на Србија се движеле од правец на Рашка кон северната граница на нашата држава, единици на Третата бригада на Армијата на Србија се движеле од регионот на Ниш кон североисточната граница на нашата земја, а единиците на Четвртата бригада тргнаа од регионот на Врање кон источната граница на Република Косово“.
Во петокот, како што соопшти Владата на Косово, српската армија ги распоредила „своите воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази долж граничната линија со Косово, неколку километри длабоко во територијата на Србија“.
Ова распоредување, како што соопшти Владата во Приштина, опфаќа и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.
Владата соопшти дека е во постојан контакт со Соединетите Држави и Европската унија во врска со, како што ја нарече, сериозната закана од Србија.
Соединетите Држави во петокот ја повикаа Србија да ги повлече војниците од границата, нарекувајќи го нивниот потег „многу дестабилизирачки развој“.
Ист апел во саботата испрати и Европската унија, преку шефот на дипломатијата Жозеп Борел.
Во саботата вечера српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.
Србија ги негира обвинувањата на Косово дека е вмешана во настаните во Бањска, кој косовските власти го окарактеризираа како терористички.
Одговорноста за организирање на нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово.
Во нападот биле убиени тројца напаѓачи, додека други тројца биле уапсени.
По нападот, косовската полиција пронајде и заплени воен арсенал.
Извор: РСЕ