Хакерскиот напад извршен врз системот на Фондот за здравствено осигурување е всушност напад со т.н ransomware (вид малициозен софтвер), а ова, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија.
Ковачевски изјави дека станува збор за хакерски напад каков што претходно имаше и во Министерството за земјоделство, кога системот се оправаше повеќе од еден месец.
„На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи“, изјави Ковачевски.
Тој вчера разговарал со министерот за финансии, Фатмир Бесими, за да се најде начин да се исплатат вработените во ФЗО, кои поради падот на системот, немаат земено плата.
„Разговаравме да се направи исплата преку централниот трезор, а потоа порамнување со трезорот во ФЗОМ. Се работи за комплексна операција. Апелирам сите вработени во здравството и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение бидејќи вработените во Фондот деноноќно работат со цел проблемот да биде решен во корист на сите корисници. Преку вработените во ФЗОМ немаше застој на услугите, ги продолжија работните часови, ги сменија процедурите рачно да се процесираат барањата на осигурениците“, рече премиерот Ковачевски.
Инаку, ransomware e вид малициозен софтвер дизајниран да го оневозможи пристапот на корисникот или организацијата до датотеките на нивниот компјутер.
Со енкриптирање на овие датотеки и преку барање „откупнина“ за да се добие „клуч“ за дешифрирање, сајбер-напаѓачите ги ставаат физичките лица/институциите во позиција каде што плаќањето откупот е најлесниот и најевтин начин за да им се овозможи повторен пристап до нивните датотеки.
И покрај тоа што овој софтвер претставува огромна закана за сајбер безбедноста на податоците на организациите и на институциите ширум светот, тој функционира прилично едноставно – ја користи функционалноста вградена во оперативниот систем на компјутерот за пристап и шифрирање на датотеките на жртвата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека институциите треба да посветат поголемо внимание на сајбер нападите.
„Во Фондот за здравство се работи за хибриден напад, со којшто напад практично е влезен во нивниот систем. Нашиот Оддел работи интензивно и бараме поддршка од институциите и меѓународните партнери, се со цел да го заштитиме системот колку што е можно. Ова треба да ни покаже една работа што на секој еден од нас мора да ни биде јасно, дека практично сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем и да посветиме поголемо внимание на сајбер нападите и да се зголеми отпорноста на институциите, бидејќи нереално е да очекуваме една институција да ги штити сите институции и тоа не е наша задача. Секоја институција на својот систем ќе мора да има соодветни заштити“, изјави Спасовски.
Системот на ФЗО е недостапен веќе 9 дена, односно од 7 февруари годинава. Од ФЗО тогаш известија дека имаат технички проблем и нефункционалност на дел од серверите и дека се работи на дијагностицирање и отстранување на проблемот.