Ковачевски-МекКи: Партнерството со САД и УСАИД продолжува, енергетската трансформација е високо на државната агенда

Ковачевски-МекКи: Партнерството со САД и УСАИД продолжува, енергетската трансформација е високо на државната агенда

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со директорката на Бирото за Европа и Евроазија на Агенцијата на САД за меѓународен развој-УСАИД, Ерин Елизабет МекКи.

Фокус на разговорите беше ставен на енергетската транзиција на Северна Македонија и енергетската независност во регионот, како и спроведувањето на реформските процеси во земјата на патот кон ЕУ.

Заеднички беше изразено задоволството за формализирањето на партнерството на УСАИД со Владата на Грција со цел забрзување на интеграцијата на регионалниот енергетски пазар преку взаемна соработка. Беше констатирано дека е потребна скора интеграција на земјава во европскиот енергетски пазар, за што се преземаат и конкретни чекори за целосна енергетска независност на нашата држава.

При тоа, премиерот Ковачевски ја информираше директорката МекКи за достигнувањата на Северна Македонија во оваа област и плановите и реализацијата на проектите кои ќе придонесат кон енергетска независност на земјата. Со правилни политики, во 2023 година во Северна Македонија веќе работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 400 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198.000 семејства во државата. За период од речиси две години, рекордни 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 градови.

Воедно, во 2023 година, после 13 неуспешни тендери, и речиси 30 години планирање и подготовки, Владата на Република Северна Македонија избра понудувач којшто е подготвен да инвестира во изградба на ХЕЦ Чебрен – грчката ППС компанија и нивниот конзорциски партнер. Со оваа инвестиција вредна 1 милијарда евра, предвидена е изградба на реверзибилна хидроцентрала со капацитет од 333 мегавати, којашто покрај тоа што ќе биде еден од големите производители на електрична енергија во земјава, ќе биде користена и како централа во која ќе се балансираат вишоците кои што во одредени делови од денот ќе ги има од другите капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Директорката МекКи посочи дека сега е моментот да се удвојат напорите за да се инвестира во ефикасен, добро менаџиран, независен енергетски систем, кој ќе ја овозможи енергетската трансформација на државата и ќе обезбеди енергетска независност и безбедност.

МекКи рече дека УСАИД и понатаму ќе продолжи да ја дава неопходната поддршка на земјата и да имплементира програми насочени кон зголемување на економската продуктивност и енергетска независност на земјата, како и во насока на адресирање на корупцијата.

На средбата беше потенцирана значајната улога на УСАИД во зајакнување на демократските процеси, институциите и граѓанското општество, но и во зајакнување на економијата и образованието.

Беа препознаени напорите на Владата на Република Северна Македонија за преземање на неопходните чекори за реализирање на европерспективите и беше оценето дека земјата мора да продолжи напред сѐ до реализирање на полноправното членство во ЕУ. Нагласувајќи дека САД се нашиот клучен партнер и сојузник, премиерот Ковачевски изрази благодарност за континуираната политичка и економска помош и партнерство кое трае повеќе од 30 години.

Прочитајте повеќе

МТФ „Војдан Чернодрински“:„Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ

МТФ „Војдан Чернодрински“:„Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја …