Ковачевски-Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците на Радев во македонскиот Устав

Ковачевски-Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците на Радев во македонскиот Устав

„Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на бугарскиот претседател Румен Радев во македонскиот Устав“, е реакцијата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на денешната изјава на бугарскиот претседател Радев.

Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека македонската влада ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога, како што изјави, ќе најде сили да ги впише „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

Ваквите коментари и жестоки реакции доаѓаат на само еден ден по Самитот на Советот на Европа каде што Ковачевски вчера изјави дека дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, „за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина“. Претходно на овој Самит излагање имаше бугарската потпретседателка Илијана Јотова говореше за правата на Бугарите во Северна Македонија. За вчерашните случувања Ковачевски рече дека нема дополнително да коментира, кажал што има јавно на Самитот.

Ковачевски денеска изјави дека амандманите кон уставот се дел од преговарачката рамка со ЕУ бидејќи земјава преговара со ЕУ, а не со Бугарија и затоа смета дека е тоа што ќе тече како процес и нешто што треба да се случи

„Она на што ние работиме, бидејќи е формирана работната група, откако работната група ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот устав“, изјави Ковачевски.

Лавина реакции во Бугарија предизвикаа изјавите на македонскиот државен врв кој деновиве го критикуваше односот на Софија кон Скопје.

Лидерката на бугарската Социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, изјави дека партијата иницира декларација на Националното собрание (НА) за осуда на односот на Република Северна Македонија (РСМ) кон Бугарија.

Причина за тоа, според неа, се „ многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор. Бугарија ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ со барање Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Русија не ја уништи армијата на Украина

Русија не ја уништи армијата на Украина

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на …