Ковачевски од Советот за безбедност: Здружени заедно со План, акција и решенија за надминување на енергетската криза

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со претседателот Стево Пендаровски, денеска после одржувањето на седницата на Советот за безбедност, дадоа изјави за медиумите. Изјавата на премиерот Ковачевски ви ја пренесуваме во целост: 

„Денес на Советот за безбедност разговаравме за енергетската криза и мерките и начините за справување со последиците од истата.

Овие разговори не се нималку лесни, но сепак можам да констатирам дека имавме продуктивен, добар и успешен состанок.

Оваа горлива тема е во фокус веќе подолго време, кризата трае одамна и од последниот квартал минатата година и ние како Влада, како држава преку антикризните мерки ефикасно се справуваме со неа и овозможивме ценовните шокови да се ублажат и за граѓаните и за стопанството. Но во моментов ситуацијата на светско ниво е алармантна, цените на берзите се превисоки, постои реален проблем со недостаток на електрична енергија во Европа. Повеќепати спомнувам, ова ќе е најтешката зима во поновата светска историја.

Затоа изминатава недела, кога бев во Белград, на Самитот на Отворен Балкан, таа посета не беше само за потенцијалите на винската и извозната и услужна дејност во нашата економија, туку за уште две важни прашања – за енергетската криза и потреби на нашата држава и за нашите домашни обврски кон граѓаните за храна и прехранбени производи.

Многумина посакаа среќа и успех пред тој настан и пред тие состаноци, но среќата има малку што со целиот овој процес. Анализите и соодветното планирање и преземање акција е клучно. Оваа Влада го знае тоа и ние практично уште од првиот ден работиме на справување со овие предизвици уште од изборот на Владата јануари оваа година.

Разликата е што сега е многу, многу потешко од тогаш со оглед на војната која се води во Украина и која што комплетно ги поремети пазарите на снабдување со гас и соодветно на тоа со електрична енергија и други енергенси и суровини.

Но, тоа е тоа!

Јас, ние, сите, на глобалната тотална криза, пред се енергетска, воена и прехранбена криза, можеме да влијаеме директно, континуирано, но ограничено.

Ние сме мала земја географски. Но сакаме и сме големи во нашите обиди со знаења, подготвеност, акција и најважно пријателства и сојузници!

Поважно од се, е нашиот План, акција и решенија да ја поминеме оваа криза!

Првенствено со наши сили внатре во земјата.

Со наши ресурси, кои што ги имаме на располагање во овој момент.

И со помош на нашите пријатели!

Денешниот состанок на Советот за безбедност го договаравме во изминатиот период со Претседателот на државата! Му благодарам на иницијативата и за поддршката.

За мене како Шеф на Владата, како најодговорен е многу значајно што заеднички добивме поддршка за сите напори кои во изминативе месеци, од мојот почеток како Премиер на Владата ги правиме.

Прво, да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално, досега, во последните декади, зголемено производство на сопствена енергија!

Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 %. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода.

Која е целта?

Во најтешкиот период за нас кој започнува на 01.10 до следниот април односно април идната година и понатаму до почетокот на летото на сите македонски граѓани дома на сите ученици, и студенти, на сите микро, мали и средни бизниси да им обезбедиме најниска можна цена на електрична енергија, најниска можна цена и непречено снабдување со топлинска енергија, воопшто енергија за нивните потреби каде и да се, кога и да е! По сегашната цена, со задржување на евтината струја и со гаранција за 24 часа целосна достапност!

За средниот и големиот бизнис, како што беше побарано од стопанските комори, сегашните домашни повластени производители на струја, ќе продолжат да работат за истата пониска тарифа за слободниот пазар, цена која е далеку пониска од берзанските цени. Берзански цени кои се во постојан раст заради недостатокот на електрична енергија на европскиот континент.

Ние во изминатиот период работевме да ги одржиме работните места, нашите компании и производот кои тие го создаваат! Така и ќе продолжиме и во иднина.

Подолго време работиме и ќе го зголемиме домашното производство на електрична енергија за најмалку 25 проценти каква што задача доби ЕСМ.

За да имаме целосно достапна енергија, по цени како сегашните, најниски во Европа, за сите граѓани и домаќинства, обезбедивме директни субвенции за сите граѓани од Буџетот преку кои се субвенционира цената на електрична енергија која се испорачува до дистрибутерот на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Следната цел е преку преземање на работењето на БЕГ и на другите капацитети потребни за обезбедување на топлинска енергија од страна на ЕСМ со оглед на тоа што БЕГ не можеше да ги извршува своите услуги во овие услови, а градот Скопје одби да ја преземе оваа комунална дејност која е во негова надлежност ЕСМ е тој кој по завршување на сите процедури ќе го преземе снабдувањето непречено со топлинска енергија за 55.000 домаќинства на град Скопје.

За бизнисот, планот за снабдување со енергија, целта е да обезбедиме цена на електричната енергија за функционирање и опстојување на бизнисите, по цена која е пониска од берзанската цена и кои би биле издржливи за бизнисот.

Не само заради бизнисот, туку најмногу заради задржување на работните места, а тие значат задржување на семејствата, на производот, на нашата економија и држава!

Затоа бев во Белград, затоа бев во Софија, тоа е целосно и директно моја прва точка и обврска кога зборувам со сите државници, во изминативе 8 месеци!

На тие состаноци покрај ресорните министри и директорите на компаниите од енергетскиот сектор, како што можевте да видите и самите присуствува и претседателот на најголемата стопанска комора во државата а тоа е со цел за целосна транспарентност и координација на дневно ниво.

Досега се направени следните активности кои се дадени како задача и задолжение на соодветните компании, министерства, институции во енергетскиот сектор:

Обезбедување на  јаглен потребен за производство на електрична енергија во РЕК Битола и Осломеј,

Обезбедување на мазут, потребен за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино и потребен за производствениот процес во РЕК Битола и Осломеј,

Обезбедување на гас потребен за производство на електрична енергија во ТЕ-ТО и во централата Когел во сопственост на ЕСМ,

Обезбедување на дизел гориво и обезбедување на дополнителна електрична енергија.

Во најтешката криза по Втората светска војна, нашата основна цел е државата, граѓаните и бизнисот да се задржат да функционираат и да растат.

Ова е ужасно тешка ситуација. Но, нема предавање, и јас немам намера тоа да го правам.

Оваа есен, зима, следната пролет се најтешка во повоената македонска држава и ние тоа ќе го издржиме и пребродиме заедно.

Планот за тоа е договорен, денес презентиран и во претстојниот период веќе се работи на негова реализација.

Веќе работиме за нов енергетски План за следната Пролет, и дополнително на план за максимално зголемување на домашното производство на храна којшто исто така е еднакво значаен процес.

Почитувани граѓани и медиуми,

За сето ова го информирав Советот за безбедност во многу поголеми детали.

Овој План, кој го заокруживме со многу месеци домашна подготовка, и со поддршка од нашите регионални, европски и меѓународни сојузници, план којшто ги има следните цели:

  1. Сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија!
  2. Сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосно, достапно и одржливо снабдување со храна!
  3. Сите македонски компании да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија, по цени пониски цена од берзанската!
  4. Владата останува целосно посветена, низ внатрешен, регионален и меѓународен дијалог да ги подобри уште повеќе перформансите на домашното производство и екстерната оптимална поддршка!
  5. Бараме штедење на енергијата од сите граѓани и бизнисот, но пример за тоа ќе биде прва Владата, владините и јавните институции согласно објавениот План за штедење од 1 Септември. Истиот од наша страна ќе го зајакнеме!
  6. Во наредниот период за сите детали ќе ги информираме стопанските комори, медиумите и граѓаните.

За ова што се случува, се подготвувавме, и сме подготвени. За сите дома, со јасен план за пребродување на оваа зима се до април 2023 година. Сите надвор кои досега ни помагаат како за себе ги сметаме како домашни пријатели.

Дали постојат ризици, да, постојат ризици. Непредвидени испади на термо блоковите во Битола и Осломеј заради апсолутната застареност на опремата кои се постари од 40 и 50 години. Непредвидливи ризици во цената на природен гас и електрична енергија до ниво на неиздржливост на цените во светски рамки.

Евентуални забрани за извоз на природен гас и други енергенси и суровини за производство на електрична енергија и заради тоа имаме мноштво состаноци како внатре во земјата така и во соседните земји каде што има електрична енергија,  како на пример во Бугарија која произведува базна енергија за регионот и исто така со Грција која што е практично логистичкиот центар на Балканскиот Полуостров.

Оваа зима мора да ја издржиме и да успееме и на пролет на зборуваме за нови успеси“.

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …