Ковачевски од Свечената академија за 8 Септември: Гласот за слобода, со кој е постигната независноста, денес е глас за европска иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваше и се обрати на Свечената академија во чест на државниот празник 8 Септември – Денот на независноста, вечерва, во објектот на Филхармонија на Република Северна Македонија.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски, на Свечената академија.

„Гласникот на слободата – 8 Септември, во предвечерието на овој голем и важен празник за македонската државност, Денот на независноста, повикува на нов, сигурен чекор напред.

Пред 32 години, во 1991-та година, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас – глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година.

32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, во ЕУ, но во родната, Република Северна Македонија. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одзвеме на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок.

Оваа е шанса која доаѓа во време кога Република Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, со осигурени граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија, која придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО, земја која сигурно чекори на патот кон Европската Унија.

Во време кога во Соединетите Американски Држави, септември 2023 година е прогласен за месец на македонската култура во САД.

Во време кога германскиот Бундестаг оддаде признание на македонскиот јазик, култура и историја.

Во време кога се одбележуваат денови на македонската култура во Шибеник – Хрватска, каде ги славиме културата и уметноста рамноправно со нашите партнери од ЕУ.

Во услови кога дипломатите учат македонски јазик пред да дојдат во земјава. Во услови кога на македонски јазик е веќе потпишан првиот договор со Европската комисија, договорот за ФРОНТЕКС.

И кога на македонски јазик веќе се преведува целото европско законодавство. И кога од Европската Унија е финансиран преводот на 400-тини романи пишувани од европски автори – на македонски јазик.

Сето ова беше тотално незамисливо во првата, најкритична фаза по независноста на државата, во 1992 година, кога беше донесена Лисабонската декларација, во којашто стоеше дека Европската заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не се содржи зборот Македонија и придавката македонски.

Денес, после 30 години, реалноста е сосема поинаква.

Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта.

И ова е и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава!

Науката бележи дека македонскиот јазик, што е најдиректно поврзан со нашиот македонски идентитет, има свој континуитет којшто лесно се следи уште од 9-от век и дека признанието од светот за тоа е добиено уште пред 70 години. И нагласува – што има ние да се објаснуваме повеќе околу тоа?!

И јас – се согласувам!

Како што вели Конески, „Јазикот е нашата вистинска татковина“. И оваа наша татковина, Република Северна Македонија веќе е и територијално и идентитетски меѓународно признаена држава. Преку науката, уметноста, книжевноста. Но и како политичка реалност!

И штом е така, од кои причини би ставале кочници на сопствената перспектива?!

Јасно е дека причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели.

Но едно е јасно – тоа што треба и мора да се направи сега, е да покажеме слух за гласот од дамнина. Од Илинден 1903. Од АСНОМ 1944. Од независна Македонија 1991.

Денес – во 2023, вечерва – во оваа сала, и утре – кога ќе осамне новиот 8 Септември – да го слушнеме гласот на генерациите зад нас и повикот на генерациите пред нас.

Да продолжиме по зацртаниот пат на напредокот. Исто како во 903, 44, 91-та.

Да не правиме отстапки. Туку прогрес.

Да не оставаме никому простор да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст. Бидејќи имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво.

Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика.

Исто како што низ историјата, од 1903, а потоа и до 1944-та година, револуционерите се бореле за секоја педа земја, но и за гласност на македонското прашање во светот. Бидејќи знаеле дека нема рамноправна борба без присуство на рамноправен терен.

Нивната визија се покажува исправна, бидејќи тоа што почнало на Илинден и изгледало во тоа време преурането, било постигнато во 1944-та година, кога е добиена битката за своја држава и свој јазик во рамките на тогашна Југославија. А на 8 Септември 1991-та година оваа вековна визија се остварува во целост, кога е формирана независна Република Македонија.

Со мудри одлуки и заедништво, по мирен пат е сочувана унитарноста на државата, додека наоколу пламтеше огнот на раздорот помеѓу југословенските републики.
Потоа е донесен првиот Устав. Воведен е денарот како македонска валута. Утврдени се македонското знаме и македонската химна. Отпочнат е процесот на меѓународно етаблирање.

Станавме полноправна, 181 членка, на Организацијата на обединетите нации, а потоа и на Светската трговска организација, во 1993-та година. Станавме членка на ОБСЕ, за да денес бидеме претседавач со ОБСЕ. А потоа и на Советот на Европа во 1995-та година. Станавме членка на ЦЕФТА во 2006-та година.

За тој период се соочивме со повеќе кризи: ембарго, транзиција, воен конфликт во 2001-та година. Режим, меѓународна изолација.

Со мудри одлуки и заедништво успеавме да ја возобновиме демократијата во 2017-та година. И ги обновивме релациите со нашите стратешки меѓународни партнери.
Република Северна Македонија во 2020-та година стана 30-та полноправна членка на НАТО.

По цели 17 години од добиениот кандидатски статус за членство во ЕУ во 2005-та година, минатата година, 2022, ги отвориме и преговорите со Европската Унија. И денес ја имаме најреалната и единствена ваква можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години.

Да, сите наши битки биле и се полни со предизвици, од 1991-та до денес, какви што биле од 1903-та преку 1944-та година, до прогласувањето на независноста.

Но пиреј вирее на ова тло и како што вели и нашиот познат македонски писател Петре М. Андреевски, „ништо не ја ништи таа трева“.

Патриотизам е да им се верува на Конески и Андреевски.

Да се верува на искуствата од сопственото историско минато, затоа што тоа значи вистинска почит кон сопствената историја.

Почитувани граѓани и почитувани присутни на оваа Академија,

Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка кохезија.

Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели.

И дека мора да дејствуваме заедно и обединети.

Искусивме што значат меѓународна изолација и недемократска власт.

Видовме што носи меѓуетничката нетрпеливост, којашто што повлекува етноцентрични, популистички и со тоа крајно неодговорни и недржавнички политики.
Оваа држава, уште од Крушевската Република и АСНОМ е поставена на мултиетничноста, којашто е вградена и во Уставот на независна Македонија. Преку политичко и етничко заедништво е донесена и самата одлука за независноста на Републиката.

Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, затоа беше во право кога оцени дека „Гласот за суверена и самостојна македонска држава е глас за Македонија, заеднички дом на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и претставниците на другите народи што живеат во неа“. Дека македонската држава е заеднички дом израснат врз вековното искуство на национална и верска толеранција и почитување. Така како што извира од духот на Крушевскиот манифест, во кој се олицетворени напредните демократски идеи на илинденските револуционери за сожителство, еднаквост меѓу народностите и братска слога. Тоа е основата и на Декларацијата на АСНОМ, според којашто „сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, раса и вероисповед“.

Ова значи дека заедништвото, на коешто е поставена денешна Европа, на ова наше македонско тло било стратегија, водилка и сила уште пред да постои Европската Унија.

Заедништвото како европска вредност е во македонскиот код. Тоа заедништво секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал. И затоа ние денес, ниту има од што да бегаме, ниту има од што да стравуваме.

Предизвиците постоеле и ќе постојат.

А најдобриот начин да се справиме со предизвиците е да се соочиме и да ги решаваме.

Предизвикот е шанса да се даде сè од себе.

И таа неповторлива шанса за напредок, директно поврзана за нашата интеграција во Европската Унија, ја имаме токму сега.

Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие на нас.

Исто така, сите пораки од нашите стратешки партнери, од САД, од НАТО, од земјите членки на ЕУ се дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница.

Ова за нас значи дека највисоките минимална и просечна плата и пензии што ги постигнавме – ќе бидат многу повисоки, според европски стандарди.

Домашните претпријатија коишто имаат најголема државна поддршка досега – ќе добиваат многу поголема државна помош да се развиваат дома, но и да бидат конкурентни на европскиот пазар од половина милијарда луѓе.

Странските инвестиции коишто се најголеми досега, ќе бидат уште побројни, затоа што инвеститорите сакаат безбедност и предвидлива клима за инвестирање.

Тоа ќе стане можно и со функционалното право што е едно од првите поглавја што ќе ги отвориме веднаш по декември, за да ги усогласиме со европската регулатива и пракси.

Европската поддршка за земјоделството, за капиталните инвестиции за модерни школи, амбуланти, патишта, за инвестиции во енергетиката, за еколошки чиста и здрава животна средина – ќе биде драстично поголема.

Ова не се надежи. Ова се перспективи, базирани на факти.

Бидејќи земја членка на Унијата добива 11 пати поголема европска помош од ЕУ – фондовите, од земја која е кандидат за членство.

Државите коишто се зачлениле во Унијата, во првите пет години имаат од 100-процентно до 200 процентно зголемување на платите на нивните работници.

И имаат до 90-процентно зголемување на Бруто-домашниот производ во нивните држави, што генерира општ економски раст во државата.

Фактите денес говорат и дека 80 проценти од македонскиот извоз оди во држави што се членки на ЕУ.

Дека 50 проценти од увозот во земјава доаѓа од држави членки на ЕУ.

И дека Европската Унија, во оваа 32-годишна независност стана нераскинлив дел од нашиот развој, има инвестирано огромни 3,3 милијарди евра во нашата држава. Затоа што веруваат во нашата искрена определеност кон европските интеграции, како наша стратешка цел, но и нивна стратешка цел.

Ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан, на нашата држава и се заканува повторна изолација. Повторно чекање и повторни блокади. А тоа значи и пропуштена шанса за напредок и обратно, назад и нова темница, во којашто уште долго ќе се лута како што се луташе 11 години.

Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес.
Слободата значи и одговорност.

И затоа, да го послушаме гласот на 8 Септември – и да исчекориме напред!

Јас работам и ќе работам, а повикувам и сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Бидејќи заедништвото со кое е постигната независна иднина на Северна Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава.

Патриотизам не е како гледаме на минатото, туку како со искуствата од минатото ги градиме сегашноста и иднината.

Деновиве бев почесто меѓу младите и во пресрет на 8 Септември, на прашањето што посакуваат за роденденот на родната земја добив ваков одговор: Сите да сме среќни.

Ова нека нè обедини. Желбата за среќа. Желбата на нашите деца. Вербата на нашите млади. Копнежот на родителите. За среќа – дома, меѓу саканите, во родниот крај. Бидејќи тоа е остварливо.

Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на нашата држава, Гласник на слободата и со нови храбри, достоинствени и мудри одлуки, во нови заеднички успеси!“.

Прочитајте повеќе

еу знаме

Клучна поддршка од ЕУ во борбата против пожарите во Северна Македонија

ЕУ отсекогаш била тука за Северна Македонија во тешки времиња. Нашата брза и суштинска помош …