Ковачевски: По стапките на Свети Климент Охридски, македонскиот јазик стана реалност во Европа и светот (Видео)

Ковачевски: По стапките на Свети Климент Охридски, македонскиот јазик стана реалност во Европа и светот (Видео)

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се обрати на централниот настан што во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – Свети Климент Охридски, се одржа во Националната и универзитетска библиотека во Скопје, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование“.

Во продолжение е интегралното обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Почитувани граѓани,

Почитувани претставници од научната и образовната јавност, почитувани членови на Владата, претставници на меѓународната заедница, претставници на армијата, почитувани гости.

Најдобар начин, да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело, со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија.

Македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот.

Македонскиот јазик е рамноправен со јазиците коишто се употребуваат како службени во Обединетите Нации, со јазиците коишто се употребуваат како службени во НАТО, во Европската Унија. Ова значи дека македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот!

Успеавме минатата година, на македонски јазик, да биде потпишан првиот меѓународен договор со Европската Унија. Истовремено започна преведувањето на севкупното европско законодавство на македонски јазик. Со тоа, македонскиот јазик, за прв пат во многувековните заложби за негов рамноправен третман, го поставивме на рамноправно рамниште со јазиците на 27-те земји членки на Европската Унија.

Ова постигнување, што го направивме со меѓународното прифаќање и признание на македонскиот јазик е од суштинско значење, бидејќи конечно покажува безрезервно меѓународно признавање и прифаќање и на нашиот посебен македонски национален и културен идентитет, што претставува вековен аманет на нашите предци.

Македонскиот народ, како и сите други заедници, деловите на другите народи кои живеат во Република Северна Македонија, со својата богата и значајна традиција, историја и култура се наоѓаат на патот за обединување во европското семејство на народите.

А, денес и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како наследничка на древната Охридска Архиепископија се впишува како автокефална, еднаква црква, со другите сестрински цркви – еднаква со сите канонски православни цркви во светот.

Еве вака достоинствено и преку дела се остварува и заложбата на свети Климент Охридски!

Секое време си бара лидери и ја искушува вербата со истрајност и макотрпен труд.

И низ такви искушенија поминал и свети Климент, кога се зафатил со просветителската дејност, поради што доживувал и осуди и прогонства.

Но, не се откажал! Опстојал во намерата за образовно и духовно просветлување на Словените и на другите заедници, на македонската почва, но и во тогашната Европа, со силната верба дека постигнувањето на оваа света цел е можно. Така тој се издигнува во една од најзначајните личности за македонската писменост и е меѓу првенците на европската обединувачка идеја.

Ја основал и Охридската книжевна школа, каде на глаголско, а потоа и на кирилско писмо се преведувале бројни книги и записи, а се изучувале книжевноста, ботаниката, агрономијата, фармацијата, медицината. Со тоа, Охридската книжевна школа станува и првиот своевиден балкански и европски универзитет, речиси два века пред првите официјални универзитети во Европа: Болоња, Оксфорд, Кембриџ, Сорбона, Краков и други. Подоцна, оваа Школа прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни и образовни центри, од каде се шири писменоста.

Поради заслугите во афирмирањето на делото на светите браќа Кирил и Методиј и учеството во создавањето на глаголското писмо, кое е првото словенско писмо, Блаже Конески го поврзува свети Климент Охридски непосредно и со почетоците на македонската писменост, литература и култура.

А поради распространувањето на глаголското писмо и на писменоста меѓу Словените на тогашната европска почва, свети Климент Охридски добива значајно место и во европскиот цивилизациски развој, како мисионер за духовно и културно обединување на народите.

Да се потсетиме дека ракописи од Охридската школа денес се наоѓаат речиси во сите значајни светски библиотеки и установи.

Таму поминале над 3.500 ученици, на кои свети Климент, како што бележат историските списи, им ги покажувал буквите, им ја држел раката при пишувањето, им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното.

Описменетите ученици потоа ја ширеле писменоста и верата низ целиот православен свет, што го потврдува Климентовото дело како исклучително важно за Македонците, но и за целиот словенски и европски свет.

А Охрид, уште пред повеќе од 1.100 години, токму благодарение на Свети Климент, се издига во значајна образовна, културна и духовна европска престолнина, од каде се шират писменоста и цивилизациските вредности.

Потенцирајќи го огромното значење на свети Климент Охридски во најширока смисла, сакам да порачам дека моќта и улогата на еден народ – не зависат од неговата големина, од бројноста или според големината на неговата територија, туку според способноста да остане цврст во визионерските потфати, дури и кога тие на прв поглед изгледаат невозможни.

Денес, Република Северна Македонија успеа со храбри и мудри одлуки, помогната од наследениот обединувачки дух, да се консолидира на домашен план. Решивме предизвици што со децении, како карпа, ни стоеја на патот на напредокот. Затоа денес на нас се гледа како на посакувана членка и во Европската Унија, фактор на стабилноста во регионот и во европски контекст.

Мора да се интегрираме и во Европската Унија, затоа што ние како Македонци и сите граѓани на Република Северна Македонија, носиме со себе суштински демократски цивилизациски вредности, како што е обединувањето на различностите. И едноставно ги заслужуваме европските интеграции.

Перфидно и штетно е граѓаните да се збунуваат со лажни заплашувања во однос на македонскиот идентитет, којшто никој никогаш, низ вековите – не успеал, ниту некогаш ќе успее, да го побие.

И убеден сум дека ваквите обиди се веќе препознаени од мнозинството граѓани и многу скоро, но и засекогаш ќе се најдат на буништето на штетниот и опасен лажен патриотизам.

„Словото“ што започнале да го шират светите браќа Кирил и Методиј, нивниот најистакнат ученик свети Климент Охридски, заедно со својот брат, свети Наум, но подоцна и кодификаторите на македонскиот јазик, Крсте Мисирков и Блаже Конески и низа познати и признати македонски автори пред и по нив, низ Европа и низ светот – е во основите на нашиот денешен македонски јазик, којшто, според научни наоди, јасно ја дефинира македонската посебност на културолошки и политички план.

И повеќе не се зборува само за „јазикот на македонската култура“, „јазикот на македонската писменост“, или „јазикот на Блаже Конески“, „јазикот на Матеја Матевски“ – туку, за целиот свет, ние сме македонска држава со посебна македонска култура и со свој македонски јазик. И тоа е реалноста!

Заштитата на македонскиот јазик и култура значи континуирана грижа и еманципација на македонскиот јазик.

Во богатиот фонд на оваа национална библиотека, каде што сме денес, има над три милиони библиотечни единици, чии корени досегаат до делото на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.

Патронот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, знаејќи го значењето на пишаниот збор, ја формирал првата манастирска библиотека во манастирот Св. Пантелејмон во Охрид, со што станува и основоположник на библиотекарството на овие простори. И ние сега чекориме и по овие негови стапки.

Како Влада, минатата година, во најкризната година поради светската економско енергетска криза, успеавме да реконструираме два од петте кубуси на покривот на Библиотеката, којашто е од национално значење и заслужува темелна заштита во согласност со современите стандарди.

Воедно, со буџетски средства, во Институтот за македонски јазик овозможивме трајна заштита на околу пет милиони записи со стари македонски текстови, како дел од нашето духовно богатство, а некои од нив датираат дури и од 14 век.

Започнавме со формирање Центар за промоција на македонскиот јазик во село Љубојно. Поддржавме дигитализиран Толковен речник на македонскиот јазик и Правопис на македонскиот јазик во дигитална форма. А меѓу низата активности за заштитата на македонскиот јазик е и поддршката на донесувањето нов Закон за употребата на македонскиот јазик.

„Јазикот е нашата целокупна татковина“, ни порача Конески. А, како што вели Мисирков: „За среќа, има и македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.

Нека ни е честит и вековит државниот празник „Св. Климент Охридски“!

Нека е честит патрониот празник на бројните државни институции и установи што го носат името на овој наш просветител и духовник.

И нека е честит денешниот празник и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Св. Климент Охридски, првиот словенски епископ на овие простори на Југоисточна Европа.

Во оваа насока, ќе завршам со зборовите на свети Климент Охридски: „Тргај се од злото и чини добро“ – коишто во денешен контекст, повеќе од кога било, се значајни за светот што има потреба од добрина, чесност, љубов, разбирање и разум.

Благодарам за вниманието и нека е честит Денот!“

Прочитајте повеќе

Филипче Митинг со младите

Д-р Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни …