Ковачевски: Повеќе инвестиции за модерно и продуктивно земјоделство преку мерката „Бизнис план“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод доделувањето на договорите на земјоделците кои се поддржани со новата мерка „Бизнис план во земјоделството“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Најпрвин сакам да ви честитам на грантот кој го имате добиено, тој грант практично е резултат на вашиот труд, на вашата работа и на вашата заслуга и затоа е овој еден убав, свечен момент на којшто практично се признава се она што сте го правеле во минатото меѓутоа што ќе го правите и во иднина.

Стабилна и успешна држава е онаа којашто се потпира на сопствените ресурси.

И драго ми е што  сум присутен на настанот денес.

Денеска, овде сакам да ги поздравам нашите земјоделци и да им оддадам почит за нивниот труд и работа. Токму вие овозможувате нашата држава да се потпре на сопствените ресурси и да ги искористиме сите потенцијали во корист на државата и граѓаните.

Задоволството е големо кога ресорното министерство, партнерски со земјоделците креира мерки, а резултатите од таквата работа се евидентни.

Затоа, во многу прилики имам кажано дека и министерот за земјоделство и неговиот тим , знам дека најмногу контактирате со г. Бачовски кој што секогаш ви е на располагање и како резултат на тоа,  денес, доделуваме 206  договори на индивидуални земјоделци поддржани преку мерката „Инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства“ или популарно наречена мерка „Бизнис план“ од Програмата за рурален развој, која ја воведовме за прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа.

Со новата мерка „бизнис план“, овозможивме помош во висина до 10.000 евра како ко-финансирање за набавка на производствена опрема и механизација.

Земјоделците имаат можност да  набавуваат земјоделска механизација, како  пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација и широка лепеза на друг вид опрема со која сме во чекор со потребите и современите светски трендови.

И задоволни сме од огромниот интерес за оваа мерка наменета за нашите земјоделци, која што претставува дадена вредност во нивното производство.

Целта на секоја држава е да произведе повеќе домашна храна. Затоа, ставивме силен фокус на зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна, преку конкретни мерки од кои придобивки имаат и земјоделците меѓутоа и граѓаните.

Реализираме еден од нашите врвни приоритети – со повеќе инвестиции за модернизација, до стабилно, продуктивно земјоделство и задоволни земјоделци.

Ги помагаме нашите вредни земјоделци, за остварување на нивните визии за добар бизнис, поквалитетно домашно производство и побогати приноси. Овозможуваме тие да се профилираат и да станат поконкурентни и на домашните и на странските пазари.

Затоа, не случајно со мерката Бизнис план инвестираме 1,5 милиони евра за поддршка при набавка на опрема за 206 земјоделци.

Владата е партнер на земјоделците, заедно доаѓаме до решенија за вашите долгогодишни проблеми. Сум кажал и ќе кажам повторно, нема предизвик кој не може да го надминеме заедно. Ние сакаме, можеме и умееме заедно да се справиме со сите предизвици.

Годинава обезбедивме рекордни над 7 милијарди денари или скоро 115 милиони евра за субвенции за вистинските земјоделци фокусирајќи се на зголемено домашно производство.

Презедовме низа мерки за субвенции и мерки за поддршка на домашното производство на храна со цел да го одржиме растот на економијата и полесно да се справиме со предизвиците од светската економска и енергетска криза.

Го признаваме и вреднуваме трудот на секој земјоделец, ги слушаме на терен нивните потреби и создаваме квалитетни услови за работа, за сите оние што сакаат да работат и да создаваат за доброто на нашата земја.

Затоа, предвидовме финансиска поддршка во вид на грант од 10 илјади евра за малите производители на храна и за малите семејни винарии и грант до 5.000 евра за набавка на опрема за малите дестилерии.

Со буџетски средства ги помогнавме и младите земјоделци, а за жените земјоделки за прв пат е донесена историска одлука и предвидено е платено породилно отсуство.

Сите овие мерки ги надополнуваме и со средствата преку ИПАРД програмата. Северна Македонија прерасна во лидер во регионот по искористеност на мерките од ИПАРД програма што резултираше со зголемување на средствата за ИПАРД 3, на 97 милиони евра. Ние сме прва земја во регионот која почнува со оваа програма, со којашто овозможуваме нашите земјоделци да користат авансна исплата до 50% од висината на финансиската поддршка по потпишување на договорот.

Паралелно, секогаш кога е потребно, Владата им помага на земјоделците преку соодветни мерки. Обезбедивме и  авансна исплата на субвенции за  40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, за да можат на време да инвестираат во новите реколти.

Нема да застанеме со нашата поддршка за земјоделците, бидејќи нивниот труд  соодветно го вреднуваме. Модерно и европско земјоделство е нашата цел. Можностите се пред нас, треба да ги искористиме,  заедно да продолжиме по патот на стабилност и подобра иднина.

Влезот во ЕУ значи нови можности за земјоделците, повеќе средства за искористување за поддршка на земјоделското производство. И колку тоа поскоро го сфатиме, толку подобро и за нас и за генерациите што следат. Влогот денеска е бенефит за иднината.

На крајот, уште еднаш Ви честитам што ја искористивте оваа мерка, ви посакувам успешно да инвестирате во осовременување на вашите бизниси и да ги реализирате своите планови, и ви посакувам успешна работа.

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …