„Луѓето потсвесно им веруваат на фотографите, дека тоа е апсолутна вистина, но сега практично со употребата на промптови и без никаква употреба на фотоапарати или камери и без лично присуство на лице место добиваме производ кој изгледа како фотографија а не е фотографија, со што голем е просторот за манипулација со публиката“, вели Манчиќ
Како што генеративните алатки за вештачка интелигенција (ВИ) стануваат сè пософистицирани, расте и стравот дека голем број професии можат да бидат загрозени, а се зачестуваат и дискусиите во однос на заштитата на релевантните информации, наспроти дезинформациите и манипулациите кои можат да бидат генерирани со вештачка интелигенција.
Колку и дали медиумската работа е загрозена со развојот на ВИ и колкава е можноста да се шират манипулации и дезинформации во медиумите како последица на ова, беше само една од темите на која новинари, фоторепортери, невладини организации и експерти неодамна разговараа на регионална конференција во Белград, Србија.
Присутни беа претставници од речиси сите земји од регионот, кои беа едногласни дека треба да ги заштитат своите авторски дела, дотолку повеќе што се објавуваат фотографии кои всушност не се направени од фотографи, но и генерички направени текстови кои не се напишани од новинари.
Сето ова, заклучија присутните, може да доведе до тоа јавноста да биде доведена во заблуда и да биде предмет на манипулации и дезинформации.
Српската новинарка Јелена Петковиќ за Мета.мк вели дека вештачката интелигенција во било која редакција може да биде само средство, нешто што му помага на новинарот да направи содржина, но никако да биде краен производ.
„ChatGPT и останатите апликации, функционираат така што ја преземаат содржината од некој. Тие го собираат она што е достапно на интернет и прават нова вест, нов извештај. Тоа веќе некој го направил. Освен што е тоа кршење на авторските права на таа личност која веќе отишла на терен и напишала извештај, тоа е и некој вид измама на читателите“, вели Петковиќ.
Српскиот Совет за печат во 2022 година донел посебна одредба со која секоја содржина која е направен со помош на вештачка интелигенција, мора да биде видно обележана, за читателите да знаат дека не станува збор за новинар кој бил на настан, го снимил истото, собрал различни изјави и врз основа на сето тоа, напишал текст.
„Јас не мислам дека воопшто не треба такви извештаи да се изготвуваат со употреба на вештачка интелигенција, бидејќи таквите извештаи се пишуваат и врз база на впечатоците на новинарот кој оди на терен. Не може вештачката интелигенција да оди и да интервјуира луѓе. Таа може да биде корисно средство, но мора да се постави границата, до каде е алатка, а од каде ние ја работиме својата работа“, вели Петковиќ за Мета.мк.
Нешто слично се случува и со објавувањето фотографии кои се направени со вештачка интелигенција, со што, од една страна е загрозена работата на фоторепортерите кои одат на терен, а од друга, пак, постои веројатност јавноста да биде изманипулирана.
Звездан Манчиќ од Центарот за развој на фотографии и фестивалот на фотографии „Визуелизатор“ вели дека манипулациите, но и дезинформациите на ова поле можат да бидат огромни. Тој вели дека ова особено може да се забележи со војната во појасот Газа, каде што биле објавени голем број фотографии кои не се вистински, туку се производ на ВИ.
Таков е случајот за која проверувачите на факти утврдија дека станува збор за производ на вештачка интелигенција. Стануваше збор за човек кој носи пет дечиња преку урнатините во Газа, а беше споделувана десетици илјади пати на социјалните мрежи. Експертите утврдија велат дека фотографијата содржи знаци и карактеристики на вештачка интелигенција и дека истата воопшто не била објавена од страна на новински агенции со фотографи кои се на терен и кои известуваат и ја покриваат војната што беше испровоцирана од октомврискиот напад на Хамас врз Израел.
„Луѓето потсвесно им веруваат на фотографиите, дека тоа е апсолутна вистина, но сега практично со употребата на промптови и без никаква употреба на фотоапарати или камери и без лично присуство на лице место добиваме производ кој изгледа како фотографија а не е фотографија, со што голем е просторот за манипулација со публиката“, вели Манчиќ.
Тој додава дека терминолошки, овој производ фотографија, кој настанува преку вештачка интелигенција, не смее ниту да се нарекува фотографија, бидејќи таа само по себе е еден вид манипулација на луѓето и на јавноста, која и терминолошки, тешко може да направи разлика што е вистина, а што не е.
Потенцијалните стапици на вакви содржини неодамна беа демонстрирани кога германскиот уметник Борис Елдагсен победи во натпреварот за годинешната награда на Sony World Photography со фотографија генерирана од вештачка интелигенција.
Елдагсен ја одби наградата и изјави дека е само „еден безобразен мајмун“ за да види дали некој од судиите „знаел или се сомневал дека фотографијата е генерирана од вештачка интелигенција“.
„Фотографиите направени со вештачка интелигенција и вистинските фотографии не треба да се натпреваруваат едни со други за ваква награда“, додаде тој.
Елдагсен за Би-Би-Си изјави дека јасно им ставил до знаење на организаторите дека тој сакал јавно да се вклучи во „отворена дискусија“ на оваа тема, а доколку тоа го направел многу порано во процесот на доделување награди, ќе немало никаква корист.
„Тој поттикна една голема дебата во однос на нешто што не е фотографија, но исклучително потсетува на фотографија, со што можноста за манипулации е огромна. Суштински, фотографијата можеби беше единствениот медиумски производ во кој безрезервно се веруваше и сега ова ни докажува нешто поинакво“, вели Манчиќ за Мета.мк.
Тој додава дека на светско ниво сè уште не е регулирана заштитата на авторските права за она што е плод на работа на вештачката интелигенција, во смисла на обврските на лицата кои се бават со такво нешто.
„Сметам дека во вистинските информативни медиуми нема место за нешто што се нарекува промптографика, туку мора да има чисти фотографии и јасно да се знае дека тој е документарен елемент и јавноста да знае дека не станува збор за измама, додека ако е нешто резултат на изработка на компјутер мора да се нарекува поинаку и да не се наоѓа во информативните медиуми“, вели Манчиќ.
Фестивалот на фотографии „Визуелизатор“ веќе одржал меѓународна дебата со претставници од 8 држави, со цел да се започне процес на еден вид регулација на ова поле, со цел јавноста да знае точно што гледа пред себе – дали е тоа вистинска фотографија или пак производ на вештачката интелигенција.
Извор: МЕТА