Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, оствари средба со германскиот канцелар Олаф Шолц. Премиерот изрази благодарност за срдечното гостопримство и можноста да зборува за позициите на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции. На средбата беше заклучено дека интензивираниот политички дијалог на највисоко ниво во последниве години, најдобро говори за пријателство и партнерство меѓу двете земји.
За време на разговорот беше истакнато дека Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на Алијансата во одговорот на руската агресија. Ковачевски и Шолц ги потврдија заедничките заложби како кредибилни партнери во НАТО и ја поздравија соработката меѓу државите како дел од ОБСЕ. Северна Македонија високо ја цени поддршката која ја доби и од Сојузна Република Германија за македонското претседавање со ОБСЕ оваа година.
Премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц говореа за важноста на максимална заложба на Германија за засилување на европската перспектива на нашиот Регион, со што ќе се обезбеди стабилност и развој на Западен Балкан.
На средбата беше потенцирано дека Северна Македонија и Германија имаат исклучително висока економска соработа и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на Северна Македонија, со голем број на директни инвестиции на германски компании во земјава.
По одржувањето на тет-а-тет средбата, се одржа билатерална средба и вечера на двете делегации, предводени од Ковачевски и Шолц. На билатералниот состанок од Северна Македонија присуствуваа вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. На состанокот беше изразена надеж за брза интеграција на Северна Македонија во ЕУ и што побрзо отворање на поглавјата за нашата земја.
Премиерот Ковачевски на средбата потенцираше дека му е благодарен на германскиот народ и Бундестагот за усвоената Резолуција која е конкретен и многу важен чекор што Германија го иницира и ќе биде од клучна важност во напредокот на Северна Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ.
Германија останува посветена на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дава охрабрување во натамошните чекори за приближување кон Унијата.