Ковачевски: Со фотонапонската електрана „Осломеј“ до енергетска независност преку обновливи извори на енергија

Ковачевски: Со фотонапонската електрана „Осломеј“ до енергетска независност преку обновливи извори на енергија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со претставници од Владата, првиот вицепремиер и министри, и генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, денеска присуствуваа на завршувањето на градбата на фотоволтаичната електрана „Осломеј“, каде започна тест период на целосно монтираната опрема.

Во продолжение, изјавата на премиерот Ковачевски во целост:

„Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот.

Затоа со задоволство ја прифатив поканата, денеска да присуствувам на отпочнувањето на тест периодот на монтираната опрема на фотонапонска електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ, изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“.

Навистина е за почит што токму на ова место кое е некогашен загадувач на животната средина, веќе имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија.

Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни. Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина. Со ова како Влада, покажуваме вистинска грижа за заштита на животната средина.

Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан.

Токму поради тоа овој проект е реализиран со кредитна поддршка од Европската банка за обнова и развој која ги препозна заложбите на државата да се насочи кон производство на енергија од обновливи извори.

Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, веднаш по завршувањето на тест периодот, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и Кичевскиот Регион.

Не застануваме овде. ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани со што „Осломеј“ од јаглен целосно ќе премине на користење на обновливи извори на енергија.

Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер и од друга страна со „Фортис Енерџи“ од Турција во едната електрана, а со „Солар про“ од Бугарија во другата. Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час. Од овие инвестиции државата се очекува да заработува околу 1,5 милиони евра годишно.

Владата ја донесе новата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот Зелен Договор и веднаш започна со нејзина имплементација. Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО“ од Франција и „WPD“ од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.

Процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза, очекуваме до средина на годинава да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач. Најважниот проект за енергетската транзиција на Република Северна Македонија конечно ќе дојде до фаза на реализација.

Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија, енергетска независност и заштита на животната средина. Во овој контекст, сакам да истакнам дека го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија претворајќи ги климатските и еколошки предизвици во можности и зелена транзиција, од која ќе имаат придобивки и државата и граѓаните.

Посакувам успешна работа и уште многу вакви инвестиции“.

Прочитајте повеќе

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџети

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџети

Милијарда евра за четири години, односно 250 милиони евра годишно од државната каса ќе добијат …