Ковачевски: Со континуирана поддршка на компаниите создаваме услови за раст на платите

Ковачевски: Со континуирана поддршка на компаниите создаваме услови за раст на платите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска ја посетија компанијата „БиМилк“ во Битола, една од најголемите компании во млечната индустрија, по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.

Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целост:

„Ми претставува чест и задоволство што денеска заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи сме во посета на првата млекарница во државата токму по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.

Им честитам на раководството и вработените во компанијата за овој голем јубилеј.

„БиМилк“ денес претставува наш препознатлив бренд и двигател на млечната индустрија во земјава. „БиМилк“ е значаен стопански фактор. Поддржувач на локалната економија и на фармерите млекопроизводители и учесник во општествените процеси со силна поддршка на заедницата, во рамките на својата општествена одговорност како темелна вредност на компанијата.

Денес „БиМилк“ го обезбедува домашниот и пазарот во регионот со повеќе од 80 производи. Директно вработува 220 луѓе, а заедно со соработниците и компаниите со кои соработува, овозможува егзистенција на околу 1.500 семејства во земјата.

Успехот на оваа компанија од млечната индустрија се должи на имплементирање развојна стратегија насочена кон фармерите млекопроизводители и континуирано вложување во нова, современа технологија за унапредување на работата.

За тој тип на иницијативи и деловна храброст, и во услови на криза, Владата континуирано издвојува средства за поддршка на компаниите и создаваме услови за раст на платите.

Во услови на пандемија, донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија која беше признаена и од меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани околу 60-80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании.

Ова само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и унапредување на економијата.

Посветено работиме за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Уште на почетокот ги преземавме сите неопходни чекори за да се ублажат ценовните шокови. Брзо и навремено, донесовме пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите. Истите со голема брзина се операционализираат и веќе даваат резултати.

Во постојан дијалог со бизнис заедницата, синдикатите и сите засегнати страни го унапредуваме животниот стандард на граѓаните.

На тој начин ја зголемивме и минималната плата. Веќе 80.000 вработени, наши сограѓани, работници во различни дејности и индустрии, земаат 18.000 денари минимална плата. Дополнително, државата го субвенционира делот врзан за придонеси.

Пензиите доживеаја историски највисок раст. Во дијалог со пензионерите, дефиниравме методологија со која пензиите континуирано ќе растат без потреба од дополнителна интервенција. Дополнително ги помогнавме и со директна помош од вкупно 3.000 денари за три месеци.

Во услови кога цените на горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите денес имаме најевтини горива во регионот што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите.

Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат неконтролирано со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна.

За компаниите, овозможивме финансиска поддршка преку Развојната и комерцијалните банки преку користење на бескаматни кредити, користење на Гарантниот фонд како и поволни кредитни линии кои ќе овозможат зелена транзиција. Пред нас е период полн со предизвици за кои сум уверен дека со правилен пристап, посветено и заеднички ќе ги премостиме.“

Прочитајте повеќе

Царинска управа колаж медикаменти

Царинска управа: Спречен шверц на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром Скопје спречија шверц на 1,7 тони медикаменти, Силденафил …