Кривична пријава за тројца вработени во ЈСП, проневериле 28 милиони денари

За сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „затајување“ против тројца вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ денеска Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава, информираат од Финансиската полиција. 

„Во период од 2017 година до 2021 година, спротивно на Меѓународните сметководствени стандарди број 7 и број 8, направиле повеќе книжења во сметководствената евиденција без поткрепа на сметководствени документи, неправилно внеле почетни состојби во сметководствената евиденција и не извршиле усогласување на аналитичката со синтетичката евиденција на приходите и расходите согласно утврден контен план, а паричните средства кои им биле доверени од остварениот дневен промет, ги предале во помал износ во правниот субјект со цел истите да ги присвојат за себе, на начин што го оштетиле буџетот на ЈСП Скопје за вкупен износ од 28.065.476,00 денари“ наведено е во соопштението.

Инаку, кривичната пријава од Управата на финансиската полиција доаѓа по периодот на штрајкот на работниците од ЈСП-Скопје, кои кон крајот на минатиот месец еден ден не возеа заради неисплатени плати.

ЈСП исто така вчера го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, по расправиите кои траат веќе неколку месеци околу префрлањето на средства кон овој превозник за одржување на линиите од скопскиот јавен превоз.

Мета.мк неодамна објави дека градот не им исплаќа пари на приватните превозници, па поради тоа, приватниот превозник „Макекспрес“ не ги пушташе во сообраќај линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Од оваа компанија пред седум дена престанаа да ги пуштаат автобустите да сообраќаат поради долгот од половина милион евра кои им ги должи Градот Скопје.

Пред една седмица во изјава за Порталб од „Макекспрес“ изјавија дека Градот им должи околу 30 милиони денари или околу 500 илјади евра.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …