Крушево станува туристичка дестинација за 4 сезони

Крушево станува туристичка дестинација за 4 сезони

Пишува: Сотир Габелоски

Заложбата на Општина Крушево за продолжување на туристичката сезона и создавање на дестинација за 4 сезони, веќе дава резултати, што го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика.

Според Заводот, од аспект на бројот на ноќевања, времетраење на престојот и бројот на посетители, посетеноста на Крушево генерално се зголемува, иако тој број сѐ уште не е до крај реален со оглед на фактот дека туристичката такса, според која се мери посетеноста, не се исплаќа во целост. Во месеците април, мај и јуни, кои се сметаат за месеци надвор од летната или зимската сезона, за само една година се забележува драстично зголемување.

Податоците за 2017 година, велат дека посетеноста во април и во мај била многу мала и таа постепено се зголемувала во јули и август. Колку за илустрација, во април 2017 година, според уплатената туристичка такса, Крушево го посетиле 278 посетители. Во истиот месец по само една година, градот забележува речиси двојно повеќе посетители, односно 518. Ако зборуваме за бројот на ноќевања, тој во 2018 дополнително расте. Во април 2017 година биле реализирани 441 ноќевање, а во 2018 година, истиот месец – 926.

Растот на бројот на посетители продолжува и во месеците мај и јуни, а споредено со претходните години, благ тренд на зголемување се забележува и во септември, октомври и ноември, месеци во кои градот бележи минимален број на посетители и ноќевања.

Заложбата на Општина Крушево со аплицирањето во европските фондови и имплементацијата на проекти, е во насока на зголемување на посетеноста и бројот на ноќевања во текот на целата година. Како резултат на тоа, Општината очекува поттикнување на локалниот економски развој, односно зголемување на можноста за отворање нови бизниси и генерирање на вработувања во областа на туризмот.

Овој тренд на зголемување на бројот на посетители и ноќевања надвор од најпосетените месеци, според општина Крушево, е резултат на зголемениот број културни и спортски настани кои ги има во текот на цела година, заедно со константната промоција на Општината и понудата на градот.

Амбасадата на Швајцарија преку програма ИМЕ, за зголемување на пазарната вработливост, минатата 2018 година го поддржа фестивалот „Вен ин Крушево“ (When in Krusevo), од причина што се работеше за настан кој се одржа надвор од најпосетените месеци – јули и август. Така што, и напорите на поддржувачите на Општината и нејзината работа на полето на туризмот, се во насока на поддршка на идеи и проекти кои влијаат на продолжување на туристичката сезона во Крушево.

Општина Крушево продолжува да имплементира проекти и да изнаоѓа нови извори на финансирање, кои ќе го направат Крушево дестинација за 4 сезони. Официјалните податоци за посетеноста на градот, покажуваат дека вложените напори ги даваат првите позитивни ефекти.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …