Викендот што измина, во Крушево се одржа манифестацијата „Вечери на Васил Иљоски“, на која беше промовирана брошурата на авторот Никола Јованоски, „Крушевчанецот Васил Иљоски“, беа доделени наградите за трите најдобри есеи за животот и делото на Иљоски, а свој настап имаа учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ и актерите од НУ Народен театар – Битола.
На настанот присуствуваше и правнуката на Васил Иљоски, Иванка Иванова која се заблагодари за организацијата на овој настан и испрати пораки за љубов, поддршка и разбирање.
На отворањето на манифестацијата се обрати градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски истакна дека идејата на манифестацијата и на Општината, е воздигнување на името на Васил Иљоски.
„Втора година по ред работиме на овој настан и тој станува се’ попопуларен, а на пат сме да ја исполниме нашата цел – повторно да го воздигнеме името на Васил Иљоски и да дадеме значење на неговата вредност како есеист, книжевник и работник за Крушево. Васил Иљоски е уште еден крушевчанец кој вечно ќе го претставува нашиот град, нашата општина и неговите лик и дело ќе зборуваат за разноликиот потенцијал кој Крушево го има“, рече Христоски.
Ученичките од СОУ „Наум Наумовски Борче“, Марија Петроска, Петрина Станковска и Марија Стојаноска ги имаа најдобрите есеи, за што градоначалникот Христоски им додели дипломи а локалната самоуправа и парично ќе ги награди.
Снежана Миленковска, директорка на СОУ „Наум Наумовски Борче“ кое е дел од организацијата на манифестацијата, во своето обраќање се заблагодари на присутните, на учениците и на внуката на Васил Иљоски за присуството.
„Велам големо „благодарам“, затоа што вашето присуство за мене значи почит кон нашите напори да го направиме животот побогат, значи желба за соработка во интерес на промоцијата на делата на нашите предци, значи потврда дека нашата идеја е, благо речено, добра идеја“, потенцираше Миленковска.
Професорот од средното училиште во Крушево ја промовираше брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“ и претстави изложба со драмските претстави изведувани по темите на кои работел крушевскиот книжевник.
На вториот ден од манифестацијата, во Домот на културата во Крушево, Народниот театар од Битола ја изведе претставата „Последната ноќ“.