Кумановската гимназија „Сами Фрашери“ ќе добие нов објект

Кумановската гимназија „Сами Фрашери“ ќе добие нов објект

Со Одлука на Владата, гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училиштен објект, со што Владата и Министерството за образование и наука (МОН) ќе го решат деценискиот проблем на недостаток на соодветен објект за квалитетен воспитно-образовен процес,  со кој се соочуваат учениците и вработените во ова средно училиште.

Планирана е изградба на целосно ново училиште кое ќе се изгради за најмногу три години отсега и ќе чини околу 120 милиони денари.

Со владината одлука се предвидуваат средства во износ од 50 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024 година.

Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна.

Досега, учениците, со години посетуваат настава во адаптирани простории на ЗИК „Куманово“, коишто воопшто не ги исполнуваат стандардите за реализација на образовната дејност.

Општина Куманово ја завршува процедурата за изработка на архитектонско-урбанистички проект, а по одобрување на истиот ќе започне со изработка на основен проект за изградба на нов училиштен објект.

МОН ќе ја спроведе постапката за избор на економски оператор за изградба и надзор над градежните активности.

Дополнително, за оваа општина со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“, каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата.

Владата, преку ресорното Министерство продолжува со капитални инвестиции и вложувања во подобри инфраструктурни услови за образование, како еден од врвните приоритети.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …