Кумот прати абер: Јадете чоколада и издавајте обврзници

Кумот прати абер: Јадете чоколада и издавајте обврзници

Пишува: Зоран Милошески

Пет (5) милиони евра е сумата, која со камати ќе достигне седум (7) милиони евра, со која Општина Прилеп има намера да се задолжи преку издавање на обврзница.

Иако не е јасно за што конкретно би се потрошиле парите, како можни опции се споменуваат изградба на кружен тек кај мостот „Табана“, поврзување на улицата „Победа“ со улица „Александар Македонски“, како и уредување на улицата „Орде Чопела“, односно влезот во Прилеп од страната на Македонски Брод.

Според првичните пресметки, реализацијата на првиот проект би чинела 2.5 милиони евра, вториот 2.4 а третиот 4 милиони евра. Иако не е тешко да се претпостави дека после деталната весела математика и неизбежниот алашвереш, крајните бројки ќе бидат повисоки за најмалку 50%.

За нештата да станат појасни, четири прашања и исто толку одговори:

  • Дали во изборната програма на актуелниот прилепски градоначалник Борче Јовчески е споменат барем еден од наведените проекти? ДА!
  • Дали во истата програма некаде пишува дека за негова, односно нивна реализација Општината ќе се задолжува? НЕ!
  • Дали Општина Прилеп конкурирала со овие проекти кај владини и невладини, домашни и странски институции и фондации за нивно финансирање? НЕ!
  • Дали е економски оправдано да се издава обврзница чии камати се енормно високи, за проекти кои на ниту еден начин нема да ги вратат инвестираните средства? НЕ!

Може да се постават и други, ништо помалку важни прашања, како на пример, по колку пари Општината и градоначалникот ќе го задолжат секое прилепско семејство со издавањето обрзница? Но и без тоа е сосема јасно дека, она коешто локалните авторитети требаше да го направат, а не го направија, беше да ги исцрпат сите други можности за обезбедување пари за имплементација на проектите, па дури потоа, како крајна мерка, да размислат за било какво задолжување. Откако претходно на референдум ќе ги консултираа прилепчани.

Она, пак, што треба да се потенцира, е дека без разлика на намерата на градоначалникот или одлуката на општинскиот Совет, на чија седница закажана за четврток, 30.03.2023 г. како Точка бр.1 од дневниот ред ќе се најде „Предлог-Одлука за задолжување на Општина Прилеп преку издавање на обврзници“, конечниот збор го има Министерството за финансии. Тоа е крајната инстанца која на основа на процена за оправданоста на обврзниците, ќе каже дали ќе го дозволи задолжувањето.

Конечно дојдовме и до поентата на „обврзницата наречена желба“: идејата за задолжување на Општина Прилеп не е „изум“ на градоначалникот, уште помалку на локалното раководство на ДПМНЕ. Во позадина стои „потписот“ на поранешниот „чувар на касата“ и кум на клептоманот Никола Груевски, Зоран Ставрески, стратегија која по шаблон ќе биде пресликана во многу Општини со кои раководат кадри од неговата партија.

За потсетување, после подолга апстиненција од политичката сцена, пред нешто повеќе од една година Ставрески од Мицкоски доби партиска задача да ја контролира работата на градоначалниците од редовите на ДПМНЕ.

Иако по некоја „случајност“ Ставрески не беше дел од ниту еден судски процес против поранешни државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, неговиот глас во прислушуваните разговори беше сегдеприсутен. Оттаму дознавме дека како министер за финансии бил „мирудија во секоја манџа“, директен соучесник во сите погубни економски политики на Владата на унгарскиот бегалец, меѓу другото и во најкоруптивниот проект во историјата на Македонија „Скопје 2014“.

Притоа, неговата реплика „Ние сме лудаци, трошиме за чоколадо а немаме за леб“, која стана синоним за начинот на функционирање на злосторничкото здружување, истиот тој Ставрески денес ја преточи во стратегија за практикување на градоначалничката функција на неговите сопартијци.

Кажано на разбирлив јазик, насоките испратени до градските татковци гласат:

„Задолжувајте се секогаш и секаде каде можете. И без тоа парите по 5, 6… 10 години, ќе ги враќа некоја друга власт, некои други градоначалници, не вие. Ако Министерството за финансии даде ‘зелено светло’, поените ќе одат на ваша сметка. Ако каже ‘не’, тогаш ќе ја обвините Владата дека го кочи нормалното функционирање на Општините и дека работи против интересите на граѓаните.“

Тоа е суштината на хохштаплерската матрица на Мицко и разбојниците од арамиската „Бела палата“. Бесмислено е одново да се објаснува колку им е неважен интересот на државата или на граѓаните, најмалку пак проблемите и потребите на локалните самоуправи и градоначалниците. Единствено е важно што поскоро да се приграби власта и да се продолжи со грабушаната онаму каде застанаа нивните ментори. Се’ друго е гола вода!

ПС: Инаку, доколку желбата на градоначалникот Јовчески стане реалност, тоа нема да биде прво задолжување на Општина Прилеп. „Пионер“ во заборчувањето беше еден друг градоначалник на ДПМНЕ, кому името не му го спомнувам од “хигиенски“ причини. За уредување на влезот во градот од страната на Скопје, дотичниот зеде два кредита, во висина од 1.3 милиони евра. И што ќар од тоа? Освен што се случи „масакр“ на дрворедот на тој дел од градот и исечените стотина дрвја, Прилеп го доби најглупавиот влез изграден во било кој град во државата, налик на патеката за слалом во Вал д’Изер. Ама, се побуни некој? Не, се’ си е на место: и овците на број, и волкот сит и џепчето полно!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …