Личен став: Нестручен осврт на новиот закон за учебници

Личен став: Нестручен осврт на новиот закон за учебници

Пишува: Влатко Секулоски

Не сум експерт за учебници, ниту сум автор на учебник, но ќе се обидам да ги сумирам моите опсервации на нешто што ми изгледа сосема очигледно. На 03.03.2021 г. за јавна дебата на ЕНЕР беше поставен законот за учебници за основно и средно образование. Што можеме да очекуваме од предложените законски измени? Дали тие ќе резултираат со поквалитетни учебници?

Од мое искуство

Како наставник по англиски јазик имам пристап до учебници од странски издавачи. Освен основниот учебник, на располагање имаме книга со дневни подготовки со предложена методологија, аудио и видео снимки и веб-сајтови за интерактивно учење преку компјутер, материјали за дполнителна и додатна настава. Испраќајќи писмо до германскиот издавач Hueber, чии книги се користат во наставата по германски јазик, пред 7 години направив кратко споредбено истражување за тиражот на нивните учебници. Одговорот беше дека тиражот е деловна тајна, но за да ми помогнат во истражувањето можат да ми кажат дека за еден издаден учебник на Hueber, англиските издавачи Cambridge University Press и Oxford University Press издаваат по 10. Малиот обем е причината за неисплатливоста на поголеми вложувања од страна на издвачите, поради што македонските издавачи имаат само еден учебник. За жал, во нацрт-законот не можам да видам член(ови) кои ќе создадат спрега на сили за да се надмине тој голем јаз во квалитетот предизвикан од разликата во обемот на тиражот.

Не е сѐ во парите                                    

Учебниците што ги користам имаат вежби за читање со разбирање, така и научив дека тоа треба да се вежба. На факултет не учевме за развивање на вештината читање, нејзините подвештини, не верувам дека и сега се учи. Трагично е што и голем дел од авторите на нашите учебници не се занимаваат со читање со разбирање. Слободно отворете во учебниците по Македонски јазик од VI до IX одделение, нема да најдете ниту една вежба за читање со разбирање и затоа воопшто не е чудно што резултатите на меѓународните тестирања се лоши. Во програмите за македонски јазик што ги изготвува Бирото за рзвој на образованието (БРО) за спомнатите одделенија, учебникот не мора да содржи вежби за читање со разбирање за да биде одобрен. Учебниците по математика речиси и да не содржат задачи какви што учениците добиваат на меѓународните тестирања, а никаде не може да се види дека програмите од БРО тоа го бараат од авторите. Ако треба да издвојам еден пример за лош учебник, тоа би бил учебникот по Граѓанско образование, кој веднаш зад насловната страна ја имаше илустрацијата подолу, не како карикатура, туку како претстава на власт. За среќа, од неодамна тој е повлечен од употреба.

Личен став: Нестручен осврт на новиот закон за учебници
Илустрација од повлечениот учебник по Граѓанско образование.

Нарачајте странски учебник

Кога ја забележав ваквата илустрација, решив да направам споредам и нарачав половен учебник од ebay.com за отприлика истата возраст. Учебникот не се разликуваше само содржински, туку и во печатарската техника на врзување на листовите. Не се кинеше лесно, што е уште еден можен критериум за одобрување на учебници којшто го нема ниту во досегашните законски решенија, ниту во нацрт-законот. И повторно, содржината ни малку не беше ни слична, авторот не изнесува конечни ставови, туку аргументи, контра-аргументи и предлог теми за дебата на час. Од тие причини, мојот совет до наставниците кои се на почетокот на кариерата би бил – нарачајте странски учебник! Се разбира, од земји што се во првите 10 на меѓународните тестирања. Не е секогаш скапо. Најдобар начин да имаме продуктивна дебата за учебници е пред нас да имаме добар, модерен учебник од ефективен образовен систем. Доцна е за да учествуваме во јавната дебата за овој нацрт-закон, но еден ден ќе појдеме во институциите и ќе кажеме „вакви учебници сакаме“.

Нелиберален пазар

Верувам во механизмите на пазарната економија, оттука за мене најголем проблем е што пазарот на учебници ниту некогаш бил, ниту со новиот закон се планира да биде либерализиран. Да речеме дека сте напишале учебник и сакате да се користи во наставата, да го рекламирате, да го продавате. Не постои законска можност, на свој трошок, да побарате учебникот да биде прегледан и, доколку исполнува одредени критериуми, да биде одобрен. Мора да почекате година, две, пет… за да институциите одлучат дека има потреба и да објават повик. Резултат на тој систем е што по 95% од предметите има само еден одобрен учебник, односно нема конкуренција. Не верувам дека таква спрега на интереси некогаш може да резултира со добри учебници. Тоа никако не е пазарно, па оттука и моите сомнежи за нацрт-законот.

Сите погоре изнесени ставови се лесно проверливи, не мора да сте експерт, туку само малку љубопитен. Тоа што како наставник најмногу ме погодува, е што кога ќе се спомнат лошите резултати на меѓународните тестови, обично наставниците се тие кон кои што се покажува со прст. Но, дали може да работи работник со застарен и неквалитетен алат, во било која сфера? Пред да имаме добар закон за учебници и добри учебници, треба да имаме јавност која знае што сака. Затоа уште еднаш – нарачајте странски учебник по својот предмет.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …