Лорд Стјуарт Пич пристигна во тридневна посета на земјава

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан ќе ја посети Северна Македонија за да ја потврди континуираната посветеност на Обединетото Кралство во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот во регионот на Западен Балкан.

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич денеска ја започна тридневната посета на нашата земја.

Тој се сретна со претседателот Стево Пендаровски, а на средбата, како што известија од претседателскиот кабинет, се размениле мислења и информации за актуелните прашања поврзани со интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, за соработката и делувањето на двете држави во рамки на НАТО Алијансата, безбедносната ситуација во регионот и Европа во контекст на војната во Украина, како и за билатерални прашања од взаемен интерес.

“На средбата се потврди долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство кое се отсликува преку постојаната британска поддршка за клучните прашања од нашата независност до денес, а билатералните односи се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво“, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич ќе биде во посета на земјава до среда и треба да оствари средби и со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за ЕУ прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

За време на посетата, лорд Стјуарт Пич ќе се сретне и со клучни соговорници, граѓански организации и ќе посети локални културни знаменитости.

„Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство за евроатлантската интеграција на Северна Македонија, да се даде поддршка на реформите и да се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан. Оваа година Обединетото Кралство и Северна Македонија слават 30 години од воспоставувањето на билатералните односи. Обединетото Кралство останува близок партнер на Северна Македонија и силен сојузник во НАТО“, стои во соопштението на британската амбасада во Скопје.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Средба Битиќи – Смит: Обединетото Кралство и Северна Македонија имаат одлични економски односи и голем потенцијал за развој

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи …