Лукаревска: 2024 не е само година на избори, туку е можеби најважната изборна година во 21 век

Лукаревска: 2024 не е само година на избори, туку е можеби најважната изборна година во 21 век

Колумна на заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска

„Изборите му припаѓаат на народот. И одлуката е во рацете на народот. Ако народот му заврти грб на огнот и си го запали задникот тогаш, тој ист народ, ќе мора да седи на своите плускавци“ – Абрахам Линколн, шеснаесетиот претседател на САД

Кирибати е мала островска држава во Тихиот Океан чии што 135 илјади жители први на светот ја дочекуваат секоја Нова година. Во оваа малубројна држава, која стана независна во 1979 година, пролетва треба да има претседателски избори. Кирибати, која е „осудена на потоп“ заради климатските промени, е една од 64 држави* (плус ЕУ) во кои 2024 е изборна година.

49% од светската популација (во тој процент сме и ние) ќе донесат одлука кој ќе раководи со нивните држави во наредните години. Ова не се однесува на земјите чии граѓани иако имаат право на глас, индексот на демократија и слобода на избор е О или блиску до нулата. Таму, нели, „важно е кој ги брои гласовите“. Избори се закажани и во земји во кои се војува. А во демократскиот свет, граѓаните слободно ќе направат избор со чии последици, по свој слободен избор, ќе треба да живеат во наредните години.

Во изборната 2024 година наjголемиот интерес е насочен кон „Слонот во собата“, претседателската трка во САД. Угледниот „Економист“ можниот исход го опиша како „најголема опасност за светот“ ако Доналд Трамп се врати во Белата куќа. Бројни републиканци го делат истиот страв. И противкандидатката на Трамп, сопартијката Ники Хејли, не ги повика своите гласачи да го поддржат. Хејли се откажа од партискиот натпревар со Трамп кој не пропушташе прилика да ја навреди поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации, велејќи дека таа има „птичји мозок“.

Еден од најдобрите актери во светот, Роберт Де Ниро, запрашан која улога никогаш не би ја прифатил, без размислување одговори: Доналд Трамп. Човекот кој маестрално одглуми убијци, психопати, мафијаши…. вели дека во Трамп не гледа ништо добро и дека „секој кој гласа за него, гласа за својот ноќен кошмар“.

Исходот од изборите во САД можe да станe ноќен кошмар и за светската демократија. Во услови кога радикални популисти се враќаат на политичката сцена и во земјите од ЕУ, кога лидери на европски земји посакуваат повторна дружба со Трамп, кога во Италија поздравот со дигната рака („Римски поздрав“) се амнестираше со судска одлука, кога Германија се дигна на нозе против екстремноста, кога Големата мечка почна да „голта“ делови од европскиот континент и да ги буди „заспаните ќелии“ и на Западен Балкан…..исходот од изборите во САД не е само прашање за иднината на САД.

Во една анкета, впечатлив е одговорот на прашањето: кој е најголемиот успех на претседателот Бајден? -Ја ослободи Америка од Трамп!

2024 година е изборна година и кај нас. Нашиот избор, на претседателските и на парламентарните избори, точно ќе одреди каква иднина сме и намениле на сопствената држава. Опозициската ДПМНЕ, качена на бранот на кусо паметење, се самопрогласува за победничка опција. Ја разбуди својата заглушувачки бучна и агресивна пропагандна машинерија и ја зголеми нормата на производство на лажни вести до невкусни тиражи. И само нè потсети дека ДПМНЕ ниту е опција, а уште помалку победничка. Нè потсети дека секогаш кога ДПМНЕ е во опозиција имаме избори без инциденти, без повредени, без крадење на гласови, без отворање на „она пластичното што се тегни“ од ќесите со избирачки материјал, не гласаат од Пустец, не гласаат починатите…

Кај ДПМНЕ ништо ново. И на овие избори настапува во ист состав. Без извинување, без покајание, без прочистување. Дрско, исто. А велат „никогаш не било полошо“. Да, за нив. Нема полошо за тиранин од слобода. А таа, слободата, беше најголемото ветување на СДСМ кон граѓаните. И го исполнивме.

Дали паметите како се викаше погребалното претпријатие во култниот „Викенд на мртовци“?. -„Преродба“.
„Преродбата“ ја закопа Ката во три. За инает.

Колку малку треба за човек да се потсети. Само да го премота филмот. Ништо повеќе.

*Држави во кои ќе има избори во 2024, некаде и претседателски и парламентарни, некаде само претседателски или само за парламент: САД, ЕУ, Русија, Велика Британија, Белгија, Португалија, Чешка, Словачка, Финска, Хрватска, Македонија, Австрија, Романија, Литванија, Исланд, Индија, Пакистан, Индонезија, Мексико, Бангладеш, Иран, Јужна Африка, Јужна Кореја, Северна Кореја, Белорусија, Украина, Алжир, Узбекистан, Гана, Мозамбик, Мадагаскар, Венецуела, Тајван, Сирија, Мали, Шри Ланка, Чад, Сенегал, Камбоџа, Руанда, Тунис, Доминиканска Република, Јордан, Јужен Судан, Азербејџан, Того, Ел Салвадор, Мавританија, Панама, Грузија, Молдавија, Монголија, Уругвај, Боцвана, Намибија, Гвинеја Бисао, Маврициус, Комори, Бутан, Соломонските острови, Малдиви, Кирибати, Сан Марино, Палау и Тувалу.

Прочитајте повеќе

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања

Евроамбасадорот Дејвид Гир не ја коментира изјавата на претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи …