Матвеева: Вагнер може да го засили регрутирањето надвор од Русија, Западен Балкан една од опциите

Матвеева: Вагнер може да го засили регрутирањето надвор од Русија, Западен Балкан една од опциите

Водачот на паравоената група Вагнер, Евгениј Пригожин, кој го започна, па го запре бунтот против руската армија, би можел да побара простор за регрутирање надвор од Русија или Белорусија, а Западен Балкан е една од опциите, вели Ана Матвеева, од Институтот РУСИ и истражувач на Кралскиот колеџ во Лондон. Таа во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) ги разјаснува околностите кои доведоа до бунт.

РСЕ: Можете ли да предвидите какво влијание и последици може да имаат саботните настани во врска со Вагнер и Пригожин врз текот на војната во Украина? Дали тоа значително ќе го промени текот на руската инвазија на Украина?

Матвеева: Мислам дека овие настани нема директно да влијаат на другите случувања на фронтот во Украина. Бидејќи сега гледаме дека кризата беше краткотрајна, во најголем дел руските трупи не се поместија од своите позиции. Украина навистина интензивираше некои тактички операции околу Бахмут, но веројатно ќе го стореше тоа и без овие настани. Тука се бореја секако. Факт е дека одреден број руски авиони ги погодија силите на Вагнер додека го спроведуваа овој бунт, но сето тоа се тактички работи.

Се разбира, претседателот Зеленски рече дека Путин сега е ослабен и во целосен хаос. Но, тоа не значи дека на Украина и дава некаква еднострана предност.

Ако дојдеше до продлабочување на кризата, ако навистина видовме како трупите на Вагнер се повлекуваат од Украина, тогаш тоа можеше да има влијание. Но, во моментов, мислам дека тоа е повеќе политичка и внатрешна работа отколку да влијае на вистинските борби во Украина.

РСЕ: Можеме ли да објасниме зошто Пригожин се одлучи на вакви чекори? Постојат ли некои контексти, надвор од она што досега е познато, дека е незадоволен од руската поддршка за неговите сили? И зошто тогаш се предомисли?

Матвеева: Да, сигурно постојат неколку објаснувања. Од една страна, постои конфликт меѓу Пригожин, основачот на Вагнер, неговите сили и рускиот министер за одбрана.

Започна со нападот на Пригожин врз министерот за одбрана или неуспехот да достави оружје, муниција и куршуми на неговите борци. Министерот за одбрана одговори со обидот да ги вклучи силите на Вагнер во сили под целосна команда на министерот за одбрана, принудувајќи ги да потпишат договор со Министерството за одбрана, наместо да бидат независни сили.
Вагнер тоа го одби, наведувајќи дека Министерството е неспособно, непрофесионално, непатриотско и дека не сакаат да одговараат пред таква организација.

Следната фаза на ескалација беше што министерот за одбрана покрена акција против нив.

Вагнер рече – добро, сега сме вратени во ќош, не можеме да подлегнеме на тој притисок. И тогаш заклучија дека единственото нешто што можат да направат е да го ескалираат маршот кон Москва.

Значи, во таа смисла, тоа е конфликт меѓу воени сили и воени култури и ставови. И секако, двете страни имаат одредени предности.

Има тука уште еден вид поголема „политичка страна“ на тоа. Пригожин се обидува да изнуди некаква политичка криза во Русија, мислејќи дека на крајот може да има корист од таа криза, откако ерата на Путин, ќе запре, ќе дојде до крајот. Тогаш тој би бил еден од важните двигатели во новата поставеност во земјата.
Значи во таа смисла, тој има сојузници, можеме да шпекулираме кои се тие засигурно. И се разбира, сето тоа го принуди претседателот Путин да преговара. Наместо со сила да се обиде да го скрши Вагнер.

Ана Матвеева
Ана Матвеева

РСЕ: Дали мислите дека Пригожин навистина ќе има корист од ова, сега кога се знае дека ќе замине во Белорусија? Како го гледате исходот од ситуацијата?

Матвеевеа: Наскоро ќе се пресели во Белорусија, но тоа не значи дека ќе остане таму засекогаш.

Според она што го гледам, од она што можам да го слушнам и разберам од сигналите што доаѓаат од Русија – на крајот ќе му биде дозволено да оди со некои од неговите борци во Африка, каде што беше позициониран пред војната во Украина.

Некои од неговите борци сигурно ќе потпишат договори со Министерството за одбрана, други ќе се преселат со него во Африка, а тој ќе биде таму некое време, пред да се отвори следното поглавје од рускиот политички живот. Не знаеме кога ќе биде, но ќе се случи кога – тогаш.

РСЕ: За колку борци станува збор, дали има индиции за тоа? Колку од нив ќе останат во Русија, со руската влада, а колку од нив ќе му останат лојални на Пригожин?

Матвеева: Немаме индикации за тоа. Прво, не знаеме колку борци воопшто има Вагнер. Затоа што има бројки кои се движат меѓу 25.000 и 50.000. Дали сите тие се активни борци? Дали се на должност само дел од вкупната сила?

Она што беше најважно не е квантитетот туку квалитетот.
Борците на Вагнер се „подобри“, поопремени, подобро обучени, високо мотивирани.

Тие, исто така, се подобро водени од помлади офицери и команданти. Затоа, тие повеќе се потпираат на иницијативна импровизација. Значи, квалитетот на силите овде е на некој наичн супериорен во однос на редовните сили или вооружените сили на руското Министерство за одбрана, на регуларната армија.

РСЕ: Што кажува сето ова за Путин, неговата моќ и контрола? Колку сликата сега е поинаква?

Матвеева: Па, сигурно не изгледа толку добро. Имајќи предвид дека Путин ја проектираше сликата дека тој е главен. Тој се обиде да го направи тоа повторно, обраќајќи и се на нацијата додека траеше бунтот. Донекаде сакаше да покаже и дека презема одговорност, да ги убеди луѓето дека не е со лоша здравствена состојба или целосно неспособен да одлучува.

Но, самиот факт дека бунтот траеше, дека трупите на Вагнер успеаја, главно, непречено да дојдат дури од Украина, на горе-долу 200 километри од Москва. Тоа не изгледа добро, големите лидери не дозволуваат ситуацијата да ескалира до тоа ниво.

РСЕ: Мислите ли дека Вагнер после сè ќе мора да ја промени структурата, како сето тоа што се случи ќе влијае на групата? Особено ако зборуваме за регрутирање борци. Ова ве прашувам и поради тоа што е познато дека Западен Балкан, пред се Србија, беше место од каде што луѓе му се приклучуваа на Вагнер, но и на руската војска секако? Срби од Босна и Херцеговина, исто така, во неколку случаи биле доведени во врска со руските сили, со Вагнер, но и со армијата. Дали тоа што бунтот беше запрен ќе влијае да се промени интересот на оние што размислуваат за Вагнер?

Матвеева: Ако на оние кои размислуваат им се понудат добри услови – Зошто да не? Пригожин најверојатно ќе го зголеми регрутирањето надвор од Русија. Тоа изгледа прилично логично. Многу од канцелариите на Вагнер во Русија сега се затворени. Можеби е привремено, но тоа е како што е.

Од друга страна, тој повторно ќе ги покрене операциите во Африка, ќе нуди профитабилни услови, тогаш останува прашањето – Зошто да не?

Мислам дека е многу можно повторно да стави акцент на регрутирање надвор од Русија, а тоа значи и од Западен Балкан. Ова е една од опциите што треба да се разгледа, особено ако се знае дека Вагнер регрутира во Србија од 2014 година. Знаеме дека српските борци на Вагнер во тоа време веќе биле во Сирија.

РСЕ: Конечно, дали мислите дека санкциите против Вагнер можат да сменат нешто? Соединетите Американски Држави најавија дека ќе ги одложат новите санкции за руска паравоена група, откако нејзиниот основач и лидер започна бунт против Кремљ, стравувајќи дека санкциите би може ненамерно да му помогне на претседателот Владимир Путин?

Матвеева: Не мислам дека санкциите против Вагнер се важни на еден или на друг начин. Вагнер навистина има злогласна репутација. Тие никогаш директно не купувале оружје од Запад. Значи, тоа е главно симболична работа. Не мислам дека санкциите имале некаква материјална разлика.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Руска офанзива во Харков: „Жестоки борби на целиот фронт“

Руска офанзива во Харков: „Жестоки борби на целиот фронт“

По почетокот на руската офанзива во регионот на Харков, украинското Министерство за одбрана тврди дека …