Меѓународен ден на научничките: МОН ќе ја унапредува поддршката за талентирани ученици

По повод Меѓународниот ден на девојките и жените научнички, 11 февруари, Министерството за образование и наука (МОН) го честита денот и се приклучува кон неговото глобално одбележување. Како што велат од ресорното министерство, нивните главни заложби и приоритети се да создаде образование преку кое секое дете ќе ги достигне својот полн потенцијал и ќе ги развива своите афинитети, но и кое ќе ја јакне родовата еднаквост и мултикултурализмот.

„Нашата основна и единствена цел е на секое девојче и момче да обезбедиме квалитетно основно образование коешто е базата за понатамошен интелектуален и личен развој“ велат од МОН.

Оттаму потенцираат дека од оваа учебна 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката.

Инаку, министерството секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е 2.970 денари и се исплаќа за 9 месеци во годината.

Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран
од акредитирано здружение на наставници (износот е 50 отсто од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво,
второ или трето место на меѓународен натпревар по математика и природни науки (50 отсто, 40 отсто, односно 30 отсто од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада (12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал).

Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто
така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50 отсто од просечната плата.

Од МОН велат дека ќе продолжат и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Бојан Маричиќ на средба со Никола Верола

Маричиќ: Ние мораме да останеме на европскиот курс во полза на сите граѓани на Северна Македонија

Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, одржа средба со Никола …