Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и Периклес Николау, извршен директор на Мермерен комбинат од Прилеп, се едногласни во ставот дека соработката меѓу Општина Прилеп и компанијата е на завидно ниво и дека така ќе продолжи во иднина.
Ова е констатацијата по денешната посета на градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски на Мермерен комбинат, каде разговараа со извршниот директор, Периклес Николау и другите претставници на менаџерскиот тим на компанијата.
По посетата на фабриката за производство на финални плочки и на рудникот „Сивец“ во близина на вештачкото езеро, од каде што се експлоатира високо квалитетен бел мермер, баран на пазарите ширум светот, градоначалникот Јованоски, посочи на значајното место на оваа компанија во редот на фирмите, коишто се брендови на прилепското стопанство.
„Ова што го видовме денеска е респектабилно. Гордоста на Прилеп, белиот мермер останува како бренд, да се продава, не само кај нас,туку и на пазарите во земјите во светот, зашто високиот квалитет што го има овој мермер, секаде нуди добри можности, да биде изложен и продаван.Денеска ги видовме капацитетите на ‘Мермерен комбинат’, новите машини, директорот не запозна со квалитетот на производството и капацитетот што го има комбинатот. И инфраструктурно и урбанистички, секаде каде што има потреба, Општина Прилеп ќе го поддржи комбинатот, заедничката соработка ќе продолжи, зашто интересот е колку за компанијата, толку и за граѓаните и Општината“, акцентираше градоначалникот Јованоски.
Тој ги истакна сите активности на комбинатот, кои што го прават општествено одговорна компанија.
„Сакам тоа да го потенцирам, зашто Мермерен комбинат учествува секогаш во спонзорирање на разни манифестации, фестивали, спортски друштва, тоа го прави секогаш и на високо ниво“,рече градоначалникот Јованоски.
Според Периклес Николау, за Мермерен комбинат е многу важно да има добра соработка со Општината која што е негувана со години, и која што треба да продолжи во иднина.
„Нашето семејство Мермерен комбинат има 380 вработени. Нашите вработени се задоволни што работат во ‘Мермерен комбинат’, поради многу работи. На пр. имаат повисока плата за 20 отсто во однос на просечната плата во Република Македонија. Се исплаќаат додатоци согласно со Законот, како што е исплатата на т.н. К-15, потоа бонуси во март или април, па за Нова година. Најважно е што се грижиме за работниците. Безбедноста е наш прв приоритет. Има добра атмосфера во компанијата и мислам дека вработените се среќни што работат овде“, рече Николау.
„Исто така ние инвестираме 3 до 4 милиони евра, годишно, не само за нови машини, туку и за обука на вработените. Нашата цел е компанијата да има континуиран раст. Имаме синергија (заеднички дејствуваме) со компанијата ‘Павлидис’, која што е многу позната во светот, во бизнисот со мермер. Исто така, сакаме да бидеме одговорна компанијата. Имаме CSR програми (Corporate social responsibility programs) со коишто помагаме различни акции во Македонија“, додаде извршниот директор Николау,акцентирајќи ја соработката со Општина Прилеп.
Мермерен комбинат е компанија во сопственост на странски, поточно грчки инвеститор,фирмата „Павлидис“ со седиште во Драма, и делумна сопственост од околу 10 отсто од капиталот припаѓа на Пиреус банката од Грција. Мермерен комбинат е целосно успешна бизнис приказна на странска инвестиција во Прилеп. Таа е во првите три компании, брендови на прилепското стопанство. За успехот на компанијата, најголеми се заслугите на бордот директори, во кого членуваат експерти и од Грција и од Македонија.
Оваа компанија е одговорен даночен обврзник, но и корисник на концесија за експлоатација на минерални сурови. Годишниот надоместок за користење на концесијата за рудникот „Сивец“ ја исплаќа навреме. Од средствата согласно со законот, речиси 80 отсто се враќаат во општинската каса, значи дека бенефитот е во најголема мера за градот. Мермер од рудникот Сивец е вграден во велелепни објекти во светот, а постојат е интересот за извоз на финални производи на сите континенти. Инаку, во рудникот Сивец, резервите на бел мермер се проектирани и за следните 100 години.