Место да се урива, дивоградби пак никнуваат во Охрид

Место да се урива, дивоградби пак никнуваат во Охрид

Незадоволство од спроведувањето на препораките на УНЕСКО и недоволната грижа на институциите за да се зачува природното и културното наследство на Охридскиот Регион, има и од македонска и од албанска страна на езерото.

На прагот на пролетта се будат и новите градежни зафати на брегот на Охридското Езеро.Екологистите алармираат дека место да се урнат дивоградбите, по краток застој тие повторно почнуваат да се градат. Како пример се посочува хотелот во Лагадин, кој се наоѓа на листата на спорни објекти. Незадоволство од спроведувањето на препораките на УНЕСКО и недоволната грижа на институциите за спроведувањето на „домашната задача“ која што ја добија со цел да се зачува статусот на природното и културно наследство на Охридскиот Регион, има и од македонската и од албанската страна на езерото. Седумнаесет еколошки здруженија од Охрид, Струга и Поградец преку заедничко писмо до владите на двете земји планираат да им посочат што конкретно треба да се направи за да се заштити езерото.

Извештајот не одговара на реалноста 

Претставниците на 17 еколошки невладини организации сметаат дека поднесениот Извештај на Министерството за култура до УНЕСКО околу  заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион, не соодветствува со реалната состојба на терен.

„Неконтролираната урбанизација во Националниот парк ‘Галичица’ во извештајот е посочен на половина страница, а се работи за голем проблем. Урбанизацијата како многу битен фактор е занемарена и не и е обрнато доволно внимание. Има точни работи спомнати во извештајот, но и многу пропусти и погрешни работи, се со цел да е одвлече вниманието на јавноста од проблемите“, вели Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид.

Екологистите сметаат дека е крајно време да се решаваат проблемите, а не да се ставаат под тепих. Укажуваат дека културното наследство се соочува со сериозни проблеми, од двете страни на езерото. Поради хаотичната состојба со неконтролираната урбанизација и пред се човечкиот фактор, страда Охридското Езеро, а сето тоа неповолно се одразува и врз туризмот.

Охридско Езеро
Поради хаотичната состојба со неконтролираната урбанизација страда Охридското Езеро, а сето тоа неповолно се одразува и врз туризмот.

Проблеми од двете страни на езерото 

Аријан Мероли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Северна Македонија вели дека албанската и македонската влада до УНЕСКО испратиле извештаи за состојбата, а засегнатите субјекти се уште не добиле никакви информации за содржината на предвидениот План за ревитализација на Охридското Езеро и Охридскиот регион, што е предвидено со него и дали тој воопшто постои.

„Албанската страна има иницијатива за решавање на два од проблемите – оној со отпадот и почнува процесот за отстранување на јаловината. Кај македонската страна, најголем напредок има во проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото речно корито. Меѓутоа, за другите проблеми, досега не е сторено ништо“, укажува Мероли.

Багерите не мируваат 

Но, и покрај ваквите предупредуваат багерите во Охридско не мируваат. Еколошката граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ деновиве реагираше дека повторно се забележани градежни активности на оспоруваниот хотел во туристичката населба Лагадин.

Тие наведуваат дека во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот регион доставен пред еден месец до УНЕСКО од Министерството за култура како одговор на препораката на Реактивната мониторинг мисија на ОН од 2020 година е спомнато дека Националниот парк „Галичица“ изготвил инвентар на нелегално изградени објекти со листа приоритетни градби за отстранување иако, според  „Охрид SOS“, такво нешто во јавноста не било споделено. Меѓу другото во препораките се бара и забрзување на административните постапки за да се постигне уривање на недовршениот хотел во Лагадин.

Охрид
На прагот на пролетта се будат и новите градежни зафати на брегот на Охридското Езеро.

„Ја информираме министерката Бисера Костадиновска Стојчевска како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, дека она што e напишано во извештајот не соодветствува со реалната состојба на терен. Имено, иако во препораката се бара уривање на недовршениот хотел во Лагадин, не само што тој сегмент не е исполнет, туку хотелот викендов се доградува. Бараме институциите да ги исполнат реално препораките, а не да одолговлекуваат со години“, посочуваат од „Охрид SOS“.

Екологистите посочуваат дека нема ажурирана карта со урнати дивоградби, а онаму каде пред камери покажале некаква активност, тие објекти после извесно време се доградени и повторно функционираат. „Нема листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, јавноста не ни знае колку вкупно објекти во тие општини се нелегални градби. Како ќе се спроведуваат препораките, кога од страна на институциите нема воопшто волја за акција?“, реагираат невладините организации.

Препораката на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година, која беше означена како итна беше да се забрза процесот на уривање на дивоградби/градби со негативно влијание и во Македонија и во Албанија со подготовка на акционен план со утврдени приоритети и временски рамки за уривање со временски хоризонт од три години. Тоа подразбира уривање на бесправните објекти во Националниот парк Галичица и во општина Охрид, изготвување листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, составување на попис за општина Поградец сличен на оној изготвен за општина Охрид, за утврдување на приоритетите за уривање и изработка на ажурирана карта со урнати дивоградби и оние за кои е предложено уривање.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …