Мета.мк открива: Каде сè ќе може да се користат картичките за субвенциониран студентски оброк?

Мета.мк открива: Каде сè ќе може да се користат картичките за субвенциониран студентски оброк?

Со наменските картички студентите ќе може да купуваат субвенциониран студентски оброк веќе од 2 октомври. На располагање ќе имаат по 140 денари дневно и тоа секој ден од понеделник до сабота, освен на државни празници

Повеќе од 21.000 студенти досега аплицирале на платформата „е-услуги“ на Министерството за образование и наука (МОН) за добивање на субвенциониран студентски оброк. Од нив, до овој момент се одобрени 17.633 барања односно над 83 отсто од сите поднесени, додека одбиени се нешто над 900 барања. Останатите 2.626 апликации поднесени во вториот рок во моментов се обработуваат и по нив ќе се одлучува периодов.

Вака информираа од МОН по прашањата на Мета.мк за тоа колкав интерес има меѓу студентите за оваа мерка. Наведените бројки не ги вклучуваат бруцошите и студентите што пропуштиле да го запишат летниот семестар, бидејќи за нив рокот за аплицирање почнува на 27-ми месецов.

За апликациите на студентите на платформата на МОН се грижат вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, односно оние кои се дел од Одделението за студентски стандард. Од министерството, сепак, не одговорија на нашето прашање колку вработени ги прегледуваат илјадниците апликации и што се случи со ветувањето дека ќе биде формиран посебен оддел што ќе се грижи за спроведувањето на оваа државна мерка.

Оброк од годинава ќе се купува со специјални картички

Освен Министерството за образование, процесот на стекнување со правото на субвенциониран студентски оброк од годинава поминува низ уште една институција – банката-носител на платниот промет која ги издава и ќе управува со плаќањето преку специјализираните дебитни картички со кои студентите ќе купуваат оброци. Оваа улога МОН ѝ ја додели на Шпаркасе банка која, како што рече министерот Јетон Шаќири, била одбрана „во транспарентна постапка, на јавен повик, согласно измените на Законот за субвенциониран студентски оброк“.

Сите студенти кои се стекнале или ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменската платежна картичка, независно од тоа дали претходно биле клиенти на банката. За отворање на сметката, издавањето и одржувањето на картичката, студентите нема да имаат никакви трошоци.

Наменската картичка од Шпаркасе банка е дел од пакетот што го добива студентот кој стекнал право на субвенциониран студентски оброк.

Мета.мк се обрати и до Шпаркасе банка со прашања за тоа како тече процесот на издавање на картичките, но и со веројатно најважното прашање на кое студентите до овој момент не добија јасен одговор – каде сè ќе може да се користи картичката и од каде ќе може да се купуваат оброци.

Од Шпаркасе велат дека редовно ги контактираат студентите во врска со потребните чекори за подигање на картичката, кои опфаќаат ажурирање на личните податоци на онлајн платформата на банката, како и за сите останати релевантни детали за подигнување на картичката.

„Моментално активно трае процесот на дистрибуција на картичките преку специјализираните дистрибутивни центри и експозитурите на Банката. Студентите добиваат редовни информации преку СМС за точното време и локација за подигнување на картичката“, велат од Шпаркасе банка, од каде додаваат дека заклучно со вчерашниот ден (среда, 20 септември) врачени им биле картичките на над 40 отсто од студентите чии апликации биле одобрени.

Мета.мк открива: Каде сè ќе може да се користат картичките за субвенциониран студентски оброк?
Околу 40 отсто од одобрените студенти веќе ги подигнале своите картички / фото: Шпаркасе банка

Од банката ги повикуваат студентите на ажурност околу подигнувањето на своите картички, со цел да можат навремено да почнат со користење на субвенционираниот оброк. Тврдат дека процесот на регистрирање на студентите, како и издавањето на картичките, се одвива лесно и брзо и без поголеми предизвици.

„Целиот процес на подигнување е едноставен, на јасно и видливо обележани локации во дистрибутивните центри и експозитурите на Банката, а избегнати се и непотребни гужви со организирана распределба во точно определени временски интервали кога секој може да ја подигне својата картичка од Шпаркасе Банка“, велат од банката – носител на платниот промет на мерката субвенциониран студентски оброк.

Како и каде ќе може да се плаќа со картичките за субвенциониран студентски оброк?

Со наменските картички студентите ќе може да купуваат субвенциониран студентски оброк веќе од 2 октомври. На располагање ќе имаат по 140 денари дневно и тоа секој ден од понеделник до сабота, освен на државни празници. Неискористениот дел од средствата на дневно ниво нема да биде расположлив следниот ден.

Специјалните „Visa“ кобрендирани картички кои веќе им се издаваат на студентите го содржат логото на банката и на Министерството за образование и наука.

Картичките, како што велат од Шпаркасе банка, согласно законот ќе може да се користат за купување на храна од сите продажни места кои се занимаваат со продажба на готова или приготвена храна и прехранбени производи. Оброци ќе може да се купуваат од вакви места на територијата на целата држава каде има инсталирано ПОС терминал на која било банка, кој прифаќа плаќање со „Visa“ банкарски картички.

Тоа значи дека студентите со картичките ќе може да купуваат производи од сите продажни места за готова и приготвена храна, ресторани, пекари, продавници и маркети кои располагаат со ПОС терминали.

На прашањето дали од маркети ќе може да се купува само храна, од Шпаркасе банка велат дека, согласно законот, воведено е ограничување на користење само според дејноста на продажното место, но не и според производите кои се предмет на купување.

Тоа значи дека студентите од маркетите ќе може да купуваат и храна што подоцна ќе може да ја приготват дома, но и какви било други производи.

Инаку, субвенционираниот студентски оброк изминатите две академски години на студентите им се исплаќаше на месечно ниво на нивните лични трансакциски сметки, при што средствата студентите можеа да ги вадат во готовина и да ги искористат кога, како и каде сакаат. Вакво нешто не беше предвидено во првичниот закон донесен во 2020 година, односно „олабавувањето“ на ограничувањата изминативе години беше воведено поради вонредната состојба предизвикана од ковид-пандемијата.

Од годинава, Законот за субвенциониран студентски оброк конечно почнува да се применува според замисленото.

Од МОН информираа дека секој апликант за субвенциониран оброк кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето да се обрати на контактот so.us@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.

Поддршка за време на процесот на аплицирање и стекнување со картичка нудат и од Шпаркасе банка, од каде ги упатуваат студентите да се обратат на наменската мејл адреса studentimon@sparkasse.mk или на телефонскиот број 02/308-7360.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Со ваква младина, секоја држава се плаши за својата иднина

Со ваква младина, секоја држава се плаши за својата иднина

Пишува: Сотир Габелоски Се’ оди надолу за младите ширум Европа: благосостојба, среќа, права… Затоа десницата …