Мицко и 1090 Потемкинови села

Мицко и 1090 Потемкинови села

Пишува: Зоран Милошески

Како граѓани, многу пати досега сме биле потценети и понижени од страна на политичарите. Секој на свој начин, намерно или не, со одредени постапки или зборови ни ја навредил интелигенцијата и направил да се чувствуваме помалку вредни и повеќе глупави од тоа што, во просек, сме.

Се’ до пред некој ден на врвот на таа пирамида на срамот, без конкуренција и три чекори пред сите, беше Грујо. Не само заради долговечноста во извршувањето на премиерската функција, туку најмногу заради квантитетот на искажани лаги. А ги кажуваше толку многу и со таква леснотија, чиниш ја зборува најголемата вистина на светот.

Но, она коешто треба да му го признаеме, е неговата доследност: како ја градеше, така и ја заврши политичката кариера – со лага. Наспроти неговото тврдење дека со цел да ја докаже својата „невиност“ во предметите кои се водат против него, цело време ќе биде достапен за МВР и правосудните органи, Грујо храбро избега во скутот на Орбан. Од тој ден па се’ до неделата, титулата „барон Минхаузен“ немаше стопан. За да после шарената лага наречена „Отчет на градоначалниците на ДПМНЕ“, таа премине во рацете на владетелот од „белата палата“ – Мицко.

И со право. Бидејќи тоа што во неделата беше кажано во објектот на Филхармонија, како раритет и врвно достигнување на полето на бесрамното лажење, еден ден ќе го пишува во учебниците по историја. Оти, толку многу лаги, на едно место и за толку кратко време, досега на овие простори не се ниту видени, ниту чуени.

Јасно е дека при презентацијата на таканаречениот „отчет“ Мицко се водел од тезата дека колку е лагата поголема, толку повеќе луѓе веруваат во неа. Тоа е единственото логично објаснување на изнесената небулозна бројка од 1090 проекти кои, како што рече претседателот на ДПМНЕ, неговите градоначалници ги реализирале во првите 100 дена од мандатот.

Тезата дека Мицко бил изманипулиран и дека немал увид во веродостојноста на информациите за досега сработено кои му ги доставиле градоначалниците, не пие вода. Не само што тој воопшто не е наивен, туку не постои толку неук човек кој ќе поверува дека за 3 месеци може да се изгради училиште, градинка, булевар, водовод или канализација. Не постои! Од проста причина што сето она кое на дружбата во Филхармонија беше сведено под графата „сработено“, е мерливо и видливо со голо око.

Да речеме, можеби битолчани не знаат што се случува во Свети Николе, исто како што граѓаните на Неготино абер немаат за работата на локалната самоуправа на Гостивар. Ама, затоа пак секој граѓанин е сведок на случувањата и градежните активности во општината во која живее. Секој од нас знае што, и дали воопшто нешто се работи во градот или населените места. Дали се градат училишта и градинки, дали се реновираат плоштади и фонтани, дали се асфалтираат улици…

Од тие причини, сосема е јасно дека партиската збиранка која по налог на Мицко ја осмислиле експертите за лаги и манипулации на ДПМНЕ, беше во функција на покривање на неработењето на нивните градоначалници. Или поконкретно, пропагандистичка журка за промоција на локалните Потемкинови села.

„Локомотива“ на возот кој мицковци го нишаат за да мислат патниците дека се движат, е кметицата Данела. Во изминатите 100 дена, врвно достигнување на менаџерката со „европско“ реноме и (не)потврдено бугарско државјанство, се нивелираните 62 шахти. Нема бесплатен јавен превоз. Нема 250 нови автобуси. Нема пари за заштита за животната средина. Нема. И нема да има.

Во духот на народната „Ем шуто, ем боде“, од позиција на претседателка на ЗЕЛС, Данела се закани со радикализирање, ако Владата на општините не им ги платела сметките за струја. Не знам што подразбира под „радикализирање“, ама знам дека после само 100 дена на скопјани им се смачи од нејзината неспособност да се справува со проблемите и неумеењето да ги реализира изборните ветувања.

Затоа, кметицата не треба да си ја ишка мувата и сопствената неспособност да ја покрива со закани, оти граѓаните се тие кои имаат мал милион причини да се радикализираат и да ја исфрлат од градоначалничкиот кабинет благонадежната менаџерка.

Наместо ПС: На Мицко му се совршено јасни состојбите во општините со кои управува ДПМНЕ, а уште повеќе лимитираните способности на неговите градоначалници. Ако после само 4 месеци на јавноста и’ стана јасно кому на последните избори ја дале довербата, ако уште сега граѓаните ја изгубиле надежта дека изгласаните промени на локално ниво ќе им донесат подобар живот, тогаш е повеќе од јасно какво ќе биде нивното мислење после 6 месеци, година…

Тоа е причината поради која рејтингот на градоначалниците на ДПМНЕ, а со тоа и партискиот рејтинг, има надолен тренд, со тенденција на забрзан пад. Мицко го знае тоа, заради што добива паничен напад од самата помисла на резултатите од испитувањето на јавното мислење пред почетокот на есента.

Ете затоа е неговото постојано и хистерично инсистирање на брзи и предвремени парламентарни избори. Сега и веднаш. Додека може да продаде уште некоја лага. Оти, времето не работи во корист на Мицко. Исто како што не работат ни градоначалниците.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …