Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само да се договорат како да ја спроведат, а тоа не е возможно меѓу патриоти и предавници.

Пишува: Ерол Ризаов

Со воодушевување ги прочитав клучните проекти од списокот на желби на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мистично насловени како „Платформа 1198“. Во наредните четири години нѐ очекуваат големи достигнувања и успеси, саде убавини и остварени соништа за подобар, побогат, побезбеден и подостоинствен живот. Се разбира, тоа може да се случи единствено по големата изборна победа што веќе е извојувана и треба уште само да се потврди на 8 мај, кога целата власт во земјата по волја на бога и народот ќе ја преземе ВМРО-ДПМНЕ. Затоа бидете на штрек, да не заборавите какви радости ве очекуваат ако навреме ја фатите вистинската страна.

Новите преродбеници ќе ве искачат на платформа над разбранувано море, на кое лично ќе ве пренесе Мицкоски, како Мојсеј својот народ во ветената земја, по 32 години талкање низ пустина. Не знам како ја доживеал оваа „платформа“ Никола Груевски. Како плагијат, или како признание на неговата „Преродба во сто чекори“ од 2006, или како продолжение и надградба во дополнителни илјада чекори на неговата голема стратегиска реформа тешка десетина милијарди долари?

Но, како и да е, нема големи разлики. Пак ќе бидеме светски прваци во бизнис клима со економски раст од 6 до 8 проценти на годишно ниво. Ќе се изградат сите почнати и непочнати автостради, брзи пруги, енергетски објекти од ветерни мелници до сите видови зелена енергија, што значи комплетна енергетска трансформација. Во најавите на клучни проекти испуштен е сонот за пловен Вардар до Егејското и до Црното Море, но не е доцна тоа да се најде на интегралното издание на „платформата“. Во зенитот на предизборната кампања ќе биде обелоденето и најголемото изненадување кое се чува во тајност, а тоа е што во ерата на постгруевизмот 2024 – 2034 ќе биде ланисиран и првиот македонски сателит, како замена на шарените бизнис балони што летаа над владата на премиерот реформатор Никола Груевски.

Качени на платформата која замавнува де лево, де десно над разбранетото копно, како море нѐ очекуваат тектонски промени во сите области, радикални реформи во економијата, во образованието, во земјоделството, стотици милиони евра ќе бидат обезбедени за проекти и филмски серии во културата, големи достигнувања во спортот до освојување на олимписки медали. Не помали ќе бидат вложувањата за заштита на човековата околина. Милијарди евра ќе се инвестираат за нишање на успивната платформа, резервирани за капитални инвестиции во рудници, во нови технологии, клинички центри, училишта…. и сѐ што ти душа посака. И во водата ќе се прави дупка.

Ќе нема повеќе балансер

Следуваат уште голем број крупни општествени и социјални реформи. Ќе добиеме парламент со само 90 пратеници, цела држава ќе биде една изборна единица, ќе има комплетна трансформација на владата, ќе се формираат нови министерства, ќе се намали администрацијата, ќе ги снема непотребните и нефункционални институции.

Едни од клучните промени ќе бидат укинувањето на таканаречениот балансер и спроведувањето на нов попис на населението. Да не редиме понатаму за да не се претвори платформата во празна слама. Да кажеме дека на „платформата“ во долниот кат се оформува последната верзија за внимателно приопштување дека ќе нема уставни промени и продолжување на преговорите со ЕУ додека не уследат одредени гаранции за заштита на идентитетските посебности на македонскиот народ, национална припадност, јазик и историја.

По ова сместување во втората класа на платформата на Бугарите, мислам дека сепак Никола Груевски нема да го тужи својот намесник Христијан Мицкоски за плагијат, во замена за безбедно враќање во татковината со подготвеност да се откаже од враќање и на политичката сцена. Нема да биде наивен како брат Љубе Бошковски, кој го дочека со зурли, тапани, леб и сол, како народен херој, но во своја слава, до моментот кога тој пројави политички амбиции за веднаш да заврши во затвор.

А, што се однесува до ветувањата, нема потреба од занесување – тие се дел од циркусот како и сите предизборни кампањи кога најмногу се лаже. Од милионите за култура со малку вложени пари може да се направи многу интересен документарен филм. А може и игран филм со драматични сцени полни со вознес од клучните проекти што им се ветени на граѓаните на Македонија во изминатите 32 години слобода, демократија и независност. Какво урнебесно смеење до солзи би предизвикале нашите неостварени, но и остварени проекти од хидродроми на Охридското Езеро до Скопје 2014 и конечно до нови технологии и живот на платформа со сите привилегии на големи плати, пензии, висок стандард, чист воздух и ограничено движење на изолиран простор како што е платформата, па макар се викала 1198.

Нешто што посебно ми остави силен впечаток е цврстата определба на Мицкоски за укинување на балансерот со условување на идните коалициони пртанери – ако не се укине балансерот, нема ни коалиција со апсолутниот победник на изборите. Браво! Ќе нема повеќе партиски вработувања, ниту на ДУИ, ниту на Алијанса, ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, на кој било во партиите победнички. На сите работни места ќе се вработуваат само најспособните и компетентни личности без оглед на нивната политичка, партиска, или национална и верска припадност. Не верувате? Не верувам ни јас, ама убаво е да се чуе. Добро, да не ситничариме повеќе, тоа не е така кажано во најавата на Мицкоски, но кога вели категорично дека ќе се укине балансерот сигурно на тоа мисли. Инаку, зошто би се укинувал, ако се вработуваат само вмровски кадри?

Сега, нема смисла да се објавуваат сите детали додека цутат сончогледите кои се секогаш добредојдени, без разлика каде припаѓаат, оти тие и онака никаде не припаѓаат. Значи се укинува балансерот и треба да биде јасно дека ќе се оди на непристрасен избор на способни и образовани млади луѓе на сите места каде ќе се прави чистка – и во институциите на првосудниот систем и во јавните државни компании и во владата и во дипломатските претставништва и на возачите, келнерите и хигиеничарките и секаде до каде допира долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …