Мицко & Села - „Стокхолмски синдром“ во домашно пакување

Мицко & Села – „Стокхолмски синдром“ во домашно пакување

Пишува: Зоран Милошески

„Стокхолмски синдром“ претставува необична психолошка состојба, во која жртвата од киднапирање, полов напад или жртва на насилство, емотивно се зближува и сочувствува со напаѓачот, односно сторителот.

Името на синдромот доаѓа од грабеж на банка во Стокхолм во 1973 година, кога двајца киднапери, додека преговарале со полицијата, шест дена во банката држеле четворица заложници. Кога завршила целата ситуација, заложниците, односно жртвите на грабежот, развиле позитивни чувства кон нивните киднапери, па дури и ги бранеле напаѓачите за време на сведочењето на суд.

„Стокхолмскиот синдром“ е првата асоцијација, верувам не само моја, на се’ поизвесното предизборно коалицирање на Алијансата за Албанците со ВМРО-ДПМНЕ, односно на Зијадин Села со Христијан Мицкоски.

Непобитен факт е дека интересот е најсилната алка која поврзува два или повеќе политички субјекта, да стапат во пред или постизборна коалиција. Тоа најмногу доаѓа до израз при поделбата на владиниот колач, кога секоја од партиите од победничката коалиција гледа да ќари што поголем број министерски, директорски и други раководни места.

Кога станува збор за формирање на владиното мнозинство, ретко кога (читај: никогаш) се водело сметка за блискоста на политичките програми на двата блока. Уште помалку, пак, за идеолошката блискост на носечките политички партии.

Од тој аспект, колку и некому да изгледа чудно, може да се каже дека актуелната коалиција на СДСМ и ДУИ е принципиелна, бидејќи станува збор за политички партии со, според партиските статути, јасно декларирана социјалдемократска определба. Ако е така, а така е, тогаш причините за 9-годишната „љубов“ помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, два идеолошки дијаметрално спротивни политички субјекта, заслужува многу посуштинска анализа. Освен, се разбира, ако не се согласиме во старт, дека станува збор за обичен „брак од интерес“.

Иако е излишно да се зборува за постоење на „непринципиелни“ коалиции, сепак, дури и во политиката, која често знаеме да ја поистоветиме со најстарата професија на светот, постојат некои непишани правила, морални норми и црвени линии кои, едноставно, не можат да се преминат.

Премногу се свежи лузните од 27 април 2017 година, за да заборавиме што се случи во тој „крвав четврток“, еден од најцрните датуми во нашата понова историја. Упадот на организираната толпа во највисокиот законодавен дом, Јавното обвинителство го квалификуваше како кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, заради што повеќемина учесници на настанот беа осудени на високи затворски казни. Видео снимките сведочат за бруталноста со која беа тепани пратениците, особено Зијадин Села, кој остана жив само по сплет на среќни околности.

Можат Гордана Јанкуловска и останатите од тогашното раководство на ДПМНЕ колку што сакаат да глумат лудило и да се оградуваат од настанот. Меѓутоа, инволвираноста на Грујо и злосторничкото здружување во организацијата на сето она што се случуваше пред и во највисокиот законодавен дом, е повеќе од очигледна. Она што дополнително го засилува ефектот на „Стокхолмскиот синдром“, е фактот дека и Мицко беше дел од толпата која упадна во Собранието со намера да предизвика државен удар и, како што сведочеа дел од пратениците, да убијат некои од нив. Првенствено, Заев, Џафери и – Села.

Партискиот колега на Села, Арбен Таравари, рече дека тоа што Мицко се извинил за настаните од 27 април, било доволно да му се простат гревовите.

Извинувањето на Мицко во стилот „Извини, Пиги, морално беше“, Таравари може да го прифати само како разрешница на лично недоразбирање помеѓу нив двајца. Но, кога станува збор за акт на насилство со кој е загрозен уставниот поредок и безбедноста на земјата, кој нашата држава ја донесе на столбот на срамот пред целата светска јавност, тогаш прифатеното извинување Таравари може да и’ го врзи на мачката на опашката. Оти, темелот на секоја демократска и правна држава, се Уставот и законите. Компромис по тоа прашање нема, и не смее да има. Крај.

Партиите на јунаците од домашното пакување на „Стокхолмскиот синдром“, вклучително и самите тие, немаат заеднички став за ниту едно од клучните прашања по иднината на државата. Меѓу другите, ниту по Преспанскиот договор, ниту пак по претстојниот попис.

Закопани во етничките ровови, заслепени со радикалните ставови по однос на националните прашања, европскиот видокруг на Мицко и Села не допира подалеку од сенката од опашките на орелот и лавот.

Оттаму, колку и да е силна асоцијацијата на синдромот од насловот на текстот, не треба да заборавиме дека Македонија не е исто што и Шведска, дека овде не живеат скандинавци туку тврдоглави и суетни балканци, кои дури и за најбаналните прашања се согласуваат како „рогови во вреќа“.

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …