Минатата година во сферата на евроинтеграциите беше успешна за земјава

Минатата година во сферата на евроинтеграциите беше успешна за земјава

2022 година може да се смета како успешна година за Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. По многу перипетии, на 19 јули земјава доби зелено светло за отпочнување на преговорите со Европската Унија. Ова успеа да се случи со интервенирање на Франција, која даде еден предлог за двете земји, што на почеток не беше прифатен од страна на Македонија, но потоа беше модифициран и беше прифатен од двете страни. Иако напорите беа направени од Франција, евроинтеграциите се отворија само по преземањето на претседателството од Чешка. Патот само што е започнат и земјата е пред едно долго патување со многу препреки. Но, сега засега целото прашање е во рацете на земјава, која го има отпочнато процесот на скрининг, односно на анализирање и усогласување на законодавството на земјава со ЕУ, пренесува Порталб.мк.

По посредувањето на неколку претседателства на ЕУ за да се реши овој проблем, земјава конечно успеа официјално да ги започне преговорите со ЕУ. За време на Француското претседателство со ЕУ се правеа постојани напори за да се надминат разликите меѓу Софија и Скопје, и постојано се спомнуваше и Португалскиот предлог, за кој всушност никогаш не стана јасно што содржи.

Софија на почеток не попушташе, притисокот од ЕУ се зголемуваше

Официјална Софија неколку пати испрати јасни пораки дека без вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, оваа земја треба да заборави на повлекување на бугарското вето. Во меѓувреме се интензивираа посетите на високи дипломати во Македонија и Бугарија. Притисокот врз Софија секој ден сè повеќе се зголемуваше, особено и по почнувањето на руската агресија во Украина. Без оглед на тоа дека на почетокот се разниша довербата оти фокусот нема веќе да биде во интеграциите на Западен Балкан, напротив, ова го зголеми уште повеќе интензитетот на ангажманот на ЕУ.

Францускиот министер за европски прашања, Клемент Боне во март даде сигнали дека Бугарија и Северна Македонија се многу блиску до постигнување договор, што би го ослободил создадениот грч поради билатералните прашања на историско, културно и јазично ниво.

„Вистина е дека има позитивни сигнали врз дискусиите во врска со билатералните прашања што се дискутирани и се дискутираат меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сум бил на посета во Бугарија на почетокот на француското претседателство, веднаш по потврдувањето на новата влада во Бугарија. Сум бил во контакт и во последно време со бугарските власти и со премиерот на Бугарија Петков“, рече тој.

Двете земји потпишаа неколку меморандуми за соработка, што покажа дека работите одат во добра насока. Меѓутоа Бугарија продолжуваше да изјавува дека ставот кон земјава останува ист, што значи дека нема повлекување на ветото без прифаќање на условите на Бугарија. За да се реши оваа ситуација требаше да интервенираат САД.

„Соединетите Американски Држави ќе го фасилитираат дијалогот меѓу Скопје и Софија за решавање на спорот за историските прашања, идентитетот, македонскиот јазик и правата на бугарското малцинство што живее во Северна Македонија“, изјави портпаролот на Американскиот стејт департмент, Нед Прајс, во едно интервју. Тој рече дека САД преговара со Скопје и Софија за да се решат билатералните недоразбирања.

Францускиот предлог беше решението

Пред да ѝ се даде зелено светло на Македонија, Франција даде еден предлог за надминување на бугарското вето за отпочнување на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.

Накратко, овој предлог беше составен од неколку елементи: Македонија треба да потврди пред ООН дека нема територијални претенции кон Бугарија, дека ќе биде вклучено бугарското малцинство во Уставот, ќе ги рехабилитира жртвите од југословенскиот комунизам, ќе ги хармонизира училишните учебници во согласност со работата на комисиите за историја, ќе ги отстрани сите табели што шират говор на омраза кон Бугарите и Бугарија, а двете земји ќе испратат еднострани ставови во врска со нивните позиции за македонскиот јазик.

Претседателот на Бугарија Румен Радев го поддржа францускиот предлог, додавајќи дека предлозите на француското претседателство за деблокирање на патот на Северна Македонија кон ЕУ се „најдобрите и најисправните во моментов“и побара од бугарската влада да заземе став во врска со предлогот.

„Актуелниот пристап не може да функционира. Бугарската влада треба да даде мислење врз основа на вештачењето на бугарското МНР и доколку на некој начин го ажурира ставот на националната рамка со нејзина одлука, само тогаш може да го достави до собранието за гласање, а не обратно“, рече Радев.

Двете држави го усвоија предлогот

Бугарското собрание ја усвои резолуцијата што го одобрува повлекувањето на ветото за отпочнување на преговорите за прием на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот беше усвоен со 170 гласови „за“, 37 „против“ и 21 „воздржани“. Меѓутоа, по усвојување на францускиот предлог од страна на Софија, Скопје првин го одби истиот, но потоа беше изменет и прифатен. Македонската опозиција организираше низа протести против францускиот предлог.

Потоа францускиот предлог премина во Собрание каде што на 16-ти јули се усвои. 68 пратеници гласаа „за“, а претходно салата ја напуштија пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на Левица. По гласањето пратениците на парламентарното мнозинство со ракоплескање го поздравија усвојувањето на францускиот предлог и ги мавтаа знамињата на Северна Македонија и Европската Унија.

Ден потоа, министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол по заедничката меѓувладина комисија. Два дена потоа, во Брисел по 17 години препораки за отпочнување на преговорите, се одржа првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската Унија. Премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик го прочита воведниот говор, а попладне започна скринингот, кој ќе трае година и пол. По завршување на скринингот, планирана е втората меѓувладина Конференција, со која треба да заврши фазата на отворање на преговорите, но одржувањето на истата е условена со уставните измени, односно вклучувањето на Бугарите во Уставот.

Што во 2023 година?

Што се однесува до тоа како ќе се одвива евроинтеграцискиот пат на Македонија во 2023 година има неколку варијанти. Македонија треба да ги направи уставните измени, кои по сè изгледа, дека нема да се случат толку лесно. Опозицијата не ги прифаќа условите на Бугарија и бара избори. Доколку не се случат овие избори или уставните измени, може да се закочи и евроинтеграцискиот процес, бидејќи ќе заврши процесот на скринингот, а тие две работи одат паралелно.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …