Министерот Филипче во посета на Прилеп: Бројот на новозаразени со коронавирус се стабилизира, почитувањето на мерките дава резултат

Министерот Филипче во посета на Прилеп: Бројот на новозаразени со коронавирус се стабилизира, почитувањето на мерките дава резултат

Министерот за здравство во Владата на Република Северна Македонија, Венко Филипче, денеска престојуваше во општина Прилеп, при што оствари средба со градоначалникот Илија Јованоски и директорите на здравствените институции од градот, како и со началникот на Инфективното одделение при Општата болница „Борка Талески“.

Министерот Филипче напомена дека Прилеп е меѓу градовите каде во последните петнаесетина денови сеуште имаше благ пораст на бројот на заболени, но дека на основа на последните анкети и следењето на состојбата, може да се каже дека притисокот кој беше присутен на почетокот на ноември, полека опаѓа.

„Очигледно е дека мерките и сега даваат резултат. Вака димензионираните мерки со затворање на угостителските објекти после 21 часот, забраната за групирање практично во текот на сите 24 часа, постепено ја олабавува ситуацијата. На средбата со Комисијата за заразни болести, заклучивме дека нема потреба за дополнителна рестрикција и дека во сите земји во Европа, ваквата комбинација на мерки даде резултат. Болницата во Прилеп е одлично организирана, пациенти се сместени во 5 одделенија, мобилизирани се сите лекари, медицински сестри и помошно-технички персонал, а после апелот на градоначалникот, одличен е одзивот на матичните лекари. Секако дека тоа е за поздравување, очигледно е дека матичните лекари се свесни за ситуацијата и дека сакаат да дадат свој придонес да се намали притисокот кон здравствените работници кои што во овој момент работат со намалена бројност заради нивните заболени колеги“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче потсети дека во тек е и брзото тестирање за пациентите во болничките установи, но и за останатите граѓани за кои треба да се одреди дали ќе се третираат во изолација или во другите делови од болницата. Министерот упати апел до граѓаните да продолжат со уште поголемо почитување на мерките, бидејќи е очигледно дека тоа е единствениот начин за справување со пандемијата.

Во својата изјава, градоначалникот Илија Јованоски потенцираше дека на денешната средба со министерот за здравство Венко Филипче, било заклучено дека последните епидемиолошки анкети покажале ефикасност на актуелните мерки за справување со пандемијата на Ковид-19 и дека се’ што во овој момент е потребно, е нивно почитување.

„Ние, како Општински кризен штаб, продолжуваме со спроведување на нашите мерки. Со задоволство можам да кажам дека наидовме на подадена рака од страна на здружението на матични лекари од нашиот град, чии тимови од утре ќе започнат со волонтирање во Инфективното одделение во болницата ‘Борка Талески’. Како што кажа началникот на ова одделение, најмногу помош им треба во деновите од викендите. Сакам да упатам благодарност до волонтерите од спасителната служба „Златоврв“, чија работа на терен во изминативе два дена веќе дава резултати. Нивниот ангажман придонесе за ставање на ред пред банките, маркетите, пазарот и на сите јавни места каде имаше групирање на граѓани. Се’ додека има потреба од нивниот ангажман, тие ќе бидат активни“, истакна Јованоски.

На крајот, градоначалникот Јованоски уште еднаш нагласи дека во овој момент Општата болница „Борка Талески“ располага со доволен број на кревети за хоспитализирање на пациенти заразени со коронавирус и дека согласно проценките и епидемиолошките анкети, за очекување е дека бројот на заболени од ден на ден ќе се намалува.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …